Видео - фото: 49 загинати во напад на џамии во Нов Зеланд, напаѓачот идентификуван

Премиерката на Нов Зеланд Џесинда Ардерн соопшти дека во масовните престрелки во две џамии во градот Крајстчрч има 49 загинати и 60 повредени лица..

Претходно полицијата соопшти дека има многу жртви во масовната престрелка и оти најмалку 4 лица се приведени.

Во соопштението се предупредуваат граѓаните да останат во своите домови и да не посетуваат џамии каде било на Нов Зеланд.

Според полицијата, засега не е познато дали имало и други луѓе вмешани во престрелката во овој град со околу 375 илјади жители.

„Напаѓачот влета во џамијата Масџид Ал Нор десетина минути по почетокот на молитвата и веднаш започна да пука, испука десетици, ако не и стотици куршуми. Тој е белец, со сина коса, низок и носеше панцир и шлем“ изјави за полицијата еден од очевидците на нападот на џамијата.

Напаѓачот на џамиите е идентификуван, станува збор за Брентон Тарант , државјанин на Австралија, во притвор се наоѓаат уште три лица.

28 годишниот Тарант дури и го снимил нападот.

На социјалните мрежи пред нападот Тарант ги објаснил мотивите за нападот.

Напишал дека подготвува терористички напад, себе си се нарекол фашист и дополнил дека белците веќе не се размножуваат, туку ги заменува „неевропска популација“, што е резултат на масовните миграциски текови.28 годишниот Австралијец истакнал дека сака освета за Европејците кои страдале во терористички напади.

На неколку места во градот биле најдени импровизирани експлозивни направи.

Трамп: Отворете фабрика во својата земја, затворете ги оние во Кина

Претседателот на САД Доналд Трамп го засили денеска притисокот врз автомобилската компанија „Џенерал моторс“ (GM), повикувајќи ја повторно да ја отвори својата фабрика во Охајо.

„Затворете една фабрика во Кина или Мексико, каде толку интензивно вложувавте во периодот пред Трамп и донесете ги новите работни места дома“ – напишал Трамп на Твитер во пораката упатена до „Џенерал Моторс“.

Во твитот објавен изминатиот викенд, Трамп напишал дека официјалните лица под итно треба да почнат преговори со синдикатот на Обединетите работници на автоиндустријата (UAW) со цел повторно да се отвори или продаде фабриката на „Џенерал Моторс“ во Лордстаун.

 

Пронајдена 16-годишната девојка од Кисела Вода што вчера се оддалечи од домот

Вечерва од страна на полициски службеници е пронајдена 16-годишната О.П., за која нејзината мајка Б.П. (47) вчера во 22.00 часот во Полициската станица Кисела Вода пријави дека се оддалечила од домот.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, во текот на вечерта, О.П. ќе биде предадена на нејзиното семејство. /МИА

Авиони на ДЗС го гаснеа пожарот на Скопска Црна Гора, исфрлени 35 тони вода

Пожарот што денеска избувна во реонот на Скопска Црна Гора и зафати ниска мешана шума, наложи дејствување на воздухоплови на Дирекцијата за заштита и спасување. 

Беше дејствувано вкупно седум пати со два авиона, при што беа исфрлени 35 тони вода. Авионите дејствуваа во рамки на можностите до самиот крај на денот, додека дозволуваа условите и беше направено се што е во нивна моќ, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување.

Со оглед на фактот, посочуваат од ДЗС, дека никаде во светот не е предвидено да се гасне пожар во ноќни услови, акцијата на нивните воздухоплови траела до зајдисонце.

-Бидејќи, авионите се исклучително скап ресурс и се користат само за непристапни високи предели, апелираме земските служби координирано да дејствуваат на терен, а од воздухопловите да се бара помош само кога има навистина потреба, наведуваат од ДЗС.

Дирекцијата за заштита и спасување воедно упатува апел и предупредување до сите кои работат или се движат на отворен простор да не палат огнови.

-Апелот посебно се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба и ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите. Апелот се однесува и за оние кои се движат и работат во шумите, на излетниците, но и на сите граѓани, зашто доволно е само мала искра за да се потпали околната нискостеблеста вегетација, стои во соопштението од ДЗС.

Пожарот избувна денеска околу 13 часот на местото Црн камен, на потегот Липково, Скопска Црна Гора и селото Матејче. /МИА

притисни ентер