Истекува рокот за поднесување на кандидатурите за Претседател

До денеска на полноќ завршува рокот до кој кандидатите за Претседател на државата треба да ги достават кандидатурите до Државната изборна комисија (ДИК).

Кандидатура веќе поднесе Блерим Река, кандидат на албанската опозиција, а се очекува тоа да го сторат и останатите двајца кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и коалицијата и Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

За официјализирање на претседателската кандидатура потребно е кандидатите да достават 10.000 граѓански или 30 пратенички потписи по што ДИК треба во рок од 48 часа од доставувањето, да ја потврди кандидатурата. Доколку има неправилности, тогаш кандидатурата се враќа и поднесувачот има рок од 48 часа да ги отстрани утврдените неправилности.

Кампањата за претседател на државата почнува на 1 април и ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај.

Под кој реден број ќе се најдат кандидатите, ДИК ќе утврди на 25 март со ждрепка.

Доколку ниту еден кандидат за претседател не го добие потребното мнозинство гласови, тогаш ќе се одржи втор круг и гласачите ќе бираат меѓу двајцата кои освоиле најмногу гласови. Кампањата за втор круг би завршила во 24 часот на 3 мај, а гласањето би се одржало на 5 мај. Победник на изборите ќе биде еден од двајцата кандидати кој во вториот круг освоил повеќе гласови, но под услов да биде остварен цензусот односно доколку гласале повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите за претседател не го добие потребното мнозинство гласови, ќе се повтори целата изборна постапка. /МИА

Ковачевски: Ќе поднесеме финансиски извештаи за чинењето на кампањата

Јас за мене знам кој ја работи мојата политичка кампања, изјави денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, потенцирајќи дека за потрошените пари ќе бидат поднесени финансиски извештаи од партијата онака како што налагаат законите. 

Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со тоа колку ќе чини кампањата на претседателскиот кандидат и за тоа кои стратези се ангажирани, Ковачевски посочува дека дека опозицијата бега од точните прашања.

-Сите одговори нашата политичка партија ги дава во делот на институционалната поставеност на државата. Опозицијата нема што да прави бидејќи бегаат од точните прашања. Сега прашуваат кој со кого се среќавал. Јас за мене знам со кого се среќавам и кој мене ми работи политичка кампања. А тоа кој ќе ги подготвува сите материјали што се однесуваат на изборите што ќе ги гледаме на билбордите на телевизија тоа ќе биде одлука на штабот и секако дека тоа ќе биде поднесено во финансиските извештаи на партијата согласно закон за политички партии и за избори, рече Ковачевски.

Во медиумите пишува, вели тој, за тоа кои стратези се во Македонија.

-Тие стратези се познати во светот на маркетингот. Секој може да се среќава со секого, дали со некого ќе работи или нема да работи, тоа е избор на тимовите кои учествуваат во подготвувањето на кампањите. Меѓутоа сите оние кои што се бават со политика декада-две и три знаат дека во светот, во регионот и во нашата држава постојат политички стратези и агенции кои се бават со политички маркетинг кои се ангажирани за различни изборни циклуси, така што сметам дека не се работи за никаква посебна тема. Тоа е најнормална тема, која е дел од секое предизборие, рече Ковачевски.

Кремљ: Сопственикот на Телеграм треба да биде повнимателен

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема планови за блокирање на апликацијата, но оти Дуров треба да биде повнимателен.

Кремљ го предупреди сопственикот на Телеграм, Павел Дуров, да биде повнимателен откако се појавија информации дека апликацијата била користена за да се помогне во регрутирањето на вооружените лица, кои го извршија нападот на концертната сала во близина на Москва.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема планови за блокирање на апликацијата, но оти Дуров треба да биде повнимателен.

- Ќе очекуваме зголемено внимание од Павел Дуров, бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошка гледна точка, кој всушност растеше пред нашите очи, сè повеќе станува алатка во рацете на терористите, користена за терористички цели, посочи Песков.

Руската државната новинска агенција РИА Новости објави дека напаѓачите биле регрутирани преку радикален канал на Телеграм, кој припаѓа на групата Исламска држава - Хорасан.

Во текот на изминатите 2 дена, рускиот регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ го ограничи пристапот до 11 канали на Телеграм поради „содржини поврзани со тероризам“.

Го забрзавме откривањето и верификацијата на каналите на Телеграм. Поконкретно, регистрираме создавање на канали, кои наводно известуваат за нови терористички напади. Тие се создадени со цел да се заплаши населението. Во изминатите два дена ограничен е пристап до 11 такви канали, се наведува во соопштението на „Роскомнадзор“.

Телеграм, основан од Дуров, е со седиште во Дубаи. Дуров (39) ја напушти Русија во 2014 година и живее во Дубаи, има двојно државјанство на Франција и Обединетите Арапски Емирати. Форбс го проценува богатството на Дуров на 15,5 милијарди долари.

Аустриан ерлајнс го започна својот штрајк кој ќе трае 36 часа

Триесет и шестчасовниот штрајк на вработените во Аустриан Ерлајнс (Austrian Airlines) почна денеска и веќе има откажани летови, јавија австриските медиуми. 

Според одлуката на синдикатот „Вида“, денеска и утре ќе бидат откажани вкупно 400 летови. Најмногу беа погодени аеродромите во Виена, Инсбрук, Грац и Клагенфурт, како и околу 50 илјади патници, според податоците на авиокомпанијата.

Аустриан Ерлајнс проценува 24 милиони евра загуби предизвикани од откажување летови во текот на тековните колективни преговори за договарање. Спорот за колективниот договор за труд трае веќе со недели, а досега 17 рунди преговори се без резултат. Синдикатот најави нова работна средба за 4 април.

Стотици летови се откажани од почетокот на преговорите. Откажани се и летовите од Виена до Скопје и обратно. На официјалната веб страница на Меѓународниот аеродром Скопје не се ставени ниту полетувањата, ниту слетувањата со оваа авиокомпанија.

притисни ентер