Нови рочишта за „Талир", „Трезор" и „Шпион"

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Талир", „Трезор" и „Шпион".

Во случајот „Талир" обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања" и „перење пари", како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари". За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.

Во „Трезор" првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Во судот за денеска е закажано и рочиште за предметот „Шпион". Во првостепена постапка за овој случај беа осудени сите 19 обвинети. Највисока казна затвор доби прво осомничениот Марјан Ефремов, а меѓу осудените за соработка со странски тајни служби се и екс генералот на единицата „Лавови", Горан Стојков, поранешниот директор на Управата за спречување перење пари, Ване Цветанов и поранешниот висок функционер во УБК, Александар Диневски. /МИА

На аеродромот во Шри Ланка пронајдена бомба

Неколку часа по серијата експлозии на Шри Ланка, полицијата пронајде бомба во главниот аеродром во таа земја. Бомбата била откриена при рутинска контрола и уништена на безбеден начин.

-Откриена е пластична цевка долга шест стапки и која содржи експлозив, изјави портпаролот на воздухопловните сили Гихан Сеневиратне.

Аеродромот беше затворен за сообраќај по сознанијата дека е пронајдена експлозивна направа.

Во бомбашките напади во Шри Ланка загинаа повеќе од 200 луѓе, а над 500 се ранети при синоќешните  експлозии во три цркви и три хотели

Според полициски извори, речиси исто времено одекнале експлозии за време на велигденската миса во католичка црква „Свети Ентони“ и во три хотели со пет ѕвезди во главниот град на Шри Ланка, Коломбо.

 Засега никој не презеде одговорност за експлозиите. Ова е прв сериозен бомбашки напад во Шри Ланка од завршувањето на конфликтот меѓу властите во Коломбо и сепаратистичката група ослободителни тигри на Тамилскиот Елам (лтте) во 2009 година.

Папата Франциск ги осуди суровите напади во Шри Ланка .

„Со тага и болка ја примив веста за смртоносните напади кои се случија денеска на велигден, донесоа жал и болка во црквите и другите места на кои се собраа луѓето во Шри Ланка“, изјави папата

Вчерашните претседателски избори со најниска излезеност досега

Вчерашниот прв круг од претседателските избори помина со досега најнизок одѕив на гласачите споредено со претходните изборни циклуси за шеф на државата.

Според последните податоци што ги објави ДИК одѕивот во првиот круг на Претседателските избори изнесуваше 41,82 отсто или на гласање излегле 755,816 граѓани.

На првите непосредни претседателски избори во 1994 година на гласање излегоа 1.053.761 граѓани, а за шеф на државата беше избран Киро Глигоров  со освоени 715.087 гласови.

Неговиот наследник Борис Трајковски во 1999 година беше избран со 582,808 гласови, а на гласање излегоа 1.112.703 граѓани.

Следниот претседател Бранко Црвенковски во 2014 година беше избран со гласовите на 550.317 граѓани од вкупно излезените 909.289 граѓани.

Ѓорѓе Иванов во 2009 градина кога за прв пат беше избран за претседател доби поддршка од 453,616 граѓани, а вкупно на гласање излегоа 764.039.

Вториот мандат во 2014 година Иванов го освои со 534.910 гласови, од вкупно излезените 967.676 граѓани.

Новиот претседател на државата ќе се избира во вториот круг што треба да се одржи на 5 мај. Граѓаните ќе избираат меѓу двајцата кандидати кои вчера освоија најмногу гласови Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. За да биде избран новиот шеф на државата, на гласање ќе треба да излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи. 

Меѓународните набљудувачи ќе објават првични наоди и заклучоци за изборите

 Меѓународните набљудувачи кои вчера го следеа првиот круг од Претседателските избори денеска на прес-конференција во Скопје ќе ги соопштат првичните наоди и заклучоци.

Првичните наоди и заклучоци ќе ги објават Серен Мобурн, специјален координатор и шеф на краткорочните набљудувачи од ОБСЕ, Мари – Кристин Дало, шеф на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Рајнхолд Лопатка, шеф на делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ОБСЕ ПС) и Корин Јонкер, шеф на набљудувачката мисија на ОДИХР за изборите.

Меѓународната мисија за набљудување на претседателските избори се состои од  240 набљудувачи од 38 држави, од кои 189 се долгорочни и краткорочни набљудувачи од редовите на ОБСЕ/ОДИХР, 39 парламентарци и друг персонал од ОБСЕ ПС и 12 од ПССЕ.

притисни ентер