Почна со работа хируршкото одделение во струшката болница

Хируршкото одделение во струшката општа болница денеска почна со работа, по пауза од околу една недела поради зараза со морбили на дел од персоналот, како превентива против ширење на заразата.

Ваквата одлука ја донела Комисијата за хоспитални инфекции, информира претседателот Мухамед Асани. Тој посочи дека ја следат состојбата и со останатите одделенија на болницата.

– Извршена е дезинфекција на болницата, а вакциниран е и поголем дел од персоналот. Оние што беа заразени од морбили се излекувани и вратени се на работа, изјави Асани.

Началникот на струшката хирургија, др. Владо Дојчиновски посочи дека нема нови заразени случаи на вработени во одделението последнава недела.

– Комисијата одлучи, и ние од денеска почнавме со работа. Веднаш почна со работа и оперативниот дел. Поминаа повеќе од седум дена, период на инкубација и нема нови заболени од морбили, изјави Дојчиновски за МИА.

Според раководителот на епидемиолошката служба во Струга Добривое Кузманоски, трендот со заболени од морбили последните денови опаѓа.

– Вчера имавме само една пријава на заразено лице со морбили на територија на општина Струга, додека минатата недела имаше шест заразени. Се намалува трендот на заразени, а во наредниот период очекуваме состојбата да се нормализира, изјави Кузманоски.

Хируршкото одделение во струшката општа болница беше затворено повеќе од една недела, како превентива од ширењето на малите сипаници со кои беше заболен дел од персоналот, а итните случаи беа препраќани во болницата во Охрид.

Во Струга и Струшко од почетокот на епидемијата досега се регистрирани 120 заразени од морбили.

Отворање на изложбата „Интимност и интерконекција“ во Куманово

Зимскиот салон од Штип ќе гостува во Куманово со изложбата „Интимност и интерконекција“ која ќе биде претставена во уметничката галерија во градот.

Отворањето на изложбата е вечер во 19.30 часот, а посетителите ќе имаат можност да ја посетат до 8 мај.

-Сметаме дека ваквите претставувања на изложбите на ДЛУМ се од голема важност бидејќи ДЛУМ се состои од членови од цела Македонија, велат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Следната поставка на оваа изложба се планира да биде во Музеј Битола.

Премиера на „Паника“ во Велешкиот театар

Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ вечерва во 21 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Паника“ на финскиот автор Мика Мулуахо, во режија на Александар Ивановски. 

Во претставата, која е дуо драма настапуваат Стефан Николовски како Лазе и Филип Христовски како Мики. Драматург на претставата е Катерина Момева а сценографија на Филип Коруновски а музиката е во избор на двајцата актери.

Како што појаснуваат од велешкиот театар, приказната е за двајца другари што се немаат видено долго време и после многу поминати години и патешествија во животот, тие се соочуваат еден со друг, си помагаат еден на друг, се провоцираат еден со друг, преку што избиваат нивните внатрешни конфликти.

-Во претставата се навлегува во најдлабоките теми на суштествувањето, прашања што го мачат секој човек кој сака да биде сакан и прифатен, а општествениот и социјален притисок наметнува стеги каде индивидуалниот идентитет се гуши, се преиспитува себеси, а преку оваа претстава сугерираме дека човек треба прво да се прифати таков каков што е, за да може да се промени. Играјќи си со жанровите, понекогаш нештата изгледаат многу трагично, а има мигови кога не ќе можете да се воздржите од смеење, поради суптилниот хумор што се провлекува низ целото дело и преку кој се релативизираат проблемите, се разобличуваат карактерите со нивните човечки мани, оправдувајќи ја нивната несовршена природа, појаснуваат од театарот.

Израел вели дека ја покажал својата способност да нападне во внатрешноста на Иран

Денешниот напад „имаше намера да му сигнализира на Иран дека Израел има способност да нападне во внатрешноста на земјата“, изјави неименуван израелски функционер за „Вашингтон пост“.

Нуклеарната организација на ОН (МААЕ) потврди дека иранските нуклеарни локации се неповредени, по извештаите за напад во ирански Исфахан.

МААЕ, исто така, го повтори својот повик и Иран и Израел да покажат максимална воздржаност, нагласувајќи дека атомските капацитети никогаш не треба да бидат цел.

притисни ентер