Ципрас: За 10 години дури и оние кои не се согласуваат ќе ја сфатат важноста на Договорот од Преспа

Дури и оние кои сега, добронамерно се противат, за 10 или помалку години ќе го сфатат значењето на Договорот од Преспа за Грција, рече грчкиот премиер, Алексис Ципрас во интервјуто за грчката телевизија „Антена".

-Константинос Мицотакис велеше дека за 10 години ова прашање ќе го заборавиме. Јас денес со сигурност можам да ви кажам дека ќе го помниме засекогаш и дека за 10 години, па дури и помалку, дури и оние кои денес, добронамерно не се согласуваат, ќе ја сфатат големата историска вредност и важност на договорот за Грција, рече Ципрас.

Премиерот на Грција, во едночасовното интервју во централните вести на „Антена", во делот посветен на Договорот од Преспа, говореше и за политичката цена, објаснувајќи дека воопшто не размислувал на тоа кога му се дала можноста да се реши спорот со името, напротив, вели дека имал среќа што ја добил можноста и истакнува дека Грција и С.Македонија се природни сојузници, јави дописничката на МИА од Атина.

-Навистина, за критичните национални прашања моите претходници размислуваа за политичката цена? Јас во ниту еден момент не помислив на тоа во големите и критични моменти за време на мојот четиригодишен мандат, рече Ципрас.

Како пример го спомена „тешкиот компромис" во 2015 година за економијата, но и дека во ниту еден момент не размислувал кога му се дала „оваа голема историска можност да се реши 30-годишен спор".

-Се решава спор што беше пречка со земјата на северната граница, која ѝ го имаше свртено грбот на Грција, која ќе беше и е нејзиниот природен сојузник, што сега ни овозможува да имаме економска активност таму, тие да се нашите основни стратешки партнери. Авионите на нашето воено воздухопловство, наместо турските Ф16, да се оние кои го надгледуваат нивниот воздушен простор. Овие се големите можности на договорот што е од национално значење и со патриотски вредности, што имав среќа, бидејќи ми беше дадена можност, да го направам. Ако другите премиери ја имаат оваа можност, ќе го стореа тоа, објасни грчкиот премиер, пренесе МИА.

На коментарот од новинарот дека многумина сметаат дека исто како и во 2015 година, така и за Договорот од Преспа, владата требала да го праша народот, Алексис Ципрас одговара со прашањето: „Ќе одржиме ние референдум за тоа како ќе се викаат нашите соседи?"./МИА.

Тајланд воведува данок за богатите пензионери од Западот

Според новиот тајландски даночен закон, сите даночни резидентни кои ги остваруваат своите приходи во странство, а трошат пари на Тајланд, во иднина ќе мора да плаќаат данок.

Овие одредби важат не само за тајландските граѓани, туку и за илјадници странски пензионери кои ги поминуваат пензионерските денови на Тајланд. Меѓу нив има и многу пензионери од Европа, а пред се од Германија.

Пензионерите живеат удобно на Тајланд од заштедите и приходите што ги заработиле додека работеле во своите матични земји.

„Ова е многу тежок удар за германските пензионери“, вели даночниот советник Мартин Либенов од меѓународната ревизорска фирма Мазарс во Бангкок, пренесува Тпортал.

Пензионерите не се единствените што се погодени. Ова е тежок удар за секој што ќе се пресели во Тајланд и ќе живее од своите заштеди и приходи од странство, без разлика дали се пензионери или е некој од многубројните дигитални номади, вели Либенов. /МИА

ДЗС: Струјата во второто полугодие лани поскапела за 8,2 отсто

Просечната цена на електричната енергија без данокот на додадена вредност за крајните потрошувачи, освен домаќинствата, се движи од 6.756 до 12.393 денари по KWh по групи на потрошувачи.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто полугодие од 2023 година, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во земјава изнесувала 7.289 денари по KWh, што претставува пораст од 8.2 % во споредба со првото полугодие.

Просечната цена на електричната енергија без данокот на додадена вредност за крајните потрошувачи, освен домаќинствата, се движи од 6.756 до 12.393 денари по KWh по групи на потрошувачи.

Просечната цена на природниот гас без данокот на додадена вредност за крајните потрошувачи, освен домаќинствата, се движи од 36.858 до 48.300 денари по нм3 по групи на потрошувачи.

Просечната малопродажна цена на природниот гас за домаќинствата е 51.257 денари за nm3.

Девет лица приведени во Таџикистан поради поврзаност со нападот во Москва

Државниот комитет за национална безбедност на Таџикистан уапси девет лица за кои верува дека се поврзани со осомничените за нападот во концертната сала во Москва.

Светските агенции повикувајќи се на извори во безбедносните сили на Таџикистан, денеска наведуваат дека осомничените се уапсени и поради нивните врски со огранокот на терористичката организација Исламска држава во Хорасан (ИСИС-К).

Според нивните информации, сите девет лица биле приведени на 25 март во градот Вахдат и се одведени во Душанбе.

Истражниот комитет на Русија вчера соопшти дека е уапсено уште едно лице осомничено дека учествувало во финансирањето на нападот во Москва. /МИА

притисни ентер