САД има повеќе милионери отколку Грција жители

Десетта година по ред расте бројот на милионери во САД и нивниот сегашен број е поголем од бројот на жителите на Грција или на Португалија.

Новото истражување покажа дека во 2018 во САД 11,8 домаќинства имале нето вредност од над милион долари , што е 3 проценти од вкупната популација.

Според извештајот на Маркет Инсајт од Чикаго само минатата година се појавиле над 250 000 нови милионери . Додека бројот на милионери се зголемува , бројот на оние кои допрва треба да станат милионери стагнира , најмногу поради забавениот раст на берзите.

Само 173 000 домаќинства има нето вредност од над 25 милиони долари.

Анѓушев од Виена: Aвстриска компанија за медицинска опрема заинтересирана за инвестиција

Интересот за инвестирање во земјава е се поголем. Северна Македонија е на мапата на компаниите што сакаат да го прошират производството, изјави во Виена вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев по завршувањето на Виенскиот економски форум.

– Остваривме средби со повеќе компании, се разбира одлуките за инвестирање не се прават по одржување на само една средба. Сепак, еден дел од средбите се и продолжување на контакти со компании со кои сме се среќавале и претходно. Постои инвеститор, во секторот за медицинска опрема, кој сака да отвори фабрика во нашата земја, изјави Анѓушев во Виена.

Истакна дека тоа е позната компанија што произведува потрошен материјал за хируршки сали, и е еден од најголемите снабдувачи на овој вид на материјал во Југоисточна Европа и токму затоа е интересот за изградба на фабрика во Северна Македонија.

– Тоа не е прва средба со оваа компанија, со нив разговараме веќе подолг период. Воедно разговаравме со компании од градежништвото, за инфраструктурни проекти, во областа на енергетиката, кадешто имаше заинтересирани инвеститори во делот на обновливите извори на енергија, го отворивме прашањето и за Чебрен, како и со компании од прехранбената индустрија. Можам да кажам дека оние процеси кои беа започнати се продолжени, некои ги приведуваме кон крај, како што е случајот со компанијата од медицинската индустрија, која е при крај во донесувањето на одлука за изградба на фабрика, додека активно работиме и другите компании да ги привлечеме како инвеститори или економски оператори, изјави Анѓушев.

Анѓушев одговараше на новинарски прашања во врска со барањата на компаниите кои присуствуваа на средбите, а кои имаат свои економски операции во Северна Македонија, како и за пројавениот интерес на компаниите за инвестиции во нашата земја.

На новинарско прашање поврзано со барањата на дел од телекомуникациските компании за фискални и парафискални олеснувања со кои би се намалиле цените за роаминг во мобилната телефонија кон други земји, вицепремиерот одговори дека барањето ќе биде разгледано со сериозност со цел да се обезбеди поевтин роаминг за македонските граѓани во комуникациите со други лица од земјите на Европската Унија.

– Со оглед на тоа дека тарифите во мобилната телефонија во сите земји од ЕУ се изедначени, граѓаните од овие земји практично во која земја од ЕУ се наоѓаат имаат бесплатен роаминг и разговорите ги извршуваат како да се наоѓаат во сопствената земја. Северна Македонија сѐ уште не е дел од ЕУ, но Владата прави напори колку што е можно поевтин роаминг да обезбеди за граѓаните и ќе ги преземеме потребните чекори во насока на обезбедување на поевтини сервиси за граѓаните, нагласи Анѓушев. /МИА

Собраниската седница за пакетот социјални закони продолжува утре

Пратениците во попладневниот дел од работата на 98-та седница на Собранието дискутираа по предлог законите за данокот на додадена вредност и за вработување и осигурување во случај на невработеност, двата во прво читање.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, по завршување на општата расправа по предлог законот за вработување и осигурување во случај на невработеност во прво читање, ја прекина работата на седницата и гласањето го одложи за утре, бидејќи, како што рече, нема кворим поради работењето на повеќе собраниски комисии.

– Овде ја прекинувам работата со оваа седница. Со истата ќе продолжиме утре во 11.00 часот. По завршување на 98. седница, на која треба да се гласа пакетот социјални закони, утре продолжуваме со 93. седница на Собранието на Северна Македонија, изјави Џафери.

Во однос на предлог измените за законот за данокот на додадена вредност, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, рекоа дека ќе ги поддржат сите закони решенија каде има намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти, иако како што рекоа, се работи само за едно намалување и тоа за лековите од ветеринарна медицина.

Според нив воведувањето на рамниот данок дало ефект, додека прогресивното оданочување за жал само го зголемило одливот на кадар од земјата.

По овие предлог законски решенија пратениците ќе се произнесат на утрешното продолжение на седницата. /МИА

Заев од Виена: За нас се зборува како позитивен пример, оптимисти сме за датумот за преговори

Премиерот Зоран Заев, по завршување на Виенскиот економски форум оствари серија средби со претставници на неколку реномирани компании од Република Австрија коишто веќе имаат свои претставништва во земјава, како што се ЕВН и А1 Телеком Груп.

