Профил на Гордана Сиљановска Давкова

Во последната недела од кампањата, Канал 5 ќе ви ги претстави потенцијалните претседатели од еден поинаков агол. Низ разговор со нив, ќе се обидеме да ви го доловиме вредносниот систем по кој функционираат и за кој ќе се залагаат.

Правда за Македонија – со оваа парола Гордана Силјановска Давкова влегува во битката за претседател на државата. Нејзиниот избор како кандидат адут на ВМРО ДПМНЕ за некои беше изненадување, но судејќи по безмалку пресликаните ставовите за Договорот од Преспа и законот за јазици е сосема логичен.

Предизборната кампања и’ наметна набиена агенда и многу малку време за активностите од нејзиното секојдневие. Во обид да доловиме како сега и изгледа денот – Канал 5 помина еден ден со неа. Додека пред нејзиниот дом во Дебар маало обезбедувањето и нејзиниот тим го подготвуваа нејзиното последно интервју,  „украдовме“ неколку минути да поразговараме за семејството, студентите, домашните обврски.

Не мора многу време да минете во домот на Сиљановска за да ги воочите животни детали – сопруга и мајка на две деца, книгите во речиси секој агол зборуваат за неа како професор по уставно право. Семејството одлучило да остане на страна и да не ја придружува во кампањата, но, вели за возврат, ги презело сите обврски во домот.

Кампањата е интензивна средби со здруженија и граѓани преку ден, митинзи навечер. Не ме заморуваат, напротив вели Силјановска и дале нова вредност и нов видик за животот во Македонија и за нејзините граѓани.

Да се биде под рефлекторите, пред камерите, на билбордите, признава, не е амбиент во кој се чувствува удобно. Но, трката за претседател ја извлече од комфорната зона, на граѓаните им прикажа и една сосема поинаква  страна на професорката Силјановска – вежбаше јога на брегот на Охридското езеро, а заигра и рокенрол со Жаре.

Како и другите кандидати ја бара поддршката за да победи – па оттаму ја прашавме што ќе и недостига доколку нејзина следна адреса е претседателската резиденцијата Вила Водно.

Но, најмногу вели ќе и’ недостигаа студентите.

Категорична е во тврдењето дека доаѓа времето на жените во политиката. Верува дека е пример кој ќе ги охрабри дамите да посегнат кон високи државни функции.

На улица Македонија разговаравме за нејзината визија за државата, пораките до гласачите, како планира да донесе правда и правичност...

Средбите со амбасадори и претставници на меѓународната заедница се задолжителни во агендата на претседателски кандидат. Како и пред гласачите, Преспанскиот договор, е доминантна тема.

Овие средби ги гледа како вовед  во реализацијата на стратегијата за Договорот за промена на името која што планира да ја спроведе во целост доколку седне во претседателската фотелја.

Кабинетот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов деновиве е актуелен по барањата за помилување во осудените за 27-ми април, но и откако шефот на државата стави вето на повеќе закони бидејќи го носат новото име на државата. 

Во политичката арена, вели, зачекорила подготвена да биде мета на критики и обвинувања. Тешките зборови за нејзините политички ставови ги разбира како дел од политичката битка, се додека тие не навлегуваат во приватниот живот и не задираат во нејзината улога на мајка, сопруга и професор.

Градоначалник во Ново Село ќе се бира во втор круг

Неважечките 103 ливчиња се причина да нема избор на градоначалник на Општина Ново Село на вчерашните предвремени избори.

 Имено, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Николчо Стоилков добил 2.753 гласови, а за кандидатот на СДСМ, Никола Андонов гласале 2.693 избирачи.

Според претседателката на Општинската изборна комисија, Венера Шопова, кандидатот Стоилков не ги добил потребните 50 проценти плус еден гласови за победа во првиот круг поради неважечките ливчиња и затоа на 5 мај ќе се одржи втор изборен круг.

Од 11.302 запишани избирачи во Ново Село вчера на гласање излегле 5.549 граѓани со право на глас, од кои 103 гласачки ливчиња се неважечки.

Во Општина Ново Село предвремени избори за градоначалник се одржаа заради тоа што поранешениот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна поради обид за шверц на цигари.

Локални врнежи утре, од четврток потопло и нестабилно

Локални врнежи од дожд и засилен ветер од југоисточен правец, а од четврток повисоки температури и нестабилно време, најавуваат метеролозите за утре.

Од среда, како што информираат од УХМР ќе настапи преодно стабилизирање на времето, додека од четврток до недела ќе биде значително потопло, но во попладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално со поинтензивни процеси.

Водостојот на Бабуна двојно повисок од вчера

 Водостоите на сите реки во земјава се пониски од просекот за април и бележат благо зголемување или намалување во однос на вчера, покажуваат последните мерења од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Исклучок е Бабуна на мерното место кај Богомила каде нивото е двојно повисоко од вчерашното.

Водостоите, пак, на природните езера во земјава се исти како вчера. Нивото на Дојранското Езеро е за речиси три метри повисоко од повеќегодишниот просек за овој период од годината, додека водостоите на Охридското и Преспанското Езеро се пониски од вообичаените. 

притисни ентер