Вчерашните избори беа вистински тест за демократијата во земјава и за аспирациите за членство кон европската унија, вели за Канал 5, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, оценувајќи го првиот круг од изборите, кој минува со невообичаен молк на меѓународната заедница.
-Изборите беа многу добар ден за демократијата и морам да нагласам дека се надевам дека повеќе луѓе ќе земат дел (во вториот круг). Тоа е многу важно за вас, за вашата европска иднина, без да има враќање во институционална криза, која покажа дека луѓето ги загрижува, вели Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција
Изборите со внимание ги следат регионалните медиуми, особено во Грција. „Изборен трилер во Скопје“, „Неизлезноста победник во првиот круг од изборите“, „позицијата на Албанците се клуч за вториот круг“, се дел од насловите кои доминираа во грчките медиуми. Акцент на изборите со аналитички осврт ставија и бугарските медиуми, вклучително и националните телевизии.
-Независно кој ќе биде иден претседател на Македонија, земјата прв пат ќе има претседател кој не е оспоруван. Од Киро Глигоров до Ѓорге Иванов, сите до еден беа оспорувани. Втората работа што е за одбележување е извесното разочарување од владеењето, пред се во економијата, смета Љупчо Нешков, новинар на агенцијата Бгнес, во интервју за телевизијата БТВ.
За првиот изборен круг во земјава, без да му се даде поголемо медиумско внимание известуваа сите регионални медиуми.