Повратник од Германија починал од срцев удар во казино во Кавадарци

Повратник од Германија на педесетина години, вечерва добил срцев удар во казино во Кавадарци и починал на самото место додека играл игри на среќа.

Оваа информација за МИА ја потврдија Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес и Драган Димитров, раководител на Брза помош Кавадарци.

Според првичните информации, човекот и претходно имал срцеви проблеми во Германија. Засега не се соопштуваат детали за случајот. 

Претседателот на Собранието,Џафери во посета на Кина

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери од денеска до 20 јуни е во официјална посета на Народна Република Кина, по покана на претседателот на Кинеската народна политичка консултативна конференција, Ванг Јанг.

Џафери како што соопштуваат од неговиот кабинет, е во придружба на Горан Мисовски, потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Алими, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, претседателкта на пратеничката група за соработка со Народна Република Кина, Владанка Авировиќ и со генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова.

Според агендата, предвидено е Џафери и делегацијата да остварат средби со домаќинот, претседателот на Кинеската Народна политичка консултативна конференција, Ванг Јанг, со неговиот заменик, Џанг Чингли, потоа со претседателот на Секинеското Народно Собрание, Ли Џангшу, како и со претставници од извршната власт и претставници на локалната власт во Шангај.

Попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето претпладне ќе биде сончево и топло со умерена облачност, а попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. 

Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град.

Минималната температура ќе се движи од 11 до 19, а максималната од 27 до 34 степени Целзиусови. УВ индексот ќе изнесува седум.

Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер со температура од 17 до 32 степена.

Во следните денови во попладневните часови ќе има честа појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град. Максималните температури до средината на наредната седмица ќе бидат во благо опаѓање.

Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар"

На армискиот полигон „Криволак" денеска ќе се реализира Денот за високи гости на вежбата „Одлучен удар" .

Денеска ќе се презентираат офанзивни операции на пешадиската баталјонска група на Армијата на Република Северна Македонија, заедно со припадници на Националната гарда на Пенсилванија.

Како што информираат од Министерството за одбрана, дел од вежбата на Денот за високи гости ќе бидат воздухоплови на Армијата и воздухопловот Б-52 од вооружените сили на САД, специјални сили од Армијата на Република Северна Македонија, вооружените сили на Албанија, Бугарија и САД, како и артилериска поддршка од вооружените сили на Литванија.

На денот за високи гости ќе присуствуваат претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на армијата Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министри во Владата, в.д. амбасадорката на САД Микаела Швајцер-Блум, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на САД, Бугарија, Албанија, Грција и НАТО, како и амбасадори и одбранбени аташеа акредитирани во земјава.

Вежбата „Одлучен удар" е најголемата  досега организирана вежба во земјава во која се вклучени над 2.700 припадници од вооружените сили од Северна Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија. Започна на 5 јуни, а ќе трае до 9 јули. 

притисни ентер