Премиера на „Злосторство на 21 век" во велешкиот театар

 На големата сцена на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот" в четврток вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Злосторството на 21 век" според текст на Едвард Бонд, во режија на В. Милчин и сценографија на Крсте С. Џидров.

Како што информира на денешната прес-конференција режисерот Владимир Милчин, кој првпат режира во велешкиот театар, станува збор за англиски драмски писател, театарски режисер, поет, теоретичар и сценарист кој многумина го сметаа за еден од најважните живи драмски автори, кој отсекогаш бил и останува контроверзен поради насилството прикажано во неговите пиеси, радикалноста на неговите ставови за модерниот театар и општеството.

Милчин за Едвард Бонд вели дека неговата пиеса довела да се укине цензурата, а тој со своите дела е провокативен и актуелен со проблеми што го мачат човештвото на целата Земјина топка.

– Една катастрофа е екологијата, а другата одземање на слободата, правата и терор и тоа што на луѓето им ја одзема човештината, а пеколот напредува и ја јаде Земјината топка и ги јаде луѓето, вели Милчин.

Актерката Маја Љутков која е негова студентка и игра во претставата потенцира дека е добро што дошол нејзиниот професор Милчин да ги врати на вистинскиот пат и потсети на сите вредности кои сите ние одвреме навреме ги забораваме и пропуштаме.

– Ова е претстава од која секој ќе си отиде погоден. Никој нема да остане рамнодушен и недопрен. За мене е најважно што во велешкиот театар дојде мојот професор Владимир Милчин и сработи претстава, не потсети на сите вредности на кои сите ние одвреме навреме работејќи ги забораваме и пропуштаме. Тој не врати назад на вистинскиот пат, а овој процес беше празник за сите сетила, потенцира актерката Љутков.

Во претставата освен Маја Љутков играат и Талија Настова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаиловски, костимографијата е на Марија Пупучевска, а музиката на Марјан Неќак, а постерот за претставата го нацрта Филип Коруновски.

Имено, ова е трета премиера на велешкиот театар за 2019-та, а прва што е финансирана од Министерството за култура.

Режисерот Милчин истакна дека велешката театарска сцена на новиот театарски објект е иста со европските сцени и оти никој нема право да ги рангира како провинцијален театар.

Прв Центар за медијација за промоција на придобивките од договорното решавање на споровите

Затоа што страните што доаѓаат во постапка на медијација однапред имаат предзнаење, а тоа е вештина на медијаторот, дека всусшност треба да дојдат да се договорат врз база на интересот. 

Во склоп на Сојузот на стопански комори (ССК) почнува да работи првиот Центар за медијација чија цел е преку предавања и обуки да ги запознае, пред сè, бизнисмените за предностите од решавање на споровите на мирен и ефикасен начин наместо во судски постапки кои се поскапи и подолготрајни.

Центарот го отвора Комората на медијатори која е формирана пред две години. Нејзиниот претседател Славе Младеновски на прес-конференција рече дека центарот ќе функционира по меѓународни стандарди и по примерот на вакви места во Европа и светот. Тој рече дека во наредниот период ќе се фокусираат на популаризација и промоција на медијацијата во интерес на граѓаните и правните субјекти. Целта е, пред сѐ, бизнис-секторот да може да се обрати во Комората и својот спор да го реши во постапка на медијација и таа да биде објаснета како постапка и кои се нејзините бенефити.

Младеновски ги повика бизнисмените да покажат интерес споровите да ги решаваат преку медијација. Постапката во суд, според него, за кој било спор не трае помалку од една година, а најчесто и многу повеќе. Со медијацијата, пак, законски услов е постапката да заврши 60 дена, а според досегашните искуства, рече Младеновски, предметите што се решават со медијација ги завршуваат и до пет дена.

– Затоа што страните што доаѓаат во постапка на медијација однапред имаат предзнаење, а тоа е вештина на медијаторот, дека всусшност треба да дојдат да се договорат врз база на интересот. Таквиот пристап им овозможува на страните да си го дефинираат интересот и во неколку разговори таа постапка  завршува на заемно задоволство. Она што го прави медијаторот, всушност, е што им помага да ја потпишат спогодбата на која се согласиле двете страни и потоа евентуално да ја заверат на нотар, додаде Младеновски.

Според нивни пресметки, соодносот на заштедените време и трошоци  помеѓу медијација и судски спор е еден спрема десет.

Законот за медијација е донесен во 2006 година и до 2016 во постапка на медијација поминале околу 100 предмети. Нивниот број е значително зголемен во изминатите две години со формирањето на Комората на медијатори и сега, според нивната евиденција, има околу две илјади предмети. Тие очекуваат дека со формирањето на центарот сè повеќе ќе се користат услугите на медијаторите, а  ќе бидат растоварени и судовите.

Потпретседателот на ССК Александар Милошевски соопшти дека повеќе од 20 000 деловни субјекти кои членуваат во Сојузот ќе бидат запознати со придобивките на медијацијата во центарот што се отовра во рамки на ССК.

Тој посочи дека кај стопанските спорови медијацијата е законски задолжителна ако паричното побарување не надминува 1.000.000 денари, односно странките во тој случај се должни пред поднесување на тужбата на суд да се обидат спорот да го решат по пат на медијација.

