Косовски специјалци апсеа српски полицајци на северот на Косово, Вучиќ се закани со војската

Сирените рано утрината ја означија големата полициска операција во четирите косовски општини со мнозинско српско население. 

Истрели од оружје, шок бомби и веќе познатата слика на паркираното возило на КФОР пред мостот што ја дели Митровица, повторно го подели Косово и го наруши кревкиот мир.

Вооружени единици на специјалната косовска единица РОСУ упаднаа во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ и Северна Митровица во операција на апсење на полицајци и граѓани, осомничени за криминал и корупција.

Според српскиот претседател Вучиќ приведени се 23 лица, кои немаат никаква врска со криминал и оти во заднина се крие големата слика да се заплаши српското население во земјава.

-Хашим Тачи ја повика Албанија на обединување. Тоа значи дека тие сакаат да воспостават албанска граница спрема Србија и на Копаоник, односно граница на голема Албанија. Наредив потполна воена и борбена готовност на сите армиски единици. Сите полициски единици за специјални и посебни намени се во потполна приправност, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Најкритично беше во Зубин Поток, каде косовските специјалци насила ги урнаа поставените барикади на граѓаните, а во судирите се повредени најмалку двајца цивили. Косовскиот претседател Тачи порача дека Косово е правна држава и дека операцијата се одвивала во повеќе општини без разлика на етничкиот карактер.

Предупредувањата на Вучиќ дека ако треба воено ќе интервенира, го нарече чист популизам.

-Србија и Вучиќ сметаа дека Косово не може да биде слободно и независно, но ние мислевме дека може. Се работи за акција на пошироко подрачје на Косово. Уапсени се официјални лица и граѓани од различни националности. Исто така уапсен е и еден Русин, кој бил инфилтриран и се обидувал да ја спречи полициската акција, изјави Хашим Тачи, претседател на Косово.

Апсењето на рускиот државјанин го вклучи алармот и во Москва. Министерството за надворешни работи побара негово итно ослободување и ги повика Вашингтон и Брисел да ги вразумат косовските безбедносни сили.

Европската Унија ги повика двете страни на воздржаност и порача дека операцијата на косовската полиција мора да биде согласно законите.

Тензиите се случуваат во момент кога дијалогот меѓу Белград и Приштина е целосно замрзнат и шест месеци по воведувањето на радикалните 100-отстотни такси на увозот на српски производи од страна на Косово.

Израелската армија го потврди убиството на висок функционер на Хезболах

Израелската војска потврди дека го убила Али Абед Асан Наим, заменик командант на ракетната дивизија на Хезболах. Тој бил убиен во напад со беспилотно летало во либанскиот регион Базуриех, објавија британските медиуми.

Израелската војска соопшти дека Наим насочил ракетен истрел со тешка боева глава кон израелска територија од Либан. Според израелските воени претставници, убиениот висок функционер на Хезболах бил одговорен за планирање и извршување на напади врз израелски цивили.

„Хуавеј“ минатата година со двојно поголем профит

Кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“ денеска соопшти за значително поголем профит во 2023 година, благодарение на силните резултати од неговите оддели за обработка заснована на Интернет и софтвери за автомобили.

Приходите на компанијата се зголемија за 9,63 отсто минатата година, на 704,2 милијарди јуани (99,4 милијарди долари).

Нето добивката се зголеми повеќе од двојно и изнесуваше 86,9 милијарди јуани.

Главниот столб на компанијата минатата година беше неговиот оддел за опрема за ИКТ инфраструктура, со приход од 362 милијарди јуани, што е за 2,3 отсто повеќе од 2022 година. Голем број западни земји забранија инсталирање на опрема на „Хуавеј“ во мобилните мрежи, повикувајќи се на националната безбедност.

Бајден: Постојано работиме да издејствуваме ослободување на Гершкович

Белата куќа објави изјава од претседателот Џо Бајден по повод навршувањето на една година руски затвор на новинарот на Волстрит џурнал, Иван Гершкович.

-Новинарството не е злосторство и Иван замина за Русија да ја врши својата работа на известувач со ризик за неговата безбедност за да се открие вистината за жестоката агресија на Русија против Укаина. Веднаш по неговото неправедно и незаконско задржување тој од затворот испрати писмо до своето семејство, изјави претседателот на САД.

Во писмото новинарот напишал дека „не губи надеж“.

-Како што им кажав на родителите на Иван, јас исто така не губам надеж. Ќе работиме секојдневно да издејствуваме негово ослободуање, рече Бајден.

Тој вети дека САД и понатаму ќе ги осудуваат и ќе воведуваат мерки „за обидите на Русија да ги користи Американците како монети за размена“.

Гершкович беше задржан лани во март. Оттогаш е се уште во притвор и чека судење по обвинение за шпионажа, што е категорично отфрлено од него, неговиот работодавач и владата на САД.

Во случај да биде прогласен за виновен, тој може да биде осуден на 20 години затвор./МИА

притисни ентер