Ким: Мирот на Корејскиот полуостров ќе зависи од САД

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на вчерашната средба со рускиот претседател Владимир Путин во Владивосток изјави дека мирот и безбедноста на Корејскиот полуостров во целост ќе зависи од идниот став на САД.

,,Ситуацијата на Корејскиот полуостров и во регионот сега ја достигна критичната точка, од која би можела да се врати во првобитната состојба откако САД зазедоа унилатерален став во лоша смисла на неодамнешниот, втор по ред, самит и преговори помеѓу Северна Кореја и САД, наведе Ким.

Агенцијата исто така објави дека Русија и Северна Кореја се договориле да преземат позитивни мерки во повеќе области со цел да ја унапредат соработката, вклучително и во економијата, трговијата, науката и технологијата, јави севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Скопјани немаат дерман од се подрските крадци, не помагаат ниту безбедносните камери

Скопјани немаат дерман од крадците кои од ден на ден стануваат се подрски.

Крадците се подрски, крадат и сред бел ден. Лесна мета им се велосипедите, мопедите, автомобилите, па дури и становите, а во вршењето на криминалните дејствија не ги заплашуваат ниту безбедносните камери. Вчера на интернет се појавија видеоснимки од камера поставена во влез во зграда во центарот на Скопје на која се гледа како крадец насилно ја отвора влезната врата, разгледува наоколу и си одбира кој велосипед да го украде.

Според Извештајот на глобалната иницијатива против организираниот криминал најголемиот дел од криминалните банди кои оперираат во регионот се од селата Арачиново, Кондово и Грчец и уживаат политичка заштита.

Загрижувачка е ефикасноста на службите за прогон во делот на откривање на имотните деликти вели поранешниот началник во МВР Љубомир Ѓурчевски. Според него причините за оваа состојба се сиромаштијата, корупцијата, постојната законска регулатива, порастот на наркоманијата, како и намалената правна сигурност и заштита на полициските службеници.

Од ВМРО – ДПМНЕ вчера посочија дека само во јануари од пријавени над 520 кражби и тешки кражби во Скопје биле откриени само 2 проценти од нив. Експертите велат дека за превенција најмногу може да придонесе воведувањето на маалските полицајци, идеја која не беше реализирана заради недостаток на полициски службеници.

Во меѓувреме,  надлежните апелираат граѓаните да не  оставаат вредни предмети во своите возила, да ги осигураат влезните врати и подрумите во домовите и да не  објавуваат на социјалните мрежи кога патуваат, особено во летниот период.

Седница на Централниот Одбор на СДСМ: Кого ќе фати метлата?

Во седиштето на Бихаќка денеска попладне се очекува седница на Централниот одбор на СДСМ на која главна тема ќе биде опрацијата метла.

Кадровските промени главна тема на седницата на Централниот одбор на СДСМ. Премиерот и претседател на социјалдемократите, Зоран Заев со највисокото партиско раководство ќе расправа кој и зошто треба да си замине од досегашната функција.

Седницата следи неколку дена откако Заев ги разреши речиси сите претседатели на општинските одбори на СДСМ и во пресрет на најавената владина реконструкција.

Аналитичарите очекуваат Заев да ја искористи меѓународната и домашната поддршка за операцијата „Метла“ и да ја реализира најавената владина реконструкција и смените во директорските фотелји.

Рамадани очекува, по речиси реализираните амбиции на меѓународен план, Заев да избере кадри чиј фокус сега ќе бидат секојдневните проблеми на граѓаните.

Заев најави дека списокот со имиња на функционерите кои ќе си заминат како и причините ќе ги објави во првата половина од јуни. Се најавува дека ќе направи смени на осум министерски позиции. Дел од неофицијалните информации говорат дека на коалициониот партнер, Али Ахмети на последната средба минатата недела му предложил СДСМ со реконструкцијата да го преземе ресорот животна средина, а за возврат ДУИ да го добие министерското место во транспорт и врски.

Царовска: Од среда почнува поднесувањето барања за новите права од социјалната реформа

Сите лица кои се во социјален ризик од среда можат да поднесат барања за да ги добијат новите зголемени надоместоците, најави министерката Мила Царовска..

Од среда почнува поднесувањето барања за новите права од социјалната реформа.. Сите кои се во групата граѓани од социјален ризик треба да се обратат до центрите за социјална работа каде ќе треба да поднесат барање за остварување на новите парични надоместоци. Со апел да појдат до центрите за социјална работа се обрати министерката за труд и социјала Царовска. Таа посочи дека со новата социјална реформа од сиромаштија ќе се извлечат 30 илјади семејства и уште околу 6 илјади пензионери кои сега ќе добијат право на државна пензија независно колку и дали воопшто имаат стаж и независно од имотот и приходите на децата. Државната пензија ќе изнесува 6 илјади денари а услов ќе биде барателот да живеел најмалку 15 години во земјава.  Предвидено е покрај социјалната помош да се работи и на вработувањето на социјалните случаи за да се зголеми семејниот буџет.

Со оваа реформа, голем фокус се става на детската сиромаштија, затоа што таа е најскапа за сите држави. Според министерката Царовска  ако се инвестира навреме со тоа се извлекуваат и идните генерации од сиромаштија и полесно ќе бидат воведени на пазарот на труд. Исто така предвидено е и воведување на траен надоместо од 8 илјади денари за сите родители кои чувале дете со попреченост а сега се на возраст 62 за жени односно 64 години за мажи додека за оние родители кои имаат дете со попреченост а се вработени надоместот за скратено работно време ќе изнесува до 50 проценти од просечната плата што трикратно повеќе од досегашните примања. Корисниците на социјална помош кои имаат деца во основно или средно ќе се повикуваат во социјалните центри да поднесат барање за да се направи семеен пакет во кој ќе бидат и образовниот и детскиот додаток. Надоместокот за трето дете од 8 илјади денари за период од 10 години останува но сега ќе може да го земаат само најсиромашните односно ако приходите во семејството се под 12 илјади денари.

За новата социјална реформа годишно во буџетот веќе се предвидени дополнителни две милијарди денари.

притисни ентер