Изборната кампања да не се почнува предвреме, предупреди ДИК

По потврдување на регуларноста на кандидатурите на тројцата претседателски кандидати и по утврдување на редоследот на гласачкото ливче, за помалку од десет дена, односно од 1 април, официјално ќе стартува изборната кампања за претседател на државава.

Претседателските кандидати, кои во изминатите седмици редовно известуваа за своите активности низ земјава, со што неофицијално веќе ја почнаа кампањата, вчера добија предупредување од ДИК да не ја почнуваат предвреме кампањата.

Членот на ДИК Борис Кондарко, на 27-та седница на Комисијата, упати апел до кандидатите да се придржуваат кон членот 69-а од Изборниот законик, во кој е детално дефинирано што се се подразбира под кампања, од која тие треба да се воздржуваат до нејзиниот официјален почеток, на 1 април.

– За изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми, го цитираше Кондарко членот 69-а.

Посочи дека секој со сопствен пример може да даде придонес за успешни избори, но и сликата за изборниот процес да биде позитивна.

– Севкупната слика за изборниот процес и за нашата држава зависи од тоа како ќе се спроведат овие избори, затоа ги повикуваме сите, но пред се кандидатите за претседател во овој период пред почетокот на кампањата но и за време на кампањата, строго да се придржуваат, да бидат одговорни и сериозно да се однесуваат кон сите пропишани правила во Изборниот законик, што се однесуваат на предвремено почнување на кампањата, рече Кондарко.

Повика и побара коректна, чиста позитивна европска кампања, бидејќи, како што рече, тоа е во интерес на сите, пред се на кандидатите, на нивниот интегритет, во интерес на политичките партии, во интерес на ДИК, и во интерес на целата држава.

– Нема потреба поради определени непромислени постапки и изјави ние како ДИК да се ставаме во улога на судија и да одлучуваме по некакви приговори, подвлече Кондарко.

Во ДИК вчера беше спроведено жребувањето за редоследот на кандидатите за претседател на гласачкото ливче. Кандидатот на албанската опозиција за претстојните претседателски избори Блерим Река ќе биде прв на избирачкото ливче, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, а трет е кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.

Во вториот круг нема да се прави нова жрепка, а кандидатите кои ќе влезат во вториот круг ќе го задржат редниот број од првиот круг.

Претставниците на претседателските кандидати, кои ги влечеа бројчињата, изјавија дека очекуваат фер, демократска и пред се кампања во духот на европските вредности.

Дарко Каевски, претставник на СДСМ и на коалицијата за кандидатот Стево Пендаровски, по утврдувањето на редоследот на претседателските кандидати, изјави кампањата што ќе ја водат ќе биде европска и оти од денеска па се до 1 април, кога е официјалниот почеток, ќе се воздржуваат од кампања и од јавни настапи и ќе ги почитуваат сите законски прописи.

Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, претставник на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, рече дека веќе прекинале со сите активности што не смеат да бидат емитувани и реализирани, како на терен, така и медиумски. Посочи дека ќе се залагаат за европска, фер и демократска кампања и ќе ги следат сите норми и начела што се припишани од страна на Изборната комисија. Истото, како што рече, го очекуваат и од власта.

Рамадан Реџепи, портпарол на кандидатот Блерим Река, рече оти се надеваат на фер и пред се мирни и европски избори и оти ќе се придржуваат кон тоа да ја почнат кампањата на 1 април.

ДИК во четвртокот официјално ја потврди регуларноста на кандидатурите на тројцата претседателски кандидати.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски апелираше до сите учесници во кампањата изборите да поминат во фер и коректна атмосфера, да претставуваат вистински политички натпревар на идеи, со цел да се добијат кристално чисти избори што ќе значат еден плус повеќе за развој на демократскиот капацитет на државата.

Кампањата за претседател на државата почнува на 1 април и ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај. /МИА

Саудиска Арабија за прв пат учествува на изборот за Мис Универзум

Саудиска Арабија ќе учествува на изборот за Мис Универзум 2024 за прв пат во историјата на изборот.

Руми Алкахтани, 27-годишна манекенка и инфлуенсер родена во Ријад, ќе ја претставува Саудиска Арабија на изборот за убавина.

- Чест е да се учествува на изборот за Мис Универзум 2024. Ова е прво учество на Кралството Саудиска Арабија на изборот за Мис Универзум - објави таа на својот Инстаграм профил.

Освен што е крунисана за Мис Саудиска Арабија, Алкахтани ги носи и титулите Мис на Блискиот Исток, Мис на Арапскиот свет за мир 2021 година и Мис жена на Саудиска Арабија.

Таа претходно ја претставуваше Саудиска Арабија на неколку меѓународни натпревари, меѓу кои и оној за Мис Азија, кој се одржа во Малезија, пишува Index.hr.

Сончево и топло до крајот на неделава со температури до 27 степени

Следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот.

Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата, соопшти УХМР.

Минималните утрински температури ќе бидат во интервал од 4 до 12, а максималните дневни ќе достигнат до 27 степени.

Струмичката болница обезбеди модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за хируршки зафати

Струмичката болница обезбеди и започна со работа со нова модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за потребите на одделот хирургија, информираа од оваа здравствена установа.

Како што соопштија оттаму, со лапароскопска хирургија се овозможува полесен третман на пациентите со минимални инвазивни третмани, помал губиток на крв, помал ризик од инфекции, полесно заздравување и пократок престој на пациентите во болница за разлика од отворените хирушки интервенции.

-Тимот на хирурзи, хирурзи на абдоминална хирургија, во болницата веќе подолго време работат лапароскопски операции, а во наредниот период ќе се работи на проширување на експертизата, доедукација на лекарите во лапароскопска хирургија, како и во гинекологија за проширување на видот на оперативните третмани кои досега се работеа во нашата болница со класични отворени хирушки методи, велат од ЈЗУ „Општа болница Струмица“.

Инаку, лани се направени вкупно 1.400 операции, од кои околу 300 лапароскопски хирушки интервенции.

притисни ентер