Опозицијата ќе ги поднесе забелешките на законот за јавно обвинителство

Работната група на опозицијата денеска треба до владината работна група да ги поднесе своите амандмани на Предлог законот за јавно обвинителство со кој се решава и статусот на Специјалното јавното обвинителство.

Тони Менкиновски, кој ја предводи групата на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека имаат забелешки на 120 страници, но оти има простор за договор.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, вчера на прес-конференција потврди дека ВМРО-ДПМНЕ денеска треба да ги достави предлозите во врска со законот за Специјалното јавно обвинителство и дека за утре е закажана нова средба на која ќе се разговара за разликите по ова прашање меѓу Владата и опозицијата. Тој нагласи дека постојат серизони разлики меѓу Владата и ВМРО-ДПМНЕ, кое бара СЈО да биде посебно одделение.

-Дефинитивно за нас како Влада Предлог-законот е најсоодветно решение и сметаме дека треба да се имплементира без одоговлекување, нагласи Бошњаковски.

Во пресрет на утрешната средба на работните групи на власта и на опозцијата премиерот Зоран Заев во интервју за МИА изјави дека се подготвени за разговори за секое прашање кое е аргументирано со опозицијата, но тоа да не биде на штета на државата и на институциите на системот. Се надева дека законот за јавното обвинителство ќе биде донесен навреме, пред извештајот на ЕК за земјава и очекуваната одлука за почеток на приспапните преговори

– Драго ми е што почнаа разговорите, знам дека до крајот на оваа недела веќе ќе има конкретни писмени материјали околу некои предлози, верувам дека е возможно навремено да го донесеме законот за јавно обвинителство, во кое што е инкорпорирано СЈО како создаден капацитет. Уште еднаш напоменувам, тоа јавно обвинителство веќе, како што е поставено и во новиот закон, ќе ја гони власта, сегашната власт. Тоа јавно обвинителство е капацитет кон кој ќе тежнеат и другите обвинителства, и материјален и финансиски и со опрема. Да дадеме шанса на еден ваков закон, и сите сме тука во државата со доверба кон институциите, да продолжиме да ги градиме реформите, изјави Заев.

Прашан дали е подготвен да прифати смена на Катица Јанева, Заве вели „апсолутно не, бидејќи со тоа би се испратила лоша порака до оние кои „опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во Уставот и законите, во тешко време".

– Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Јас сум убеден дека не смееме да испраќаме лоши пораки до оние кои што опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во уставот и законите, во тешко време. Треба да ги поддржиме нивните капацитети. Јас ги слушам и критиките од опозицијата, и не дека немам разбирање за нив, но предностите на вака создадена институција, со овие луѓе е навистина голема предност за Северна Македонија, вели Заев.

На првата средба во понеделникот не беше постигнат договор околу предлог-законот за Јавното обвинителство. Министерката за правда Рената Дескоска, која ја предводи работната група на власта, по средбата рече дека за нив е неприфатливо барањето СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал, ниту прекинувањето на истрагите и обвиненијата.

Друга клучна разлика е разликата околу судбинатата на истраги кои се во тек од страна на СЈО, предистражни постапки и обвиненија што се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите.

Според Дескоска, барање за прекинување на овие постапки и потоа нивно, ако треба, одново отпочнување, значи на некој начин губење на голем број докази што би биле сериозни докази во постапки. Со тоа има опасност од неуспешно завршување на многу постапки, а со тоа и амнестирање.

За опозицијата, пак, неприфатливо е СЈО да не одговара пред никого и само да создава буџет, кој никој од надвор нема да го контролира. Претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Менкиноски рече дека тие се залагаат СЈО да биде одделение во Јавното обвинителство за организиран криминал.

-Овој закон навистина има потреба од амандмани за подобрување на работата на јавното обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање. Сметаме дека СЈО треба да биде одделение во јавното обвинителство за организиран криминал. Не се прифатливи одредбите СЈО да не одговара пред никого и сам да си го создава буџетот, рече Менкиноски.

