Превентивна дератизација на подрачјето на Општина Битола

 ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола од денес до 26. април на подрачјето на Општина Битола ќе врши превентивна систематска дератизација.

Станува збор за програмска активност и во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести, поддржана и со одлука на Советот на Општина Битола.

Со дератизацијата ќе бидат опфатени подземниот канализациски систем со ревизионите и прифатните шахти во сите реони на градот; прифатниот канализациски систем во околината на објекти од посебен јавен интерес како што се детски градинки, основни, средни и високо образовни институции, Домови за сместување и престој на ученици и студенти, Домови за сместување на стари и изнемоштени лица, Домови за деца без родители и за деца со посебни потреби, медицински установи, јавни претпријатија, банки, објекти од областа на културата, и други објекти на локалната самоуправа.

Со дератизацијата ќе бидат опфатени и јавната депонија „Мегленци" и диви депонии во градот, а ќе ја вршат три екипи обележани и заштитени со знаци за предупредување на ЈЗУ ЦЈЗ Битола и ЈП Нискоградба-Битола. 

Коловозите влажни, можни одрони низ котлините и клисурите

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа коловози. Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

 На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Како што информира АМСМ, поради одрони, сообраќајот на регионалниот пат Делчево-Каменица се одвива по една сообраќајна лента. Се преземаат мерки за рсчистување на коловозот.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. 

ФЕИТ одбележува 60 години постоење

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во рамки на одбележувањето шест децении од основањето, денеска ќе им додели „Златна диплома" на сите студенти кои дипломирале пред 50 години.

Според факултетот, ќе бидат доделени 60-тина дипломи на дипломирани електроинженери од првите генерации. 

Премиерот Заев на форум на „Фајненшал тајмс" за земјите од Западен Балкан

Заев ќе се сретне со заменик-премиерот на Обединетото Кралство, Дејвид Лидингтон, на работен појадок организиран за тројцата премиери од Западен Балкан.

Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Обединетото Кралство, каде што на покана од „Фајненшал тајмс" ќе учествува на форум што угледниот британски весник го организира за земјите од Западен Балкан, насловен „Инвестициски можности во брзорастечкиот регион".

Како што соопштија од владината прес-служба, Заев ќе се сретне со заменик-премиерот на Обединетото Кралство, Дејвид Лидингтон, на работен појадок организиран за тројцата премиери од Западен Балкан.

Предвидено е премиерот Заев да се обрати на премиерскиот панел заедно со премиерите на Албанија и Србија, Еди Рама и Ана Брнабиќ, на тема „Инвестициски можности и како домашната политика влијае на нив”, а вицепремиерот Анѓушев треба да зборува на сесија заедно со министрите за економија на Косово и Црна Гора, Валдрин Лука и Драгица Секулиќ. По завршување на сесиите се предвидени изјави на премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев, наведуваат од владината прес-служба.

притисни ентер