Анѓушев од Виена: Aвстриска компанија за медицинска опрема заинтересирана за инвестиција

Интересот за инвестирање во земјава е се поголем. Северна Македонија е на мапата на компаниите што сакаат да го прошират производството, изјави во Виена вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев по завршувањето на Виенскиот економски форум.

– Остваривме средби со повеќе компании, се разбира одлуките за инвестирање не се прават по одржување на само една средба. Сепак, еден дел од средбите се и продолжување на контакти со компании со кои сме се среќавале и претходно. Постои инвеститор, во секторот за медицинска опрема, кој сака да отвори фабрика во нашата земја, изјави Анѓушев во Виена.

Истакна дека тоа е позната компанија што произведува потрошен материјал за хируршки сали, и е еден од најголемите снабдувачи на овој вид на материјал во Југоисточна Европа и токму затоа е интересот за изградба на фабрика во Северна Македонија.

– Тоа не е прва средба со оваа компанија, со нив разговараме веќе подолг период. Воедно разговаравме со компании од градежништвото, за инфраструктурни проекти, во областа на енергетиката, кадешто имаше заинтересирани инвеститори во делот на обновливите извори на енергија, го отворивме прашањето и за Чебрен, како и со компании од прехранбената индустрија. Можам да кажам дека оние процеси кои беа започнати се продолжени, некои ги приведуваме кон крај, како што е случајот со компанијата од медицинската индустрија, која е при крај во донесувањето на одлука за изградба на фабрика, додека активно работиме и другите компании да ги привлечеме како инвеститори или економски оператори, изјави Анѓушев.

Анѓушев одговараше на новинарски прашања во врска со барањата на компаниите кои присуствуваа на средбите, а кои имаат свои економски операции во Северна Македонија, како и за пројавениот интерес на компаниите за инвестиции во нашата земја.

На новинарско прашање поврзано со барањата на дел од телекомуникациските компании за фискални и парафискални олеснувања со кои би се намалиле цените за роаминг во мобилната телефонија кон други земји, вицепремиерот одговори дека барањето ќе биде разгледано со сериозност со цел да се обезбеди поевтин роаминг за македонските граѓани во комуникациите со други лица од земјите на Европската Унија.

– Со оглед на тоа дека тарифите во мобилната телефонија во сите земји од ЕУ се изедначени, граѓаните од овие земји практично во која земја од ЕУ се наоѓаат имаат бесплатен роаминг и разговорите ги извршуваат како да се наоѓаат во сопствената земја. Северна Македонија сѐ уште не е дел од ЕУ, но Владата прави напори колку што е можно поевтин роаминг да обезбеди за граѓаните и ќе ги преземеме потребните чекори во насока на обезбедување на поевтини сервиси за граѓаните, нагласи Анѓушев. /МИА

Истрага и притвор за лице осомничено за убиство на жена во Шуто Оризари

Во текот на вчерашниот ден, по вербална расправија и физичка пресметка на двајца братучеди во населбата Шуто Оризари, осомничениот со нож влегол во куќата на оштетните, со цел да го лиши од живот својот братучед.

Скопје, 15 јуни 2019 (МИА) –   Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице заради постоење на основано сомневање дека сторил едно кривично дело убиство од член 123 став 1 и едно кривично дело убиство во обид, предвидено и казниво по член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

Удирајќи го со нож во пределот на градите и абдоменот му нанел две убодни рани. Со намера да ги раздвои, меѓу двајцата братучеди застанала сопругата на оштетениот при што осомничениот замавнал со ножот и и задал удар во пределот на срцето од кој удар кај оштетената настапила смрт.

-Имајќи ги предвид видот и тежината на кривичните дела што се ставаат на товар на осомничениот, како и тешките последици од настанот во кој без никаква вина во својот дом, мајка на малолетни деца го изгуби својот живот, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, се наведува во соопштението на обвинителството. /МИА

Турската амбасадорка најави дека Ердоган ќе присуствува на свеченоста по повод реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид

Турската амбасадорка Тулин Еркал Кара денеска ја посети Алипашината џамија во Охрид, притоа најавувајќи дека претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ќе допатува на свеченоста по повод промовирањето на реконструираниот објект.

Таа уште истакна дека се работи на усогласување на терминот со македонските власти за присуство на свеченото отворање на обновената џамија.

Алипашината џамија беше реконструирана и реновирана согласно одлука на Управата за заштита на културно-историското наследство, со финансиска поддршка на Република Турција.

– На претседателот Ердоган му беше сон реставрирањето на објектот. Република Туриција и Република Северна Македонија се братски држави. Турција преку агенцијата Тика и вакавското здружение има реновирано повеќе обејкти во Северна Македонија. Нашето пријателство е засекогаш и долгорочно, рече меѓу другото амбасадорот Кара.

Таа уште нагласи оти не гледа ништо спорно во реконтрукцијата, односно оти било испочитувано се што било договорено помеѓу двете држави во врска со реконструкцијата на верскиот објект. /МИА

Бирлајн: Очекувам мошне скоро Австрија да ја поздравува Северна Македонија како членка на ЕУ

Очекување дека многу скоро Австрија ќе ја поздравува Северна Македонија како членка на Европската унија изрази денеска австриската канцеларка Бригите Бирлајн на средбата со премиерот Зоран Заев во австриската област Вахау.

Бирлајн, како што соопшти владината прес-служба, го поздравила последниот позитивен извештај на Европската комисија за земјава и повторила дека нејзината земја и натаму ќе остане верен пријател и поддржувач на Северна Македонија.

Австриската канцеларка на премиерот Заев му честиташе за сите досегашни политички чекори кои ги презел и кои, како што рече, придонеле да нема никакви пречки за отпочнување преговорите со Унијата.

Заев и Бирлајн, како што соопшти владината прес-служба на денешната средба се согласиле дека Австрија е и еден од најголемите инвеститори во Северна Македонија, што претставува показател и за цврсто воспоставените економски односи меѓу двете земји.

Првата средба со новата канцеларка на Австрија Заев ја искористи да ја покани Бирлајн да ја посети Северна Македонија. /МИА

притисни ентер