Просечната плата во март 24.590 денари

 Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март годинава во земјава изнесувала 24.590 денари и е за 3,8 отсто повискока од март лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување, посочуваат од ДЗС, се должи, пред сѐ, на порастот на нето-платите во секторите: дејности на здравствена и социјална заштита (11.4 %), земјоделство, шумарство и рибарство (8.2 %) и транспорт и складирање (7.8 %).

Зголемување на нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (9.5 %), информации и комуникации (8.5 %) и рударство и вадење на камен (6.0 %).

Според податоците на ДЗС, пак, просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во март 2019 година изнесувала 36.476 денари. 

Пендаровски: Вистинското место за лидерска е кај шефот на државата

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски смета дека вистинското место за лидерската средба е кај шефот на државата.

-Не би сакал да ја поткопувам иницијативата на премиерот за лидерска средба за важни прашања, сепак сметам дека вистинското место за лидерската средба е кај претседателот на државата, вели Пендаровски во интервју за Радио Слободна Европа.

-Сакам да бидам искрен. Мислам дека за неколку битни прашања, како што е на пример идната позиционираност на СЈО во нашиот правосуден систем или пописот кој за жал почна да се политизира, иако законот се уште не е донесен и неколку други слични битни работи, мислам дека вистинското место за средби е кај претседателот на државата, нагласува тој.

Пендаровски додава дека се сомнева оти заради големата политичка поделба меѓу двете партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е можна продуктивна средба од тој формат кога едната или другата партија е организатор. 

Исчезнат е дедо Мирослав

Исчезнат е Мирослав Видовски.

Го нема седум дена. Дедото има 73 години и живее во Центар, на улицата „11-ти октомври“, од каде му се губи трагата.

Неговото семејство се јави во Канал 5 порачувајќи доколку некој има било какви информации да се јави на бројот 077-626-145 и да ја информира госпоѓа Милка.

Повредена 18-годишна девојка откако во неа удрил возач на голф

 Осумнаесетгодишна девојка од Тетово е тешко повредена во сообраќајна несреќа на булеварот „Видео Смилевски-Бато", вчера околу 18:30 часот, откако во неа удрило патничко моторно возило „фолкваген голф" со тетовски регистарски ознаки.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи,  во Т.А (18) удрил 47-годишниот Ш. Х. од Вејце кој управувал со „голфот".

-Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила 18-годишната девојка, која потоа била пренесена во болницата во Тетово, соопшти денеска МВР.

Увид на местото на сообраќајката извршила екипа од СВР Тетово.

притисни ентер