Двајца повредени во сообраќајка под Плетвар

Двајца се полесно повредени при сообраќајната несреќа што се случила претпладнето на патот Градско-Прилеп, на 20-ина километри под превојот Плетвар. 

Повредените се префрлени во прилепската градска болница на испитување и на лекување.

Според првичните информации од службата за итна медицинска помош од Прилеп, која била повикана да интервенира во 9.50 часот, сообраќајната несреќа била помеѓу камион и автомобил. Повредените не се во животна опасност.

Автобусите на ЈСП утре ќе сообраќаат по неделен возен ред

Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје" утре ќе сообраќаат по неделен возен ред поради  државниот празник 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба.

ЈСП соопшти и дека утре дежурни ќе бидат три  билетарници – Транспортен центар и Зелено пазарче ќе работат од 7 до 19.30 часот, а работното време на билетарницата Ѓорче Петров ќе биде од 7 до 13 часот. 

Се одбележуваат деновите на медиумска писменост

Под мотото „Застани, размисли, провери!“ почнувајќи од денес, па се до 15 ноември, во организација на Мрежата за медиумска писменост се одржуваат Денови на медиумска писменост.

На овој начин, земјава се вклучува во одбележување на осмата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.

Во текот на четири седмици, граѓаните ќе имаат можност да се вклучат во триесетина работилници, дебати, семинари, отворени денови и други настани фокусирани на различни аспекти од медиумската писменост. Целта на Деновите на медиумската писменост, меѓу другото е да ja подигне јавната свест за важноста на медиумската писменост, со неа да се запознаат различни категории граѓани од сите возрасни групи (деца, млади, возрасни и пензионери), да се стекнат со вештини за медиумска писменост, да се обезбеди платформа за соработка, размена на искуства и развој на одржливи проекти за медиумската писменост.

Како што информираше директорот Зоран Трајчевски на денешната прес-конференција, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Деновите на медиумска писменост, учествува со неколку настани. Отворени денови за посета на Агенцијата се 31 октомври и 1 ноември, кога сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност одблизу да се запознаат со нејзините надлежности, но и да научат нешто повеќе за медиумската писменост.

На Конференцијата на 14 и 15 ноември, ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето на нивото на медиумска писменост кај возрасните и кај бруцошите, реализирано со поддршка на ОБСЕ, ќе се одржи дебата на тема онлајн потрошувачка и работилница за медиумска писменост со подмладоци на политички партии. Меѓу планираните настани е и Саем на кој ќе биде претставена работата на членките на Мрежата.

На прес-конференцијата се обратија и претставниците на Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Конеду Глобал, Советот за етика во медиумите на Македонија, Евротинк, Фондацијата Метаморфозис, Институтот Охрид, Младинскиот образовен форум, ВЕЗ – Вредност за европско знаење, Лице в Лице, Македонска радио телевизија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Женската граѓанска иницијатива Антико, кои се активно вклучени во реализацијата на Деновите на медиумска писменост.

За потребите на Деновите на медиумска писменост, со поддршка на Јавниот сервис, адаптиран е аудио и видео спот на македонски и албански јазик, кој во оригинална форма е изработен од Мрежата за медиумска писменост на Ирска и нивното регулаторно тело БАИ. Спотовите веќе се емитуваат на медиумите со цел граѓаните да се информираат за настаните за медиумска писменост.

Трипуновски: Неодговорниот пристап кон свинската чума – потенцијална опасност за нејзино ширење во земјава

Неодговорното однесување на власта го доведува во прашање здравјето на граѓаните и безбедноста на сточниот фонд во Република Македонија.

Две недели поминаа откако во државата е утврдено присуство на болеста Африканска свинска чума во увезено свинско месо, а граѓаните се уште не знаат дали е преземено се што е потребно за да се превенира ширење на ова заразно заболување.

Неодговорната власта предводена од СДСМ, и АХВ раководена од Зоран Атанасов, кадар на Зоран Заев, нестручно и крајно несериозно чекале една недела од влезот на заразеното месо во државата за да земат мостри од истото.

Дали заразеното месо дошло во контакт со други пратки кои биле во складиштето!? Колку уште случаи на Африканска свинска чума ќе излезат во јавност како последица на неодговорноста на власта!?

Зоран Заев и Зоран Атанасов мора да дадат одговори до каде е истрагата за потеклото на увезеното месо и дали се преземени сите неопходни мерки за да се спречи ширењето на вирусот на Африканска чума кај свињите во Македонија?

Власта мора да одговори дали за да овозможи нечии милионски бизниси го доведува здравјето на граѓаните и безбедноста на сточниот фонд во опасност!?

Неодговорниот однос при пристапот со Африканската свинска чума во период кога истата беснее на секаде во регионот и е потенцијална опасност за влез и ширење на болеста во Република Македонија, со што директно се загрозува свињарството и производството на домашно свинско месо е недопустлив.

Зоран Заев и Зоран Атанасов се на чекор да направат 100 милиони евра штета врз домашното стопанство. Апелирам во овие неколку месеци кои им остануваат како власт да не прават непромислени чекори.

Земјоделството не може да издржи уште една катастрофа.

Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер