Нема поместување околу клучните разлики за Законот за јавно обвинителство

Амандманите на Предлог законот за Јавно обвинителство со кој се регулира и статусот на СЈО од ВМРО ДПМНЕ се неприфатливи за Министерството за правда.

Оттаму велат дека материјалите што партијата им ги доставила биле разгледани но клучните разлики остануваат.

Викендот од ВМРО-ДПМНЕ испратија повторно материјали, но клучните разлики остануваат. Материјалите не беа во согласност со европските препораки за отворање на преговорите. Разговорите ќе продолжат.

Главните разлики се идниот статус и функционирање на СЈО, судбината на постапките кои веќе се почнати и употребата на доказите. Неофицијално во текстот кој ВМРО ДПМНЕ го испратила до правда биле вградени дел од 65те амандмани кои и претходно беа одбиени. Во некои од нив ВМРО ДПМНЕ предлага СЈО да се позиционира само како одделение во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, но со мандат додека траат тековните судски процеси.

Постапките кои се засноваат на нелегитимно собрани докази од нелегитимен орган не можат да бидат предмет на било каква постапка во македонскиот правосуден систем. Сето претходно наведено дава апсолутен нелегитимитет на постапките кои се започнати од страна на Специјалното Јавно обвинителство во периодот од 30 Јуни 2017 година како и доказите употребени после овој период од страна на ова обвинителство

Извори од преговорите брифираат и дека ВМРО-ДПМНЕ останува на позиција да се запрат сите истраги што СЈО ги води по 30 јуни 2017 година, но и дека е против опцијата СЈО да ги презема истрагите од останатите обвинителства и понатаму да ги процесира.

Од СДСМ тврдат дека ВМРО ДПМНЕ преку своите амандмани бара амнестија за партиските функционери опфатени во истрагите на СЈО.

Од Правда велат дека консултациите околу законот сепак продолжуваат. Законот за јавно обвинителство, што треба да го реши и статусот на СЈО, е еден од условите за добивање датум за преговори за влез во ЕУ, а за негово усвојување потребно е двотретинско мнозинство.

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

Премиера на претставата „Хенгинг Араунд“ во МНТ

Во Македонскиот народен театар  вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена  претставата „Хенгинг Араунд“ по текст на Љупчо Јованов, во режија и адаптација на Бојан Трифуновски.

МНТ соопшти дека дејството во претставата се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни. Главните ликови во приказната 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа.

-Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овојпат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна..., наведува Македонскиот народен театар.

Во претставата играат Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

Велигденски концерт на „Танец“

Ансамблот „Танец“ вечер во Националната опера и балет ќе го одржи велигденскиот концерт „Велигден е, Ѓурѓовден е“.

Изведени ќе бидат видеоприказните „Ѓурѓе ле, Ѓурѓе, млад Ѓурѓе, да кој ти рече да дојдеш? Мене ми рече Велигден“, „Брале се, брале сватови“, „Велигден, море Велигден, в година пак да ни дојдиш“ и „Да исчистиме гревовите, да испадиме духовите“ и кореографските постановки „Ѓурѓовденка“, „Мариовска тресеница“ и „Свадба“.

„Танец“ премиерно ќе ја изведе и најнова кореографска постановка „У ливаду“ од 2023 година.

Во рамки на програмата ќе бидат емитувани тематски видеоинтермеца, за чија изработка се користени материјали од архивите на МРТ, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, Музеј на Македонија и Кинотека на РМ.

притисни ентер