Стево Пендаровски го доби уверението од Државната изборна комисија со што и официјално е избран за нов шеф на државата. Рече дека е горд на постигнатиот резултат и спроведениот изборен процес кој како што рече добил најпозитивни оценки од домашните и меѓународните набљудувачи. Порача дека ќе се зафати со реформа на разузнавачките служби, особено во делот на Агенцијата за разузнавање, но во неа нема да има место за четири лица што се под истрага на Обвинителството. Прашан за непотпишаните закони од досегашниот претседател Ѓорге Иванов, рече дека ќе се потруди да ги потпише уште во првите неколку дена од мандатот.
Државнатана изборна комисија ги објави конечните резултати од вториот круг на претседателските избори според кои Пендаровски освои 435.656 гласови или 51,6% на излезност од 46,6%. Првиот човек на највисокото изборно тело му ја честиташе победата.
Функцијата Претседател на државата Стево Пендаровски ќе ја преземе утре. Заклетвата ќе ја даде на свечена седница во Собранието утре на пладне пред пратениците, министри, верски лидери, уставни судии и дипломатскиот кор. На инаугурацијата на Пендаровски поканети се и шефовите на државните од регионот а своето присуство го потврди српскиот претседател Александар Вучиќ, но и претседателите на соседните Бугарија, Албанија и Косово, Румен Радев, Илир Мета и Хашим Тачи. Потоа високи европски претставници, меѓу кои Федрика Могерини, Јоханес Хан и Жан Клод Јункер, како и поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Но, неизвесно е дали заклетвата на Пендаровски ќе ја слушне и премеирот Заев. Потврда за присуство на инаугурацијата нема ни од ВМРО ДПМНЕ. Официјалното примопредавање на претседателската функција ќе се случи во претседателската резиденција на Вила Водно, каде на кратка церемонија Ѓорѓе Иванов ќе му ја предаде должноста.
Претседателот во заминување Ѓорѓе Иванов, по истекот на неговиот мандат одлучи да користи претседателска пензија од стотина илјади денари месечно, канцелариски простор, службено возило, личен возач и обезбедување.