Грчкиот Парламент ќе гласа за ратификација на договорите за граничните премини меѓу С. Македонија и Грција

 На пленарна седница закажана за 16 часот по локално време, грчкиот Парламент ќе гласа за ратификација на двата договори потпишани во март и април во Скопје за отворање на новите гранични премини кај Мајден и Маркова нога.

 Како и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат, откако вчера Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања ги прифати нацрт законите доставени од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно изнесените ставови на известувачите за нацрт законите од владејачката СИРИЗА и опозициската Нова демократија, но и на пратениците од другите партии, за време на вчерашната расправа на комисијата, предлог законите беа усвоени. СИРИЗА и Река се „за", Нова демократија и Златна зора против, додека пак Демократска алијанса на денот на гласањето ќе го соопшти ставот. Комунистичката партија на Грција, веројатно ќе биде воздржана. Пратениците од Сојуз на централисти, не присуствуваа на состанокот на Комисијата.

Расправата на Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања, со говор ја затвори алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу, која рече дека двата договори не доаѓаат предизборно во грчкиот Парламент, туку се и по барање на локалното население и додаде дека отворањето на новите гранични премини во минатото беше попречувано, бидејќи не постеа билатерални односи меѓу двете земји.

-Мислам дека, ако навистина сакаме пријателство, соработка, зајакнување на нашата земја, она што треба да го направиме, во духот на она што се прави во Европа, би требало да ги поздравиме овие две ратификации, кои не дојдоа предизборни, дојдоа сега, а требаше да дојдат порано и имавме големи притисоци од локалното население за да дојдат што е можно побрзо, рече алтернативната министерка за надворешни работи на Грција.

Анагностопулу се осврна на граничниот премин кај Маркова нога, како долгогодишно барање на локалното население.

-Во 1959 за време на владата на Караманлис се отвори овој граничен премин, а беше затворен за време на хунтатат во 1967. Оттогаш жителите бараат отворање на овој пат што ја поврзува Грција со Северна Македонија. Не е вистина дека немаше проблем во односите и не беше потребен Договорот од Преспа. Да потсетам дека Конвенционалната рамка меѓу Грција и тогаш, поранешната југословенска Република Македонија, беше рамката Грција- Југославија, рече Анагностопулу, а како пример спомена дека не постоеше можност за регулирање ниту на избегнување на двојното оданочување.

Пратеникот од Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, кој е известувач за нацрт законите во неговиот говор рече дека нема да ги поддржат законите и ги објасни

причините зошто тие како партија ќе гласаат против. Расправата ја поврза со претстојните евроизбори, велејќи дека владата за внатрешни цели ги носи законите на 10 дена пред изборите и додаде дека „времето е лукаво, а планот мрачен".

-Ги носите затоа што мислете дека ќе нѐ заробите, рече Кумуцакос, обраќајќи и се на владата.

Пратеникот од Нова демократија истакна дека „не беше потребен Договорот од Преспа за да се отворат нови гранични премини", бидејќи, како што рече „билатералните односи функционираа нормално и без Договорот од Преспа" и додаде дека тие сакаат добри билатерални односи со соседната земја, како што се покажало во изминатите години.

На вчерашната двочасовна расправа на Комисијата во грчкиот Парламент, збор зедоа околу 10 пратеници, кои ги претставија нивните позиции во однос на двата нацрт закони. Пратениците од СИРИЗА, Теодора Ѕакри, Костас Селцас и Јанис Сифакис кои доаѓаат од областите во кои ќе се отворат новите гранични премини ги објаснија придобивките од двата потпишани спогодби меѓу Северна Македонија и Грција.

Двата усвоени нацрт закони произлегуваат од потпишаните договори во Скопје во март и април годинава. Едниот предлог закон е под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Северна Македонија", а вториот под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби".

Согласно потпишаните договори, за изградбата и отворањето на граничниот премин кај Мајден ќе се користат фондови од Европската унија, а во договорот за граничниот премин кај Преспа, вклучени се и членови за подигање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.

