Во експлозија во близина на пирамидите во Гиза повредени 17 луѓе

Силна експлозија одекнала во Египет во близина на пирамидите во Гиза, во која настрадал туристички автобус.

Според првичните информации во експлозијата се повредени  најмалку 17 лица:нивниот број  се очекува да биде зголемен, а сеуште нема податоци за конкретни жртви.

Сведоците велат дека импровизирана експлозивна направа се активирала кога автобусот полн со туристи  поминувал во близина, наведуваат египетските медиуми.

Нова средба на работните групи за законот за јавно обвинителство

Работните групи на власта и опозицијата денеска во Собранието ќе одржат нова средба за законот за јавно обвинителство, потврдија за МИА од Министерството за правда.

Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на СДСМ не му одговара да се донесе законот за јавно обвинителство и го кочи целиот процес, затоа што СДСМ, како што изјави во интервју за МИА, „сака да имплементира правно насилие во пресметката со политичките неистомисленици".

Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека работните групи не се далеку од постигнување договор за законот за јавно обвинителство. Тој е оптимист и е подготвен да седне повторно со Мицкоски на маса, но откако преговарачките тимови ќе направат чекор напред.

Министерката за правда Рената Дескоска вели дека идеална ситуација би била законот да се донесе, но додава дека има отпор од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за донесување заеднички солидни решенија коишто ќе ги имплементираат европските стандарди.

-Мојата опција е дека би било подобро да не донесеме закон отколку да донесеме лош закон,  во случај ако имаме ситуација во која треба да имаме закон којшто ќе внесе поретроградни решенија од постојните, кој нема да значи напредок на нашето законодавство кон европското, вели Дескоска во емисијата Стадион на Канал 77.

Денешната средба на работните групи за законот за јавно обвинителство е прва по лидерската средба на Заев и Мицкоски која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение./МИА

Бојан Јовановски денеска повторно на распит за „Рекет"

Во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција на распит денеска треба повторно да биде спроведен првоосомничениот за случајот „Рекет" Бојан Јовановски – Боки 13, кој се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје.

Ова е втор исказ на Јовановски за случајот „Рекет". Бојан Јовановски – Боки 13 на 15 јули годинава беше приведен на распит во Обвинителството заедно со второосмоничениот Зоран Милевски.

По неколкучасовниот распит Јовановски беше изведен пред Суд, каде на барање на Јавното обвинителството му беше одредена мерка притвор.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, која исто така, се наоѓа во притвор како третоосомничена исказ ќе дава во вторник.

Во случајот „Рекет" што го отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција осомничени се  Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец, како и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Сите тројца се во притвор. /МИА

Претседателот Пендаровски во посета на Велес

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска ќе престојува во посета на Општина Велес.

Посетата на Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, е во рамки на проектот „Лице в лице".

Пендаровски заедно со градоначалникот на Велес Аце Коцевски ќе засади садници на опожарените места крај езерото Младост, а потоа ќе ги посети ООУ „Св. Кирил и Методиј" и Територијалната противпожарна единица во овој град./МИА

притисни ентер