До 15 часот да се ослободат притворените за упадот во РТС

Денеска во 15 часот истекува ултиматумот што српските опозиционери и го дадоа на власта за ослободување на притворените за упадот во зградата на РТС.

Вчерашните протести завршија, откако лидерот на движењето Двери Бошко Обрадовиќ, кажа дека ќе почекаат да го видат одговорот на Вучиќ, а потоа ќе ги соопштат следните чекори.

На прес-конференцијата одржана вчера точно на пладне, Вучиќ порача дека не се плаши и дека сите што упаднаа во РТС ќе одговараат.

Српскиот претседател случувањата во РТС ги спореди со случувањата од 27 април во македонското собрание.

Заев-Јоурова:Македонија покажа добри резултати во борбта против корупцијата

На средбата е изразена почит кон постигнувањата на премиерот Заев и на Владата на политички и на реформски план. 

 Премиерот Зоран Заев и еврокомесарката за правда Вера Јоурова денеска на средба во Скопје оцениле дека државава покажала добри резултати во борбата против корупцијата, но оти е потребна е трансформација на правосудниот систем во насока на поголема ефикасност во работата, согласно со европските стандарди и вредности. На состанокот,  соопшти владината прес-служба, е потврдено дека е потребно одржливо решение за продукција на капацитети во правосудството, постигнато на транспарентен начин и со висок професионализам.

-На средбата е изразена почит кон постигнувањата на премиерот Заев и на Владата на политички и на реформски план. Констатирано е дека Договорот од Преспа е редок, позитивен пример на градење пријателства, наспроти се уште постоечките политики на радикализам и национализам и дека тоа го вреднува и новиот состав на Европската комисија. Пораката е дека Република Македонија се движи во вистинска насока и дека ќе продолжи активната соработка со ЕК, соопшти владината прес-служба.

Покажавме, рекол Заев на средбата, неселективна борба против криминалот и корупцијата. – Донесовме легислатива за судството со консензус и според европските стандарди. Но, потребна е поефикасна имплементација на законите, што ќе се обезбеди низ можностите за конкурентност, што сега не е случај, поради недоволниот број на судии и јавни обвинители, укажал Заев.

Реформите, меѓу кои и во правосудството, како што нагласиул, се значајни не само поради европските интеграции, туку и поради економијата, којашто во нашата држава бележи раст.

-Економските параметри растат. Продолжуваме со реформите. Продолжуваме со пријателствата. Ни треба охрабрување на проевропските сили во општеството. За Македонија е во ред се што значи отворени перспективи за евроинтеграциите, рекол Заев, посочувајќи дека тоа ќе има позитивен импакт и во регионот и во одлуките на граѓаните, посебно на младите луѓе, да ја гледаат својата иднина во родната земја.

Заев и Јоурова  разговарале и за работата на новата Европска комисија, од каде што има најави за фокус кон позитивна агенда, кон актуелни прашања како што се климатските промени, дигиталната трансформација, стратегија за проблемот со миграцијата, повеќе кон превентива, отколку кон реактивни политики.

-Договорена е активна соработка со еврокомесарката Јоурова во делот на владеењето на правото, заштитата на демократијата и изборите, што е нејзина област, посебно што таа во ЕК ќе биде надлежна за портфолиото – европски вредности и транспарентност, што е од голема важност и за граѓаните на Република Македонија, се вели во соопштението.

Бизнисмени и Владата разговараа за поддршка на иновативни концепти, решенија и технологии

Преку партнерски дијалог се креира амбиент за поддршка на иновативни концепти, решенија и технологии.

Тоа го соопшти денеска Стопанската комора на Македонија, информирајќи за средбата на претставници на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори со премиерот Зоран Заев и владиниот економски тим.

