Британската премиерка Тереза Меј утре ќе поднесе оставка

Британската премиерка Тереза Меј утре ќе поднесе оставка поради тоа што не е прифатена нејзината позиција за тоа како да се реализира напуштањето на Европската унија, објави весникот „Тајмс“, цитирајќи извори од владата.

Според весникот, таа може да поднесе оставка по состанокот закажан за в петок со Греам Брејди, претседател на „комитетот од 1922“, во кој се пратениците на Конзервативната партија а воедно и одлучува за прашањата за избор или смена на лидерот на партијата.

Според „ББЦ“ и „Дејли телеграф“, многу поддржувачи на премиерката одбија да ја поддржат, откако таа им вети на пратениците дека ќе можат да гласаат за одржување втор референдум за Брегзит, ако го поддржат договорот со ЕУ.

Според извори на ББЦ во владата, тоа предизвикало вистински шок кај некои министри, и на состанокот на кабинетот за проблемот со Брегзит, таквата можност не била одобрена.

Изложба на академскиот сликар Милко Нестороски

Во галеријата „Вангел Коџоман" во Струга вечер ќе биде отоврена прва самостојна изложба на академскиот сликар Милко Нестороски насловена „Бркајќи меурчиња".

Преку слика авторот ја бара улогата на уметноста во човечката цивилизација, од каде произлегува потребата од уметност и која е нејзината основна намена или зошто уметност.

– На почетокот од моето творештво како потенцијален уметник, сакам да се позанимавам со некои вакви прашања чии одговори ги сметам за клучни и како непишани правилa, кои треба да се земат предвид при создавање на секое едно уметничко дело, вели Нестороски.

Одговорите на тие прашања смета дека секој потенцијален автор треба да ги побара во себе, размислувајќи за своите потреби, желби, чувства, мисли и слично и нивната поврзаност со неговиот творечки нагон.

– Да се праша кои се најискрените лични причини поради кои тој сака да создава уметност и каква би била таа. Јас лично во потрагата по овие одговори одлучив да тргнам назад во моето детство, за во тогашниот мој светоглед ги пронајдам корените на сегашните мои творечки тенденции. Така стигнав до делa со кои истовремено како тема се опфатени прашањето за природата на уметноста и творечкиот нагон, но и карактеристиките на тоа што јас, таков каков што сум, имам да го понудам при моето изразување преку ликовната уметност, посочува Нестороски.

Милко Нестороски е роден во 1994 година, дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во 2018. Учествувал на повеќе групни изложби и колонии. /МИА

Акција за собирање кабаст отпад во Чаир

Јавното претпријатие „Комунална хигиена" – Скопје од денеска до 19 јули ќе спроведе акција за собирање кабаст отпад во Општина Чаир.

Како што информираат од претпријатието, на четири локации во оваа скопска општина ќе се постават специјални контејнери за собирање кабаст отпад, во кои граѓаните ќе можат да ги одложат стариот мебел и отпадот од електричната и електронската опрема.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена" – Скопје собраниот отпад од садовите ќе го транспортираат во вечерните часови.

Од претпријатието велат дека Законот за јавна чистота забранува кабастиот отпад да се одлага на јавни површини, а неговото несовесно исфрлање резултира со создавање диви депонии и загадување на животната средина.

Оттаму апелираат до граѓаните на општината да ја искористат оваа можност за одлагање на својот кабаст отпад во специјалните садови и информираат дека по завршувањето на акцијата, овој тип отпад ќе смеат да го одложат само во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, без плаќање паричен надоместок.

Контејнерите наменети за одлагање на кабастиот отпад во Општината Чаир ќе бидат поставени на следните локации: раскрсницата меѓу улиците „Дижонска и „Џон Кенеди", раскрсницата меѓу булеварот „Цветан Димов" и улицата „Коста Абрашевиќ", улицата „Серава" (во близина на „Ефтинија импекс") и на улицата „Ресенска" (во близина на Ресторан „Фафа"), се наведува во соопштението од претпријатието. /МИА

Панел за перспективите на романското и почетокот на финското претседателсво со ЕУ

Панел на тема „Националните перспективи на крајот на романското и во очекување на финското претседателство со Советот на ЕУ" ќе се одржи денеска во Министерството за надворешни работи.

Настанот е организиран од Амбасадата на Романија во Скопје, Амбасадата на Финска во Белград и Институт за демократија „Социетас цивилис".

На настанот ќе бидат презентирани резултатите од романското и приоритетите на финското претседателство со Советот, како и европската интеграција на Македонија и земјите од Западен Балкан.

Поздравни обраќања пред гостите ќе имаат шефот на дипломатијата Никола Димитров и претседателот на „Социетас цивилис", Марко Трошановски, а во дискусијата ќе учествуваат вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, шефот на делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, романскиот амбасадор Виорел Станила, финскиот амбасадор Кимо Лахдевирта, директорката при Директоратот на ЕУ при МНР, Бети Јачева, и раководителот на Центарот за евроинтеграции при ИДСЦС, Зоран Нечев. /МИА

притисни ентер