Обвинителството истражува дали ќе отвори постапка за случајот Богоевски

Од скопско Oбвинителство го чекаат известувањето од МВР по синоќешниот исказ на пратеникот Павле Богоевски околу случајот со неовластеното снимање и нелегалното набавување на наркотични средства.

Но, оттаму не прецизираат дали и таксистот кој снимал и пратеникот кој  нелегално набавивал ќе бидат предмет на истрага. Кратко посочуваат дека допрва ќе одлучуваат. Откако синоќа Богоевски самиот се пријави во полициска станица, дененска не сакаше да дава дополнителни искази. По бурните реакции за случајот на голем број јавни личности, спикерот Џафери смета дека Собранието нема основ за постапка против пратеникот Богоевски, но очекува надлежните институции да постапат ефикасно и целосно да го расчистат случајот. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка на Богоевски од пратеничката функција и најавија дека ќе покренат иницијатива за одземање на мандатот.

Од СДСМ очекуваат надлежните институции да го расветлат случајот со незаконското снимање. Велат моралните аспекти се на личната совест и одговорност на секој пратеник, а законите важат за сите подеднакво. Од ДУИ најавуваат ветинг во сите институците што вршат јавна дејност, вклучувајќи ги и партиите.

Од пратеничката група на ЛДП, пак, најавуваат дека ќе иницираат Закон за легализација на марихуаната, не само за медицинска, туку за општа употреба. Но вели дека ваквиот закон нема никаква поврзаност со слулчајот на Богоевски.

Инаку, Богоевски откако потврди дека  гласот од објавената аудио снимка е негов, но дека не набавувал кокаин туку канабис, сноќа и јавно побарал да му биде направен тест за користење  наркотички средства.

притисни ентер