Велигденска честитка на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов

Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов по повод празникот Христово воскресение – Велигден, што утре (21 април) го слават граѓаните со католичка вероисповед, упати велигденска честитка.

– Христијанскиот начин празнување на поедини настани од историјата на спасението не се само споменување на нешто што било, туку е доживување на нешто што постојано трае. Исус Христос во одредено историско време беше мачен и распнат, убиен и погребен во Ерусалим. Неговото материјално битие излезе од законот на нашата физика и во преобразеното тело и денес е присутен. Разбирливо дека поединостите на таквото тело нам не ни се познати, но тоа, што со очите на верата го гледаме и со душата веруваме не прави денес среќни, бидејќи е врв, а и извор на нашата вера: Христос е жив, воскреснат, прославен и сега е меѓу нас.

Како католичка заедница невообичаено сме збогатени со овој Велигден не само со празнувањето на таинството на верата, туку со фактот дека токму во тоа Воскресно време ни доаѓа во пасторална посета поглаварот на нашата Црква, папа Фрањо. Веруваме дека Тој ќе ни го навести Христовиот мир, ќе не охрабри и ќе ни ја зајакне нашата надеж да не се пребројуваме според бројот, туку да настојуваме својот живот да го направиме богат во даровите кои само Бог може да ни ги дарува. Во многу сфери на нашата цивилизација и култура полагаме испит на опстанок и затоа се молиме прославениот и воскреснат Бог, преку оваа Апостолска посета, да нѐ обнови во духот, зајакне во мирот и зацврсти во заедништвото со сите луѓе со добра волја што на ова земја и на сите граѓани во неа им посакуваат напредок, соживот, успех, а пред сѐ мир.

Нека доаѓањето на Папата, на секој верник и секој човек во нашата Татковина ги зајакне чекорите за мир, сигурност во животот и надеж за подобро утре. Со тие мисли се среќаваме во славата на Воскресението и нашиот Господ Исус Христос, што не прави способни да можеме искрено да порачаме: „Не бој се, стадо мало!" – Небесниот Отец ви го предаде Царството на животот. Христос воскресе!, се вели во велигденската честитка на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.

Прв круг претседателски избори, Канал 5 на избирачките места во Кисела Вода

Утринава Канал 5  беше на  отворањето на гласачките места во скопските Општини Карпош, Центар и Шуто Оризари.

Таму гласањето течеше мирно, без поголеми проблеми. Во моментов нашата екипа е во Кисела Вода во средното училште Васил Антески Дрен. Таму е Дејан Трајковски.

На Попова Шапка утрово најстудено и најголемо количество врнежи

Времето денеска променливо облачно и потопло.

Најниска температура, 0 степени, утрово е измерена на Попова Шапка, каде што има и најголемо количество врнежи во изминатите 24 часа - 29 литри на квадратен метар.

Како што соопшти УХМР, во 8.30 часот се измерени 3 степени во Маврови Анови и Лазарополе, 4 во Крушево, 5 степени во Битола и Претор, 6 во Тетово и Прилеп, 7 степени во Скопје (Зајчев Рид), Охрид и Берово, 8 степени во Скопје (Петровец) и Кавадарци, 9 во Куманово, 10 во Штип, Струмица, Крива Паланка, Велес, Виница и Гевгелија и 11 степени во Демир Капија и Виница.

Во изминатото деноноќие, според мерењата во 7 часот за наврнат воден талог, 26 литри на квадратен метар се измерени во Пожаране, 24 во Тетово, Маврови Анови и Охрид, 23 во Битола, 22 во Штип, 20 во Ѓуриште, 18 литри на квадрат во Претор и Крушево, 17 во Прилеп и Куманово, 15 во Скопје (Петровец) и Виница, 14 литри во Гевгелија, 13 во Скопје (Зајчев Рид), Крива Паланка, Кавадарци и Тополчани, 12 во Велес, 11 во Струмица, 10 литри во Берово, 9 во Лазарополе, 7 во Дојран и 5 литри на квадратен метар во Демир Капија.

-Дадените вредности за количината врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената, наведува Управата за хидрометеоролошки работи.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Попладне ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови од земјава повремено засилен ветер од југозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 16 до 24 степени.

-Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Максималната температура ќе достигне 22 степена, инфоримира УХМР.

Навреме отворени сите избирачки места во Охрид и Дебрца, гласањето се одвива непречено

 Во општините Охрид и Дебрца сите избирачки места се отворени навреме, гласањето се одвива непречено и без какви било нерегуларности.

Според информациите од ОИК во Охрид, навреме во 7 часот се отворени сите 87 избирачки места, така што граѓаните можат непречено да го дадат својот глас за некој од седумте кандидати за претседател на државата.

Како што информираат од ОИК Дебрца, отворени се и сите 23 гласачки места во атарот на Општината, а гласањето се одвива непречено.

Во главниот избирачки список за претстојните претседателски избори во Охрид се запишани вкупно 51.717 избирачи, додека во Дебрца право на глас имат вкупно 3938 лица.

Инаку, во текот на вчерашниот ден правото да гласат го искористија и 167 од пријавените 172 болни и изнемоштени лица кои гласаа во домашни услови, а гласаа и сите 27 лица од Охрид кои издржуваат затворска казна, сите седум лица во установи за вонсемејна грижа и тројцата граѓани од Охрид во дипломатско – конзуларните претставништва.

Во текот на вчерашниот ден гласаа и болните и изнемоштени лица во Општина Дебрца, каде од пријавените 22 гласачи, правото на глас до искористиле 21 лице.

притисни ентер