Во Кривичен денеска пресуда за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски

Во Кривичниот суд денеска треба да биде соопштена пресудата за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски, случај во кој обвинети се Бесир Беља, Скендер Демири и уште едно лице кое е во бегство.

Случајот почна на 9 ноември минатата година и го води судијката Даниела Алексовска-Стојановска.

На 7 февруари годинава беше извршна реконструкција на убиството на Саздовски во присуство на сведоците и вештите лица на автобуската постројка во Автокоманда.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид" на булеварот „Александар Македонски" во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза".

Двајца од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје" во Шутка, а за трето осомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.

Основното јавно обвинителство за смртта на младиот Никола Саздовски – Саздо тројцата осомничени лица ги гони за кривично дело „убиство на свиреп начин", дело кое пред преквалификацијата се водеше како „насилство".

Ваквата одлука ОЈО, ја образложи со тоа што во текот на истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно биле испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт. /МИА

„Фокс њуз“: Американската влада потрошила најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина

Од „Фокс њуз“ во септември објавија дека САД потрошиле вкупно 101 милијарда долари за војната во Украина.

Американската влада потрошила најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина, но таа сума може да се смета за многу поголема поради трошоците за замена на оружјето и муницијата испратени во Киев, процени Пентагон, дознава американскиот телевизиски канал „Фокс њуз“.

Од „Фокс њуз“ во септември објавија дека САД потрошиле вкупно 101 милијарда долари за војната во Украина.

Според документите од Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа испратени до сенаторот Џ. Д. Венс од американската сојузна држава Охајо, и до која Фокс њуз имаше пристап, САД потрошиле најмалку дополнителни 13 милијарди долари од септември за војната во Украина.

Директорката на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг, во писмо до Венс наведува дека американскиот Конгрес обезбедил 111 милијарди долари дополнителни средства како одговор на војната во Украина, вклучувајќи безбедносна, економска и хуманитарна помош.

Јанг истакна дека вкупните средства вклучуваат и средства „кои не отишле директно во Украина“, туку се користат за поддршка на таа земја, поради што понекогаш се појавуваат различни бројки за американската помош за Киев. /МИА

Почина уште едно повредено лице во терористички напад во Москва

Почина уште едно повредено лице кое беше во критична состојба по нападот пред една недела во Москва, изјави рускиот министер за здравство Михаил Мурашко.

Така, бројот на загинатите во терористичкиот напад што се случи на 22 март во концертната сала „Крокус сити хол“ се зголеми на 141, а уште неколку повредени се во тешка здравствена состојба.

Министерот рече дека починатиот пациент имал сериозни прострелни рани, јавија руските медиуми.

Појавата на сплескана глава кај бебето може да се спречи со неколку прости чекори

Синдромот на сплескана глава или плагиокефалија се однесува на деформациите на главата на бебето што настануваат пред или по раѓањето поради надворешни влијанија врз неговата мека черепна структура. 

Тоа може да се спречи со неколку едноставни чекори.

Како прво, новороденчето не треба да спие на една страна цела ноќ. На секои два - три часа родителот треба да му ја менува положбата на бебето кое спие. Така притисокот не е само на една страна на главата.

И кога мајката го дои малечкото, или го храни со шише, исто така треба да се менува раката и страната на држење. Така се поттикнува бебето само да ја врти главата.

Бебињата треба да спијат на грб. Но, стручњаците препорачуваат - додека новороденчето е будно, да биде барем кусо време легнато на стомак.

Важно е, пред сѐ, да се напомене дека многу бебиња го надминуваат овој проблем кога ќе почнат да лазат или да седат. Истражување спроведено во Америка покажа дека речиси половина од бебињата на возраст меѓу седум и 12 недели имаат плагиокефалија, а 78 отсто од нив имаат благ облик од оваа деформација.

Ако сè уште сте загрижени, порталот „Кликс“ препорачува консултации се педијатар. Бебињата на кои им е дијагностицирана посериозен облик на плагиокефалија добиваат посебна капа за тоа. /МИА

притисни ентер