Серија предавања што ќе бидат организирани во првиот Центар за медијација во ССК ќе ги водат  лиценцирани медијатори и универзитетски професори. Програмата со предавања ќе им биде пратена на сите членки на ССК и ќе биде објавена на неговата веб-страница. Комората на медијатори и ССК најавија вакви центри и во други градови во земјава.

Се расчистува старата тетовска депонија за да се гради пречистителна станица за отпадни води

 Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, градоначалникот на Тетово Теута Арифи и Гир Јохансен, прв секретар на Амбасадата на Норвешка денеска беа на теренска посета во близина на село Фалише, каде се расчистува старата тетовска депонија

По расчитувањето на депонијата, на истото место ќе почне градење на пречистителна станица за отпадни води за тетовскиот регион.

Османи потенцираше дека проектот е важен за регионот, но и за целата држава.

– Овој проект е мултидимензионален, не само по фактот што ќе исчисти една ваква депонија, но и ќе создаде предуслови да се гради пречистителна станица, отпадните води ќе ги чисти од целиот регион. Ќе покажеме одговорност и спрема регионот бидејќи оваа вода ќе оди во Грција, ќе станеме кредибилен фактор на регионот во заштита на животната средина и на граѓаните кои живеат на континентот, рече Османи.

Расчитувањето на депонијата се прави со помош на норвешката Влада.

– И Норвешка пред 25 години се наоѓаше во слична состојба и можеме да се пофалиме со фактот дека сега имаме повеќе од 2.700 пречистителни станица за отпадни води со што бенефит имаат граѓаните и животната средина. Така ќе биде и овде со реализaција на овој проект, рече Јохансен.

Расчитувањето на дивата депонија треба да заврши до декември 2019 година.

– Еден од стандардите за почеток на градба на пречистителна станица беше расчитување на оваа депонија. Во однос на проектната документација ги дадовме сите потребни дозволи, и за градба на пречистителна станица и на двата колектори, и со завршување на овој процес ЕУ нема да има проблем да продолжи со тендерирање и реализирање на проектот, изјави Арифи.

Според предвидувањето, како што рече Арифи, потоа до 2022 година целиот процес треба да биде комплетиран и да се изгради пречистителната станица со средства од ИПА фондовите во висина од 30 милиони евра со кои ќе се градат цела станица, двата колектори и нови канализациски мрежи.

Старата тетовска депонија се наоѓа на 67 илјади квадратни метри на патот од Фалише кон Стримница. Вкупно 170.000 кубни метри отпад се ископува и се транспортира во депонијата Дрисла. Чистењето, одлагањето на отпадот е финансирано од Владата и Општина Тетово со 2,3 милиони евра, додека транспортот на отпадот во износ од 700.000 евра е финансиран од Норвешка во рамки на проектот Нордиска поддршка за напредок на Македонија. 

Во зоната Визбегово изградени 25 проценти водоводна мрежа, во септември тендер за канализација

При денешниот увид на градежните работи изведувачите го информирале дека изградбата на водоводот се одвива со добра динамика и оти ќе биде запазен рокот за завршување до крајот на февруари или почетокот на март следната година.

Во индустриската зона Визбегово до февруари или март следната година треба да биде изградена нова водоводна мрежа, од која што досега се поставени 25 проценти, а до септември годинава да биде објавен и тендер и за нов канализациски систем, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

При денешниот увид на градежните работи изведувачите го информирале дека изградбата на водоводот се одвива со добра динамика и оти ќе биде запазен рокот за завршување до крајот на февруари или почетокот на март следната година.

За  тендерот за канализациски систем што се планира да биде распишан следниот месец или во септември се подготвува потребната документација.

Зоната во Визбегово, како посочи, ќе добие седум километри нова водоводна и пет километри канализациска мрежа, а за сите планирани активности се обезбедени финансии. За водоводот финансиската конструкција изнесува 1,8 милиони евра, а за каналзиацискиот систем досега преку ресорното Министерство се обезбедени 150 милиони денари, а останатите ќе се бараат преку други извори.

Сугарески потенцираше дека изградбата на инфраструктурата е од исклучителна важност затоа што се обезбедуваат услови за отворање нови фабрики и работни места и со неа се исполнуваме ветеното од Програмата на Владата и Општината.

Како што информираше градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски,  за планираната нова водоводна мрежа се работи на улиците што се попроблематични и каде има поголема фрекфенција.

– Се надевам дека ќе завршиме во наредните седум месеци како што ни е договорено, можеби и порано, затоа што ќе ги поминуваме сервисните улици и ќе немаме толку проблеми. Динамиката е добра, со изведувачот имаме одлична комуникација и народот ги прифаќа активностите затоа што ова е на нивно барање, изјави Смилевски.

Како што наведе тој, во индустриската зона Визбегово нема ниту фекална, ниту атмосферска канализација, а повеќето од објектите се со септички јами. Во зоната работат 220 фирми, а според Смилевски, има 10-ина барања за изградба на нови објекти.

– Сигурен сум дека во наредниот период ќе има уште повеќе барања затоа што сме интересни, доаѓаат доста луѓе, се распрашуваат за документација, рече Смилевски.

Тој се согласува дека патната инфраструктура е многу стара на што имаше многу реакции во изминатиот период и посочи дека со поставувањето на водоводната и атмосферската канализација ќе се создадат услови за обнова на постојните и изградба на нови патишта. 

притисни ентер