Компаниите се уште не го користат доволно факторингот како финансиски инструмент

 Македонските компании многу малку го користат факторингот како инструмент и начин за наплата на побарувањата.

 Тоа е индикатор за економскиот раст на земјата а кај нас е многу малку познат и користен од компаниите во домашното тргување и наплата а уште помалку и за извозно ориентираните компании.

Заради непознавањето на овој финансиски инструмент со кој се отстранува ризикот од наплата за продадените производи во земјава, факторингот во однос на БДП се мери во промили додека во развиените европски земји факторингот како индикатор на растот изнесува од 4 до 10% до нивното БДП. Наједноставно кажано со факторинот не мора да чекате и да ризикувате дали и кога ќе ги земете парите за продадениот производ туку за вас тоа го прави факторинг компанија.

Од Стопанската комора каде се промовираше поголема употреба укажуваат дека факторингот како инструмент кој е особено значаен за извозно ориентираните компании е малку познат и слабо искористен за брза наплата на извезената стока без ризик за наплата на побарувањата.

Градоначалник во Ново Село ќе се бира во втор круг

Неважечките 103 ливчиња се причина да нема избор на градоначалник на Општина Ново Село на вчерашните предвремени избори.

 Имено, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Николчо Стоилков добил 2.753 гласови, а за кандидатот на СДСМ, Никола Андонов гласале 2.693 избирачи.

Според претседателката на Општинската изборна комисија, Венера Шопова, кандидатот Стоилков не ги добил потребните 50 проценти плус еден гласови за победа во првиот круг поради неважечките ливчиња и затоа на 5 мај ќе се одржи втор изборен круг.

Од 11.302 запишани избирачи во Ново Село вчера на гласање излегле 5.549 граѓани со право на глас, од кои 103 гласачки ливчиња се неважечки.

Во Општина Ново Село предвремени избори за градоначалник се одржаа заради тоа што поранешениот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна поради обид за шверц на цигари.

Локални врнежи утре, од четврток потопло и нестабилно

Локални врнежи од дожд и засилен ветер од југоисточен правец, а од четврток повисоки температури и нестабилно време, најавуваат метеролозите за утре.

Од среда, како што информираат од УХМР ќе настапи преодно стабилизирање на времето, додека од четврток до недела ќе биде значително потопло, но во попладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално со поинтензивни процеси.

Водостојот на Бабуна двојно повисок од вчера

 Водостоите на сите реки во земјава се пониски од просекот за април и бележат благо зголемување или намалување во однос на вчера, покажуваат последните мерења од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Исклучок е Бабуна на мерното место кај Богомила каде нивото е двојно повисоко од вчерашното.

Водостоите, пак, на природните езера во земјава се исти како вчера. Нивото на Дојранското Езеро е за речиси три метри повисоко од повеќегодишниот просек за овој период од годината, додека водостоите на Охридското и Преспанското Езеро се пониски од вообичаените. 

притисни ентер