Седница на Централниот Одбор на СДСМ: Кого ќе фати метлата?

Во седиштето на Бихаќка денеска попладне се очекува седница на Централниот одбор на СДСМ на која главна тема ќе биде опрацијата метла.

Кадровските промени главна тема на седницата на Централниот одбор на СДСМ. Премиерот и претседател на социјалдемократите, Зоран Заев со највисокото партиско раководство ќе расправа кој и зошто треба да си замине од досегашната функција.

Седницата следи неколку дена откако Заев ги разреши речиси сите претседатели на општинските одбори на СДСМ и во пресрет на најавената владина реконструкција.

Аналитичарите очекуваат Заев да ја искористи меѓународната и домашната поддршка за операцијата „Метла“ и да ја реализира најавената владина реконструкција и смените во директорските фотелји.

Рамадани очекува, по речиси реализираните амбиции на меѓународен план, Заев да избере кадри чиј фокус сега ќе бидат секојдневните проблеми на граѓаните.

Заев најави дека списокот со имиња на функционерите кои ќе си заминат како и причините ќе ги објави во првата половина од јуни. Се најавува дека ќе направи смени на осум министерски позиции. Дел од неофицијалните информации говорат дека на коалициониот партнер, Али Ахмети на последната средба минатата недела му предложил СДСМ со реконструкцијата да го преземе ресорот животна средина, а за возврат ДУИ да го добие министерското место во транспорт и врски.

Бојан Јовановски денеска повторно на распит за „Рекет"

Во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција на распит денеска треба повторно да биде спроведен првоосомничениот за случајот „Рекет" Бојан Јовановски – Боки 13, кој се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје.

Ова е втор исказ на Јовановски за случајот „Рекет". Бојан Јовановски – Боки 13 на 15 јули годинава беше приведен на распит во Обвинителството заедно со второосмоничениот Зоран Милевски.

По неколкучасовниот распит Јовановски беше изведен пред Суд, каде на барање на Јавното обвинителството му беше одредена мерка притвор.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, која исто така, се наоѓа во притвор како третоосомничена исказ ќе дава во вторник.

Во случајот „Рекет" што го отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција осомничени се  Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец, како и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Сите тројца се во притвор. /МИА

Претседателот Пендаровски во посета на Велес

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска ќе престојува во посета на Општина Велес.

Посетата на Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, е во рамки на проектот „Лице в лице".

Пендаровски заедно со градоначалникот на Велес Аце Коцевски ќе засади садници на опожарените места крај езерото Младост, а потоа ќе ги посети ООУ „Св. Кирил и Методиј" и Територијалната противпожарна единица во овој град./МИА

На првиот есенски ден променливо време и локален дожд

Од денеска почнува есента на северната хемисфера, а истовреме на јужната хемисфера почнува пролетта.

На првиот ден од есента, Сонцето во Скопје ќе изгрее во 06:20 часот, а ќе зајде во 18:32 часот. Денот ќе трае 12 часа и 12 минути.

Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди. Попладне и кон крајот на денот се очекуваат повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат проследени со ретки грмежи. Врнежи ќе има и во вторник кога на места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер./МИА

притисни ентер