На средбата се разговарале за воведување автономни мерки за увозни царински давачки на репроматеријали и суровини, отворените прашања околу областите работни односи и безбедност и здравје при работа, системското решавање на проблемот со недостиг од квалификуван кадар и потребата од реформи во образовниот систем. Тема на дискусиите биле и рамномерниот регионален развој, мерките од даночната политика и други предлози за зајакнување на конкурентноста на компаниите.

Како што нагласи Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата, средбата беше одлична прилика уште еднаш, непосредно, да се запознаат креаторите на економските политики со сетот барања за подобрување на условите за водење бизнис во земјава, но и со понудените решенија за олеснување на работењето во специфични области, со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странскиот капитал во земјата, соопшти Стопанската комора на Македонија, во чии рамки функционира Советот на странски инвеститори.

Во врска со усогласувањето со царинските стапки на ЕУ, како една од сугестиите што дојдоа од страна на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, било посочено дека во овој момент обврска на Република Македонија е да ја усогласува Царинската тарифа со измените во ЕУ само во делот на системот на имиња на стоката, системот на нумеричко означување, единечните мерки, како и забелешките кон соодветните оддели и глави. Не се врши усогласување во делот на царинските стапки и тие обврски земјата ќе ги има по пристапувањето во членство кога ќе се применува Царинската тарифа на ЕУ.  Притоа, Владата излегла во пресрет на барањата на компаниите за воведување автономни мерки во областите каде најмногу има потреба од усогласување, а се од особено значење за унапредување на производството, извозот и конкурентноста.

Премиерот истакнал дека Владата е одлучна и посветена да го продолжи ваквиот систематизиран пристап на организација на состаноците и комуникација со надлежните институции околу проблемите и предизвиците со кои се соочува бизнис-секторот, бидејќи е од голема помош за изнаоѓање флексибилни решенија, но и презентирање на можностите кои државата ги презема со цел да излезе во пресрет на компаниите.

Владата, како што рекол Заев, останува отворена да ги слушне потребите на компаниите и дека ќе води постојан дијалог со сите компании, со странски, но и со домашен капитал, во интерес на економскиот развој на државата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

– Тоа е одличен начин директно од индустријата, да се информираме за потенцијалите за унапредување на бизнис климата и на тој начин да го усовршуваме системот за поддршка на странските инвестиции. Најважно од оваа комуникација е што овие средби и разговори се секогаш од огромна придобивка и за бизнис-секторот и за граѓаните, зашто новите инвестиции отвораат нови работни места, повисоки плати и повисок стандард на живеење, нагласил Заев.

Овие иницијативи, посочуваат од комората, се особено важни за работата на  компаниите, без разлика на тоа дали се лоцирани во или надвор од технолошко-индустриските развојни зони. Тоа e показател дека странските компании водат грижа за подобрување на бизнис-климата во земјава и нивната долгорочна цел е да останат во државата и да отвораат нови работни места, но истовремено ќе ја олеснат одлуката на други странски компании да дојдат во Македонија, согледувајќи ги искуствата на своите колеги кои досега инвестирале во земјава.

– Во моментов во Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство земаат учество дваесет и пет странски компании од технолошко-индустриските развојни зони и од индустриските зелени зони од целата држава. Овие странски компании имаат особено големо влијание во целокупниот економски раст на земјата преку креирање нови и добро платени работни места, пораст на продуктивноста на работната сила, пристап до нови технологии и знаења, развој и усвојување на современи менаџерски вештини, финансиска стабилност и општа благосостојба во општеството, се вели во соопштението. /МИА

Кривична пријава против тројца кичевци поради агресивност кон полицајци

Поради постоење основи на сомнение дека сториле казнено дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие", полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против Е.П.(24) од Кичево, како и против Ф.А.(28) и И.А.(24), двајцата од Зајас

Осомничените мината сабота околу 22,50 часот на булеварот „Ослободување" во Кичево, агресивно се однесувале кон полициските службеници кои сакале да извршат контрола врз патнички автомобил марка „БМВ" без регистерски таблички./МИА

притисни ентер