Велешкото езеро „Младост" една година без концесионер

 Речиси една година, или од август 2018, велешкото езеро „Младост" е без концесионер, а  откако му заврши петгодишната концесија на последниот концесионер ЗСР„Бабуна" од Велес.

Немањето концесионер значи дека нема кој да се грижи за подмладување на рибниот фонд на езерото со годишно порибување, но и нема кој да врши  заштита на целокупната флора и фауна од загадување и уништување. Во  отсуство на  концесионер, полицијата секојдневно врши по две засилени контроли и при тоа ги опоменува спортските и рекреативни риболовци дека не е дозволен риболов,а од друга страна рибократците со мрежи ги санкционира.

Како што потенцира за МИА, Лазар Лазаревски од  ЗСР „Бабуна", крајно време е МЗШВ да распише конкурс и  да избере нов концесионер. Потоа  новоизбраниот концесионер согласно законот во наредните пет години  ќе може да  стапанисува со рибниот фонд и  да ќе се грижи за целокупната флора и фауна и да ја заштитува од уништување и еколошки загадување.

Лазаровски  потенцира  дека многу се доцни  со конкурсот, а кој по правило треба да биде распишан кон крајот на календарската и почетокот на новата година.

-Ако сега се распише, концесионерот ќе се избере  дури во септември со што наместо 12, остануваат  само три – четири месеци за концесионерот за оваа тековна година. Тоа  ќе значи и само три- четири месеци риболов на езерото за спортските и рекреативни риболовции кои се со годишна чланарина за Ревир Вардар 4, а во кој  покрај риболов за  реките во Велешко, редовно се  опфаќа и езерото „Младост", појаснува Лазаревски.

Тој потенцира дека поради доцнењето со избор на концесионер, ќе се јави и проблем колкави да бидат  давачките на концесионерот, а кои тој ќе мора да ги плати кон МЗШВ и Риболовната Федерација на Македонија.

Од  ЗСР „Бабуна" појаснуваат  дека една од обврските  на концесионерот кој ќе стопанисува со целокупниот рибен фонд на езерото, е да врши и годишно порибување на езерото.

Инаку, ЗСР „Бабуна" годишно порибуваше по 500 килограми или во изминатите пет години тие го порибија велешкото  езерото „Младост" со пет и пол тони крап.

Езерото „Младост" поради богатиот фонд на риба е многу  интересно за риболовците не само од Велес, туку и од Скопје и други градови, а на него секоја година се одржуваат домашни и меѓународни натпревари во спортски риболов.

Резултати од анкетата за цените и квалитетот на интернет услугите

Истражувањето е спроведено на репрезентативен примерок од 1.202 испитаници во земјава, од 16 февруари до 7 март 2019 година.

 Задоволството на граѓаните од цените и квалитетот на услугите во мобилната телефонија и интернетот, ќе бидат презентирани денеска на информативна средба со медиумите што ја организираат Евротинк – Центарот за европски стратегии, НВО Инфоцентарот, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На средбата ќе бидат презентирани и наодите од анкетното истражување за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), спроведено во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch II".

Истражувањето е спроведено на репрезентативен примерок од 1.202 испитаници во земјава, од 16 февруари до 7 март 2019 година.

Во рамки на информативната средба ќе бидат презентирани и две дигитални видеа со кои организаторите, како што најавуваат, ќе се обидат да дадат одговор на прашањата: Какво е задоволството од квалитетот и цените на услугите во мобилната телефонија и интернетот?;

Каква е информираност на граѓаните за работата АВМУ и АЕК?, Каква е перцепција на граѓаните за транспарентноста, професионалноста и независноста на двете регулаторни тела? и Како според граѓаните се назначуваат лицата на раководните позиции во АВМУ и АЕК?

Седници на Законодавно-правната и Комисијата за политички систем

 Во Собранието денеска ќе заседаваат Законодавно-правната и Комисијата за политички систем и и односи меѓу заедниците.

Комисијата за политички систем ќе ги разгледа Предлог-законот за изменување на Законот за вработените во јавниот сектор, во второ читање, како и Информацијата за спроведувањето на препораките на Народниот правобранител за надминување на констатираните состојби содржани во Извештајот на Народниот правобранител, од страна на органите на државната управа опфатени во истиот.

Законодавно-правната комисија ќе одржи две седници. на првата се Предлог-законот за изменување на Законот за вработените во јавниот сектор и две барања за автентични толкувања, додека на дневен ред на втората е Статутот на Универзитетот во Тетово.

Меѓународен ден на бегалците

 Во земјава денеска ќе биде одбележан Меѓународниот ден на бегалците.

По тој повод на Правниот факултет „Јустинијан Први" во Скопје, на свеченост ќе се обрати Моника Сандри, претставничка на УНХЦР во Скопје, проф. д-р Сашо Ѓорѓиевски, претставник на Правната клиника на Правниот факултет „Јустинијан Први", Љупка Новеска Андоновска, претседателка на Управниот одбор на Македонското здружение на млади правници и Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија.

Во рамките на одбележувањето ќе им бидат доделени награди на победниците на Награда за професионално известување за состојбата на бегалците при мешаните миграциски движења за 2018 година во  Македонија, како и сертификати за студентите кои успешно ја завршија практикантската работа на Правната клиника. 

притисни ентер