Ограбени две цркви во Општина Карбинци

Истата вечер на мета на крадците бил и манастирот Свети Илија во селото Аргулица во Општина Карбинци, каде што се одземени 4.500 денари.

Крадци ограбиле две цркви во Општина Карбинци. Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова вели дека 65 годишниот Ѓ.Н од село Карбинци во текот на вчерашниот ден пријавил оти ноќта непознати сторители извршиле „тешка кражба" од манастирот Света Петка во атарот на селото Калузлија, при што одзеле 4.700 денари.

Истата вечер на мета на крадците бил и манастирот Свети Илија во селото Аргулица во Општина Карбинци, каде што се одземени 4.500 денари.

Според извештаите на полицијата вообичаено страдаат црковните објекти, што се во руралните средини или се надвор од населените места. Вакви кражби имаше во штипскиот и кочанскиот регион.

Резултати од анкетата за цените и квалитетот на интернет услугите

Истражувањето е спроведено на репрезентативен примерок од 1.202 испитаници во земјава, од 16 февруари до 7 март 2019 година.

 Задоволството на граѓаните од цените и квалитетот на услугите во мобилната телефонија и интернетот, ќе бидат презентирани денеска на информативна средба со медиумите што ја организираат Евротинк – Центарот за европски стратегии, НВО Инфоцентарот, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На средбата ќе бидат презентирани и наодите од анкетното истражување за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), спроведено во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch II".

Истражувањето е спроведено на репрезентативен примерок од 1.202 испитаници во земјава, од 16 февруари до 7 март 2019 година.

Во рамки на информативната средба ќе бидат презентирани и две дигитални видеа со кои организаторите, како што најавуваат, ќе се обидат да дадат одговор на прашањата: Какво е задоволството од квалитетот и цените на услугите во мобилната телефонија и интернетот?;

Каква е информираност на граѓаните за работата АВМУ и АЕК?, Каква е перцепција на граѓаните за транспарентноста, професионалноста и независноста на двете регулаторни тела? и Како според граѓаните се назначуваат лицата на раководните позиции во АВМУ и АЕК?

Седници на Законодавно-правната и Комисијата за политички систем

 Во Собранието денеска ќе заседаваат Законодавно-правната и Комисијата за политички систем и и односи меѓу заедниците.

Комисијата за политички систем ќе ги разгледа Предлог-законот за изменување на Законот за вработените во јавниот сектор, во второ читање, како и Информацијата за спроведувањето на препораките на Народниот правобранител за надминување на констатираните состојби содржани во Извештајот на Народниот правобранител, од страна на органите на државната управа опфатени во истиот.

Законодавно-правната комисија ќе одржи две седници. на првата се Предлог-законот за изменување на Законот за вработените во јавниот сектор и две барања за автентични толкувања, додека на дневен ред на втората е Статутот на Универзитетот во Тетово.

Меѓународен ден на бегалците

 Во земјава денеска ќе биде одбележан Меѓународниот ден на бегалците.

По тој повод на Правниот факултет „Јустинијан Први" во Скопје, на свеченост ќе се обрати Моника Сандри, претставничка на УНХЦР во Скопје, проф. д-р Сашо Ѓорѓиевски, претставник на Правната клиника на Правниот факултет „Јустинијан Први", Љупка Новеска Андоновска, претседателка на Управниот одбор на Македонското здружение на млади правници и Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија.

Во рамките на одбележувањето ќе им бидат доделени награди на победниците на Награда за професионално известување за состојбата на бегалците при мешаните миграциски движења за 2018 година во  Македонија, како и сертификати за студентите кои успешно ја завршија практикантската работа на Правната клиника. 

притисни ентер