Стејт департмент: Во Македонија има подобрување во работата на судството и слободата на медиумите

Во Македонија има подобрување во работата на судството и слободата на медиумите, но проблемот со широка распространетата корупција останува.

Ова може да е главниот пресек на најновиот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент.

Владата се фали дека се трудела да истражи, обвини и казни полицајци кои направиле службени злоупотреби. Дополнително се наведува дека државата имала  ефективна и добра контрола врз безбедносните служби. За состојбата во затворите пак Стејт департментот оценува дека таа е многу лоша, правилата не секогаш се почитуваат, а условите за овие установи се опишани како недостоинствени за луѓе.

Државните затвори и притвори не успеале да ги имплементираат меѓународните стандарди и во некои случаи, согласно извештајот за превенција од тортура на Советот на Европа од октомври 2017 година, условите би можеле да се опишат како сурови, нехумани и деградирачки.

Во извештајот се наведува дека владата покажала поголема почит кон независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години, но ограничената независност, политизацијата на судскиот надзорен орган и недоволните финансии се понатамошна пречка за ефикасноста на судовите.  Сепак се заклучува дека генерално се почитува правото за фер судење.

Во извештајот се наведува и дека Владата направила прогрес во почитување на слободата на медиумите и слободата на изразување, иако проблемите како слаба медиумска независност, насилство и заплашување на новинари остануваат. Од СДСМ по објавувањето на извештајот кажаа дека Стеј Департментот ги препознал реформите и прогресот во слободата на медиумите и судството.

Од Словенија протерани тројца мажи поради врски со радикалниот исламизам

Тројца мажи по потекло од Босна и Херцеговина, биле протерани од Словенија, поради врски со радикалниот исламизам.

Тие се вратиле во матичната земја, а полицијата од БиХ размислува какви мерки ќе презеде кон нив, пренесе „Хина“.

Се работи за тројца браќа кои живееле и работеле како возачи во Словенија, а биле протерани со објаснување дека претставуваат закана за безбедноста на државата.

Почна акцијата „Општина без смет за поубав свет" во Крива Паланка

Неколку стотици граѓани од различни возрасни групи учествуваа на денешната голема акција за собирање смет „Општина без смет за поубав свет" во Крива Паланка.

Неколку стотици граѓани од различни возрасни групи, од ученици и спортисти, преку извидници и волонтери на Црвениот крст, наставници и професори, административни работници до планинари и пензионери учествуваа на денешната голема акција за собирање смет „Општина без смет за поубав свет" во Крива Паланка.

Акцијата ја организира локалната самоуправа во соработка со граѓански организации и јавното претпријатие „Комуналец".

Градоначалникот Борјанчо Мицевски изрази задоволство од одѕивот на граѓаните и најави дека акцијата ќе се реализира слендите два месеца.

Се чистеше спортскиот терен, јавните површини, дворовите на колективни станбени згради и уредениот и неуреден дел од Домачки дол. Граѓаните ги чистеа и своите дворови и подруми, депонирајќи го непотребниот шут и опасниот електронски и електричен отпад. /МИА

Спречен обид за напад врз фински министер

Финската полиција соопшти дека нејзини припадници спречиле обид за напад на еден „опасен и агресивен маж”  врз министер во Владата на Финска за време на еден предизборен собир.

Агенцијата „Ројтерс“ пренесува дека полицијата не објавила за кој министер станува збор, а фотографот на локалната агенција „Лехтикува“ изјавил дека бил нападнат министерот за надворешни работи, Тимо Соини.

„На основа на првите информации, агресивен и опасен маж се обиде да му пријде на министерот на изборниот собир на локалниот маркет во Корса во Ванта“ – соопштила полицијата.

Полицијата го привела мажот и тој моментално е на распит за да ги објасни причините за нападот на министерот.

На фотографијата која ја објави агенцијата „Лехтикува“ може да се види маж во црна кошула, на која се наоѓа логото „Војници на Один“.

„Војниците на ДОин“ е организација позната по десничарските и антимиграциските ставови.

Портпаролот на Соини одбил да даде коментар, а ниту полицијата не навела дали напаѓачот бил наоружан.

  

притисни ентер