На Косово исчезна роднина на убиениот српски политичар

Таксистот од Косовска Митровица , Владимир Ивановиќ пред три дена е исчезнат.

Ивановиќ е близок роднина со Оливер Ивановиќ , српскиот политичар , кој лани беше убиен на Косово. Се сомнева дека и Владимир е убиен. Според српските емдиуми во такси возилото на Ивановиќ биле пронајдени траги од крв.

Заменик директорот на косовската полиција , Бесим Хоти, потврди дека возилото е пронајдено и дека истрагата е во тек.

Хоти изјавил и дека во возилото биле најдени траги , што би можеле да упатуваат на кривично дело , но не прецизирал за какви траги станува збор.

НАкС: Во МОН нè уверуваа дека не иницирале нов синдикат

 Од владините претставници им било ветено и дека до крајот на денот ќе бидат разгледани нивните аргументи и предлози.

Преставниците на Независниот академски синдикат (НАкС) денеска на средба во МОН со министерот за образование и наука Арбер Адеми и вицепремиерката Мила Царовска биле уверувани дека тие не иницирале и не се одговорни за основање синдикати на јавните универзитети. Од владините претставници им било ветено и дека до крајот на денот ќе бидат разгледани нивните аргументи и предлози.

-Претставниците на Владата нè уверуваа дека ниту иницирале ниту стојат зад незаконската постапка за формирање на синдикатите. Што се однесува до покачувањето на платата на вработените во високото образование од 10 проценти, претставниците на НАкС изнесоа аргументи дека за исплаќањето на ветеното покачување нема законски пречки, тоа не е условено со колективен договор, и посочија  правни механизми за негово реализирање веднаш, изјави в.д. претседателката на НАкС Елена Џукеска.

Таа ја поздрави, како што рече, „заинтересираноста на Владата да се вклучи во надминување на проблемите поврзани со исплаќањето на ветеното покачување од 10 проценти и со незаконското формирање жолти синдикати од страна на работодавачите – ректорите на УКИМ и УКЛО".

Џукеска соопшти и дека сите учесници на средбата се согласиле дека потпишувањето целосен колективен договор на ниво на гранка е единствен начин конзистентно и сеопфатно да се уредат сите прашања поврзани со регулацијата на платите и со останатите права што произлегуваат од работниот однос, како и на условите за работа на вработените на јавните универзитети.

-НАкС потсети дека уште на 8 ноември 2019 има поднесено нацрт колективен договор во МОН и дека е во фаза на преговори со СОНК за склучување спогодба за здружување со цел потпишување колективен договор на ниво на гранка. Доколку постои политичка волја, уверени сме дека е можно во најкраток можен рок да се потпише колективен договор. Со тоа, по цели 30 години и првпат од независноста на Македонија академската заедница ќе добие достоинствен третман и сеопфатен колективен договор  наместо понижувачки договор од еден член за еднократно покачување на платите, рече в.д. претседателката на НАкС.

Претставниците на Независниот академски синдикат очекуваат конструктувен пристап и позитивен одговор од Владата. /МИА

Велика Британија во петок на полноќ ја напушта ЕУ

Во петок на полноќ Велика Британија ќе стане првата земја што ја напушта Европска унија по три ипол години преговори за излез.

Брегзит, процес што предизвика длабоки поделби во земјата, ќе настапи официјално во петок во 23 часот по локално време, или на полноќ по средноевропско. Помеѓу Велика Британија и другите 27 земји, сè друго допрва треба да се договори. Усогласеното истапување е само почеток на преговорите за регулирање на идните односи. 

Ѕвоното на Биг Бен нема да го слави Брегзит, но ќе се вклучи часовник на Даунинг Стрит кој ќе го одбројува времето до излегувањето од ЕУ. Жестокиот заговарач за Брегзит, премиерот Борис Џонсон, ќе се обрати пред нацијата истата вечер.

Истрагата за исчезната Марија Брзакова од Босилово продолжи во струмичкото обвинителство

Истрагата за исчезнувањето на Марија Брзакова (28) од Босилово од вчера ја води Основното јавно обвинителство во Струмица.

Според информациите оттаму отворена е предистражна постапка, а повеќе детали во интерес на истрагата не се соопштуваат.

Потрагата по исчезнатата Брзакова трае веќе осум денови, а за време на викендот стотина ловци и граѓани во координација со полицијата трагаа по неа по течението на реките Турија и Струмица, канали, по целото поле, дури и по браните на Дрвош и Иловица и Монспитовското блато.

Дваесет и осум годишната Марија Брзакова исчезна во утринските часови на 18 овој месец. Била облечена во тренерки во темна боја, на нозете имала патики или влечки, со себе не носела ташна, мобилен или било каков документ. Висока е околу 160 сантиметри, средна градба, со долга костенлива коса, а исчезнувањето во полицијата го пријавил нејзиниот сопруг. /МИА

притисни ентер