Триесет дена притвор за Тони Јакимовски

На Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинет на екс директорот на тајната полиција Сашо Мијалков, судот синоќа му одреди 30-дневен притвор.

Притвор од 30 дена доби и Стево Маџовски, додека на Кристина Јосифовска и е определена мерка на претпазливост.

Тројцата се товарат за злоупотреба на службената положба од 2007 до 2017 година, како вработени во УБК.

Шекеринска: Ќе ја тужам „Република" за лагите, целта е да се одложат постапките против криминалот

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на својот Фејсбук профил објави дека ќе покрене тужба против порталот „Република" за, како што вели, лагите насочени против неа.

,,Ќе ја тужам „Република" за нејзините лаги, затоа што реакции до нив се непотребни и залудни. Сите знаеме дека, со секој од своите непотпишани текстови, си одработува за своите "непознати" газди. Газдите ни ја крадеа државата, тие, пак, имаа задача да ја лажат. Лажат и манипулираат со јасна цел која ја гледаме на дело секој ден во судовите: да ги оневозможат, попречат или одложат сите постапки за криминалот, корупцијата и злоупотребите кои ги чувме во „бомбите" и видовме на дело претходните 10 години.

Создадоа мафијашка структура која одземаше фирми и уништуваше животи преку ноќ, која контролираше, уценуваше и плаќаше новинари, која знаеше само да потплаќа, купува и продава… и сега сака да избега од правдата и одговорноста. Што ќе прави? Истото тоа, но со повеќе лаги и повеќе пари. Не успеаја досега. Нема ни сега!, напиша Шекеринска на својот Фејсбук профил. 

ВМРО-ДПМНЕ: Заев да се слика со двојазичните табли во Прилеп

Зоран Заев е толку загазен во криминал, расипништво и неработење што не знае дека денеска не бил во Полошкиот туку беше во Пелагонискиот регион, реагира Петар Ристоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Денеска во Прилеп дојде шефот на рекетарската банда, Зоран Заев, кој заедно со неговите извршители на локално ниво промовираа 4 автобуси, секој вреден по неверојатни 250.000 евра народни пари, набавка чија позадина и начин на спроведување допрва ќе се проверува.

Денеска во Прилеп е човекот кој е најодговорен за уништувањето на градот, човекот кој токму од тука се посмеваше со целата јавност дека немало да го промени државното име и човекот кој од Прилеп ја најави двојазичноста во целата држава.

Кога веќе е тука Зоран Заев, покрај промоцијата на автобусите на метан што со гориво ќе се снабдуваат дури од Битола, како љубител на правење селфи, го повикуваме да се фотографира со новата двојазична табла наместена на Фондот за здравство, како и со таблата на споменикот на Александар Македонски, каде благодарение на предавствата од владата што тој ја предводи стои натпис дека Александар еличност од хеленската историја.

СДСМ: Обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку дезинформации да ги спасат криминалците и тајкуните нема да успеат

Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, партијата симбол на криминалот и коруптивното владеење, се наведува во реакцијата на СДСМ на прес конференцијата на Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ . 

Во белиот дворец продолжуваат со ширење на лажни вести и невистини, повикувајќи се на дезинформации објавени во медиуми, што говори за степенот на очај во опозициската партија. Станува јасно дека како што се развива истрагата за случајот Рекет, така паниката во ВМРО-ДПМНЕ е се поголема. 

Надлежните институции да расчистат како исказот на еден од осомничените стигнал до медиумите, а Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да се изјасни за веродостојноста на објавениот исказ. 

Објавувањето на вакви доверливи документи со цел да се поткопа истрагата е кривично дело. Истовремено, доколку се докаже дека одредени медиуми манипулирале со содржината на документот, мора да следува одговорност согласно правните норми. 

Тајкуните создадени од режимот на Никола Груевски, впрегнати со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, прават се за да ја срушат правната држава, да не се донесе законот за ЈО,  да се загрози евро-интеграцијата на земјата и да се спасат од одговорност.

Но, јалови се обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку дезинформации да ја наруши постапката и да ги заштити криминалците и своите тајкуни, ќе одговараат сите за кои низ судска потапка ќе се докаже вмешаност во овој случај. 

Уште еднаш, ги повикуваме надлежните институции да ја забрзаат истрагата, да се лоцираат нарачателите, извршителите и помагачите и сите, од прв до последен, да одговараат за своите постапки. 

Правда и одговорност, ќе има, реагираат од СДСМ.

притисни ентер