Според двата потпишани договори во Скопје, предвидено е да се формира заедничка Комисија на експерти од двете земји со најмногу девет претставници од секоја страна кои ќе бидат надлежни за техничките и правните теми, за функционирањето на граничните премини и за други прашања од заеднички интерес поврзани со спроведувањето на договорите.

Во рок од 30 дена од стапувањето на сила на договорот, двете страни по дипломатски пат ќе ги разменат листите со членовите на Комисијата, која за прв пат ќе се состане во рок од три месеци по стапувањето на сила на договорот, а ќе одржува состаноци на секои две години.

Ваква комисија е предвидена и за граничниот премин кај Мајден и за граничниот премин кај Маркова нога./МИА.

Поранешни вработени од „ОХИС" повторно на протест во Скопје

Поранешни вработени во скопската фабрика „Охис", која е во стечај, денеска повторно протестираат низ улиците во Скопје. 

Протестираат пред Парламентот по што, според најавите, ќе се движат кон Министерството за правда и кон Владата.

Бараат исплата на побарувањата од стечајната постапка за 24 неисплатени плати и придонеси од плата за 16 месеци. Имаат неисплатени осум плати од 2008 година и 16 плати од 2012 и 2013 година.

– Има нешто исплата но тоа се ситни пари. Недостигаат три до четири милиони евра за да се обештетат луѓето. Свесни сме дека граѓаните се нервозни, но не ни преостанува ништо друго освен да протестираме, велат вработените од „Охис".

Според нив, државата е должна да им ги исплати платите бидејќи имала доминантен општетствен капитал во фабриката.

Досега, повеќепати протестираа пред надлежните институции и имаа средби со владини претставници. За денеска, како што велат, немаат најави за средба со некој од институциите. /МИА.

Српски и турски државјнин приведени на меѓународниот аеродром Скопје

 На граничниот премин „Меѓународен аеродром Скопје" вчера на влез во земјава биле приведени еден српски и еден турски државјанин, за кои имало назначена мерка „А" (апси).

Како што денеска информираат од МВР, во 17,30 часот вчера на Граничниот премин „Меѓународен аеродром Скопје" на влез во нашата држава, при вршење пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција констатирано било дека Б.З.(24) од Р.Србија евидира со мерка "А" (апси). Тој бил приведен и предаден на полициски службеници од СВР Скопје за понатамошна постапка.

– На 22.08.2019 во 21,00 часот на Граничниот премин "Меѓународен аеродром-Скопје", на влез во РСМ, по извршена пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција констатирано било дека Р.С.(61) од Р.Турција евидира со мерка "Aпси". Тој бил приведен и предаден на полициски службеници од СВР Скопје за понатамошна постапка, стои во соопштението од МВР.

Во Берово отворен јавен повик за учество во општинско-корисна работа

 Во Берово отворен јавниот повик за учество во програмата Општинско-корисна работа. 

Оваа година право на учество во програмата „Од акција до еднакви можности," имаат евидентирани невработени лица, Роми и корисници на гарантирана минимална помош и лица со попреченост. Своето учество заинтересираните можат да го пријават во Агенцијата за вработување-Центар за вработување Берово, најдоцна до 30 август годинава, информира Ѓоко Пеовски, координаторот во програмата.

-Работните позиции кои се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање на патронажни/мобилни негователи, неговател на лице со посебни потреби, образовен помошник, училишен аниматор, музички соработници и геренто-домаќин. Предност за учество во овој циклус на Општинско-корисна работа ќе имаат лицата кои прв пат се јавуваат за учество во оваа програмата, информира Пеовски.

За учество во програмата на кандидатите кои ќе бидат избрани, како што додава, ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари месечно, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.

Согласно јавниот повик за периодот додека лицата се работно ангажирани преку програмата „Општинско-корисна работа", тие не го губат статусот на невработено лице, при што се должни редовно да се јавуваат во Агенција за вработување – Центар за вработување Берово со цел почитување на обврските согласно законот. На невработените лица – корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјална помош. 

притисни ентер