Средбите беа искористени да се посочат досегашните придобивки од соработката, како и идните планови и можности за продлабочување на воспоставениот партнерски однос помеѓу Северна Македонија и компаниите со австриски капитал, коишто работат во земјата.

За придобивките од Виенскиот економски форум за Република Северна Македонија, како и за резултатите од денешните средби, премиерот Заев даде и изјава за дел од македонските медиуми коишто беа во Виена на покана на А1 Телеком Груп.

Во продолжение, Ви го пренесуваме во целост текстот на изјавата на Премиерот Заев.

„Ова е одлична можност по заокружување на важни политички процеси, вклучително и претседателските избори да ги продолжиме економските тенденции и трендови во државата. Ја искористивме можноста, овде во Австрија, како најголем инвеститор во Република Северна Македонија, уште еднаш да се видиме со деловните луѓе, со компаниите, да ги потенцираме сите потенцијали.

Сите зборат за Северна Македонија како позитивен пример, единствена земја во Западен Балкан, кадешто е мирно, нема протести, се движат работите, успешно завршивме избори за да можеме да посветиме на економските вредности коишто за компаниите значат профит, за нас значат Бруто домашен производ, нови работни места, можно растење на нашиот извоз итн, итн.

Знаете дека оваа година ја прогласивме за економска година и од тој аспект сме посветени таму кадешто ги доловуваме сите потенцијали и можности да има макар и идеја за инвестирање во нашата земја, во делот на индустријата и во делот на услугите, веднаш го правиме тоа.

Економскиот Виенски форум е пријател на Северна Македонија. Ја искористивме оваа полуга заедно со А1, односно ВИП како оператор во Македонија, да можеме да ги поканиме сите компании и овде уште еднаш да си ја искористиме можноста да си ја презентираме татковината и сите потенцијали за привлекување на странски инвестиции во нашата земја.

Секако Комесарот Хан беше овде да ги потврди нашите европски вредности и она што е досега постигнато. Јас му благодарам за тоа, поради тоа што не само што помага на нашиот пат на интеграцијата,туку еве беше овде да настапи и независно да каже и пред бизнисмените и деловните луѓе за перформансите на економијата во нашата земја и на резултатите од сите реформи до каде што сме стигнати, за да можат да бидат осигурени потенцијалните инвеститори токму и во тие вредности.

Разговаравме секако на билатералната средба со комесарот Хан за очекувањата ова лето, јуни – јули, за конечната одлука на Европската Унија којашто треба да значи конечно одлука за добивање на датум за преговорите. Тој е оптимист, јас сум оптимист. Секако знаеме дека треба да завршат парламентарните избори за Европскиот Парламент, за да може уште појасно да ги знаеме ставовите на Франција и на Холандија. Канцеларката Меркел е позитивна. Веруваме дека ќе се придвижат процесите онака како што ние очекуваме заради тоа што навистина заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа и конечно заслужуваме позитивен фидбек од Европската Комисија и од Европската Унија преку земјите членки за добивањето на датумот за преговори.

Тоа што се случува во нашата земја е нешто коешто е логичен пресек на двегодишното владеење на Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз, кадешто ги видовме слабостите и фала богу имавме избори кадешто граѓаните буквално испратија порака дека некои работи треба да се менуваат, а тоа се слабите карики на извршната власт. Веројатно и во локалните самоуправи има одредени слабости кадешто се под ингеренции на СДСМ и владејачката коалиција. Секако промените ќе се случат. Јас реков тоа ќе се случи на почетокот на јуни, затоашто извештајот го затвора Европската Унија и го објавува на 29 мај. Дотогаш преговараме и со опозицијата. Едниот закон е законот за безбедноста и разузнавачките служби, другиот закон е законот за јавно обвинителство.

Драго ми е, денеска знам дека во Парламентот се придвижуваат работите за Законот за безбедносните и разузнавачките служби, кадешто тоа е усогласено со опозицијата, верификувано со НАТО комисиите коишто работеа со нас и конечно тој проект го заокружуваме.

Овие денови ќе посветам и јас, министерката за правда, моите тимови заедно со високите претставници од ВМРО – ДПМНЕ, ако треба и до лидерска средба ќе дојде, да направиме се што треба и овој закон да го заокружиме.

Тоа е тој квалитативен период којшто од некои десеттина дена – дванаесет го имаме пред нас, до почетокот на јуни буквално. Во јуни месец и тоа првата половина на јуни имам намера да излезам со конкретните решенија за промени и тоа во Владата, во владините институции, значи директорски места, Управни одбори, надзорни одбори, во локалната средина, значи едно трето ниво подоле, а секако ќе се случат и персонални промени во Социјал – демократскиот сојуз, коишто ќе значат и подобрување на перформансите на најголемата владејачка партија, којшто има директен импакт квалитативен и врз владеењето во државата“.    

притисни ентер