Објавен првиот тендер за изградба на фотоволтаични електрани на државно земјиште

Почнува трката за добивање на државни премии за изградба на фотоволтаични електрани на државен плац. 

Основен проект, еколошки елаборат и опрема ќе треба да обезбедат фирмите, а за возврат ќе добијат урбанизирано земјиште, подготвено за градење - со сите завршени административни процедури. Услов да се добие локацијата е кој ќе побара најмалку помош од државата.

„Доколку сте компанија што знае што прави, банките тоа треба да го препознаат и со некое сопствено учество од 20 до 30 проценти може да отпочнете инвестиција, а остатокот да го земете како кредит. Значи секој оној што може да издвои 150 илјади евра сопствени средства може да учествува на овој тендер, или со други зборови секој што има два стана може да ги стави под хипотека и да учествува на овој тендер.“вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Освен овие 35, наредните недели објавен ќе биде и тендерот за 27 мегавати – приватно земјиште. Со овие инвестиции се очекува земјава да произведува 3 пати повеќе сончева енергија од сега. Владата планира инвестиции од 200 мегавати во обновливи извори на енергија.

- Ова е еден од низата тендери кои ќе ги обајавиме. „Веќе за неколку недели ќе оди и тендерот за приватно земјиште. Таму каде што веќе одредени инвеститори имаат урбанизација, откупено земјиште и нив сакаме да има дадеме шанса да инвестираат. Таму 27мв, плус овие 35мвтоа се вкупно 62мв што е повеќе од три пати од се е досега инталирано во државата. Досега имаме 18 мв во сите години наназад.“ истакна Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Европската енергетска заедница неодамна констатираше дека земјава нема да успее да ја исполни обврската до крајот на идната година да произведува 23% енергија од обновливи извори. Европа сега ќе ни прогледа низ прсти, но, тоа ќе мора да го надоместиме во наредните 10 години.

Хантер Бајден бара отфрлање на обвиненијата за затајување данок

Хантер Бајден бара отфрлање на обвиненијата за затајување данок, за кои тврди дека се политички мотивирани.

Адвокатите на Хантер Бајден, синот на американскиот претседател Џо Бајден, побараа да се отфрлат обвиненијата против него за федерално затајување данок како дел од политички мотивираното гонење.

Ејб Ловел, главниот бранител на Хантер Бајден, истакна дека ова не е обичен случај, тврдејќи дека има неправилности во начинот на кој бил покренат и истражен, што федералните обвинители го отфрлија, пренесува Си-Би-Ес њуз.

Во правните поднесоци поднесени во последниве недели, канцеларијата на специјалниот советник Дејвид Вајс соопшти дека политиката нема никакво влијание врз случајот и ги отфрли тврдењата дека обвиненијата се покренати за да се смират републиканците, нарекувајќи го тврдењето „поттикнување заговор“.

Окружниот судија на САД Марк Скарси подоцна укажа на недостиг на докази за поддршка на тврдењето дека политиката има какво било влијание врз обвиненијата.

Хантер Бајден не се појави на сослушувањето во средата, но се изјасни за невин по девет федерални даночни обвиненија во Централниот округ на Калифорнија во јануари, откако федералните обвинители наведоа дека тој се вклучил во „четиригодишна шема“ за да избегне плаќање најмалку 1,4 милиони долари даноци и го обвинија за непријавување и неплаќање данок, односно затајување.

Видео: Четворица убиени, петмина избодени во напад во Илиноис

 Четири лица се убиени, а пет се повредени во напад во Рокфорд, Илиноис, додека 22-годишен осомничен маж е уапсен.

Полицијата, исто така, соопшти дека некои од жртвите биле избодени со нож, но во нападот не било употребено огнено оружје, пренесуваaт локалните медиуми.

Убиени се 15-годишно девојче, 63-годишна жена, 49-годишен маж и 22-годишен млад човек.

Шефицата на полицијата во Рокфорд, Карла Ред, изјави дека загинале вкупно четири лица, додека еден е тешко повреден.

Четири лица се префрлени во болници, каде состојбата им е стабилизирана.

Полицијата соопшти дека засега не е позната причината за нападот.

Во Собранието последна нова седница во овој парламентарен состав

Во Собранието последна нова седница во овој парламентарен состав, на дневен ред Декларација за годишнината на НАТО.

Собранието денеска ќе ја започне последната нова седница во овој парламентарен состав. На предложениот дневен ред за 149. седница се тринаесет точки. По оваа седница закажани се и продолженија на 131-та, 135-та, 138-та, 145-та и 103-та седница.

Во рамки на новата 149. седница пратениците треба да ги разгледаат Предлог на декларација за одбележување на четвртата годишнина од членството на Република Македонија во НАТО и Седумдесет и петтата годишнина од формирањето на Алијансата, Дополнетиот предлог на законoт за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите, Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител, Дополнет предлог на закон за основање на Медицински факултет во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, сите во второ читање и Предлог на автентичното толкување на член 93 став 2 од Законот за урбанистичко планирање и Барањето за давање на автентично толкување на член 19 од Законот за наследувањето, поднесено од пратеникот Лидија Тасевска, Дополнет предлог на закон за виното, второ читање, како и Предлог на закон за изменување на Законот за културата, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми, Предлог на закон за дополнување на Законот за спортот, и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Македонската академија на науките и уметностите, сите по скратена постапка.

На продолженијата на 131-та, 135-та, 138-та, 145-та и 103-та седница, меѓу другите, на дневен ред се и закони за кои е завршена расправата и за кои ќе треба само да се гласа.

Собранието неформално ќе ја прекине работата во пресрет на кампањата за претседателските избори на 24 април која почнува на 4 април, додека парламентарните избори се закажани за 8 мај.

притисни ентер