Владејачкото мнозинство очекува законот за јавното обвинителство да биде донесен до крајот на март, односно пред почетокот на кампањата за претседатеските избори. Тоа е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ во јуни. /МИА

Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ

Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН.

Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.

„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ".

Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.

Пендаровски: Ако не дај Боже победат, следуваат 15 години стоење во место и уназадување!

Kандидатот за претседател Стево Пендаровски вчеравечер беше меѓу жителите на Бутел од каде побара поддршка за втор мандат, за како што рече, граѓаните да добијат гаранција дека Македонија ќе биде напредна, европска држава.

„Кај мене овие пет години и најсиромашните и најбогатите, и младите и старите, и жените и мажите, секој кој посакал да дојде, да побара помош за решавање на било каков проблем, вратите на мојот кабинет му биле отворени. Секаде сум поминал, сум дошол во вашите домови да ве прашам што ве мачи, како можам да помогнам, таму каде што не сум можел да помогнам сум барал помош од моите другари кои биле министри, пратеници, кои биле вицепремиери, кои биле градоначалници и со нивна помош сме се обиделе да помогнеме секаде каде што сме можеле, без разлика дали некој нè гласал или не нè гласал. Затоа што вие сите сте еднакви“, рече Пендаровски.

Во однос на понудата на неговата противкандидатка Силјановска и партијата којашто ја поддржа, Пендаровски рече дека ако дојдат на власт ќе го поништат Преспанскиот договор и ќе изгубиме уште 10 или 15 години за нови преговори.

„Кога ги прашувате што не ви чини во договорот што го имаме со Брисел, европската преговарачка рамка. тие велат ќе го поништиме и тоа затоа што таму го нема македонскиот јазик. Тоа е најголемата можна политичка лага. Договорот што го имаме со Брисел за почнување на преговорите содржи клаузула за македонскиот јазик, вели прецизно целокупното европско законодавство, сите европски закони ќе се преведуваат на македонски јазик кога ќе станеме полноправна членка на таа организација. Меѓутоа, нив тоа не им одговара затоа што тие имаат интерес од сеење на политичка магла да им даваат лажни надежи на нашите граѓани“, додаде Пендаровски.

Во обраќањето пред присутните Пендаровски се осврна и на неопходните чекори коишто треба да ги направи државата за да стане полноправна членка на ЕУ.

„Македонија има добар Устав во кој сите етнички заедници се застапени, ќе ги ставиме и оние кои не се, меѓутоа и тие што не се имаат еднакви права како оние што се запишани во преамбулата. Ние немаме потреба да правиме нов Устав, немаме потреба да преговараме нови договори со Грција и со Бугарија, немаме потреба да ги репреговараме договорите со Европската Унија. Ние имаме потреба да ги извршиме тие обврски и за четири, до пет години да станеме полноправна членка на ЕУ, каде што одамна заслужувавме да бидеме“ рече тој.

Романо: Милан ќе го отпушти Пиоли на крајот од сезоната

Милан по крајот на сезоната ќе го отпушти тренерот Стефано Пиоли. Росонерите ќе почнат да се занимаваат со ова прашање во наредните недели, објави инсајдерот Фабрицио Романо.

Се пишуваше дека Пиоли би можел да го напушти Милан доколку биде елиминиран од Лигата на Европа. Росонерите во четвртокот загубија од Рома (1:2) во реваншот од 1/4 финалето (првиот натпревар беше 0:1).

По 32 кола, Милан се наоѓа на второто место во Серија А, со 14 бода помалку од Интер.

Пиоли пред две сезони му ја донесе шампионската титула на Милан.

Главни претенденти за наследник на Пиоли на тренераската позиција во Милан се Роберто де Зерби тренерот на Брајтон и Антонио Конте. /МИА

притисни ентер