Вељаноски повикан во Обвинителството за „27 април"

Трајко Вељаноски се товари дека е еден од организаторите на нападите во Собранието од 27 април 2017 година, заедно со Никола Груевски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошковски.

 Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски денеска беше во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде вршел увид во доказите за предметот за „27 април", потврдија за МИА од Јавното обвинителство.

Вељаноски на излегување од обвинителството кусо изјави дека бил повикан и се одзвал на поканата од обвинителството, без да даде повеќе детали.

Трајко Вељаноски се товари дека е еден од организаторите на нападите во Собранието од 27 април 2017 година, заедно со Никола Груевски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошковски. Тие се осомничени дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста".

Судот на предлог на Обвинителството, за Вељаноски побара притвор, но Собранието по низа процедурални забелешки не гласаше за одземање на неговиот пратенички имунитет.

За насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица. Највисока казна од 18 години доби поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков.

Дел од осудените побараа да бидат помилувани од претседателот Ѓорге Иванов. Од кабинето на шефот на државата засега нема одговор како ќе биде постапено. /МИА.

Најдоцна до петок владејачката партија ќе излезе со предлог за владината реконструкција

Најдоцна до петок владејачката партија ќе излезе со предлог за владината реконструкција.

Ова вчера го најави  и министерката за одбрана Радмила Шекеринска во синоќешното гостување на телевизиска  емисија. Таа рече дека најавената реконструкција ќе се случи наскоро.

-Очекувам дека до петок, предлогот за реконструкција да биде доставен во собранието-рече Шекеринска која потенцираше дека следуваат и системски промени на делување во интерес на граѓаните.  

Се очекува осуммина министри да ги предадат фотелјите, извори од владината коалиција велат дека дел ќе бидат ротации, а дел нови решенија. Освен на министерско ниво, новиот кадровски бран ќе опфати и над 20 директори

За сега се знае дека  министерот за земјоделие Љупчо Николовски заминува од функцијата и ќе продолжи да работи во партијата.

Во Штип инфо сесија за Законот за финансиска дисциплина

 Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива денеска во Штип ќе одржи инфо сесија на тема „Закон за финансиска дисциплина и исполнување на договори".

Целта на настанот е претставување на Законот за финансиска дисциплина и идентификување на предизвиците со кои се соочуваат компаниите при неговата имплементација, како и дефинирање конкретни предлози и решенија за подобрување на правната рамка.

Според организаторот, целта на предлозите од инфо сесијата е подобрување на условите за работа на компаниите.

На настанот ќе присуствуваат претставници на релевантни институции, стопанственици и експерти.

Министерски совет на ЕУ за Македонија и за Албанија

Министрите за надворешни и европски работи на земјите членки на ЕУ денеска во Луксембург ќе разговараат за напредокот на земјите од западниот Балкан и проширувањето.

 Министрите, меѓу другото, треба да решат дали и кога Македонија и Албанија ќе ги започнат преговорите за членство во ЕУ, како што препорача Европската комисија на 29 мај во своите извештаи.

Досега не е постигнат консензус помеѓу земјите членки за заклучоците на овој состанок.

Одлуката што ќе ја донесат министрите денеска потоа ќе треба да биде потврдена од страна на шефовите на држави и влади на ЕУ на европскиот совет на 20 и 21 јуни во Брисел.

притисни ентер