Заев - Јосиповиќ: Храбрите и визионерски политики придонесуваат за развојот на нашата држава и за добрососедските односи во целиот регион

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со делегација на Хрватско–македонската тангента, предводена од Иво Јосиповиќ, почесен член на Тангентата и поранешен претседател на Република Хрватска.

На средбата е изразена поддршка за храбрите и визионерски политики на премиерот Заев, со коишто се решени важни државни прашања и со коишто се овозможени интеграциите на нашата земја во НАТО и во ЕУ, и развојот на Република Северна Македонија. Исто така, констатирано е дека потегот на премиерот Заев, во насока на изнаоѓање решенија за стабилни и прогресивни добрососедски односи е значаен пример и голем придонес во развојот на добрососедските односи во целиот регион.

Премиерот Заев се заблагодари на почесниот член на Хрватско–македонската тангента и поранешен хрватски претседател, Јосиповиќ за поддршката од Хрватско– македонската тангента и од Република Хрватска за целиот период досега, на демократските процеси во нашата држава, како и во остварувањето на аспирациите на нашата држава за интеграција во ЕУ и во НАТО.

„Економијата почна да се движи во позитивна насока, доаѓаат инвестиции, по успешниот политички процес во државата, затворањето на отворените прашања со соседите и НАТО и ЕУ перспективите за нашата држава. Она на што сме фокусирани сега е граѓаните да го почувствуваат економскиот бенефит од овие успешно заокружени политички процеси“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев изрази очекување за успешна имплементација на судските реформи и на реформите за борбата против корупцијата, што по НАТО интеграциите, треба да донесат и датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни годинава. Истакната е и важноста на политиките на солидарност и социјална правда коишто се спроведуваат во интерес на градењето едно праведно и правично општество за сите граѓани. 

На средбата се разговараше и за важноста од успешни претседателски избори во нашата земја, коишто е добро да донесат претседател на државата со широка поддршка од граѓаните. Сето тоа, како што е оценето, ќе придонесе што поскоро да се врати фокусот на реформскиот курс на државата во интерес на интеграциските процеси, како и на побрзо унапредување на квалитетот на живот на граѓаните. 

Премиерот Заев на состанокот посочи дека за Република Северна Македонија се од големо значење хрватските искуства во интеграциските процеси и соработката во области важни за граѓаните, како што е актуелната соработка во областа на енергетиката, или за реализацијата на проектот за трамвај во Скопје, што се реализира според идејно решение од пријателскиот град Загреб, се наведува во соопштението од Владата.

Трамп: Отворете фабрика во својата земја, затворете ги оние во Кина

Претседателот на САД Доналд Трамп го засили денеска притисокот врз автомобилската компанија „Џенерал моторс“ (GM), повикувајќи ја повторно да ја отвори својата фабрика во Охајо.

„Затворете една фабрика во Кина или Мексико, каде толку интензивно вложувавте во периодот пред Трамп и донесете ги новите работни места дома“ – напишал Трамп на Твитер во пораката упатена до „Џенерал Моторс“.

Во твитот објавен изминатиот викенд, Трамп напишал дека официјалните лица под итно треба да почнат преговори со синдикатот на Обединетите работници на автоиндустријата (UAW) со цел повторно да се отвори или продаде фабриката на „Џенерал Моторс“ во Лордстаун.

 

Пронајдена 16-годишната девојка од Кисела Вода што вчера се оддалечи од домот

Вечерва од страна на полициски службеници е пронајдена 16-годишната О.П., за која нејзината мајка Б.П. (47) вчера во 22.00 часот во Полициската станица Кисела Вода пријави дека се оддалечила од домот.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, во текот на вечерта, О.П. ќе биде предадена на нејзиното семејство. /МИА

Авиони на ДЗС го гаснеа пожарот на Скопска Црна Гора, исфрлени 35 тони вода

Пожарот што денеска избувна во реонот на Скопска Црна Гора и зафати ниска мешана шума, наложи дејствување на воздухоплови на Дирекцијата за заштита и спасување. 

Беше дејствувано вкупно седум пати со два авиона, при што беа исфрлени 35 тони вода. Авионите дејствуваа во рамки на можностите до самиот крај на денот, додека дозволуваа условите и беше направено се што е во нивна моќ, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување.

Со оглед на фактот, посочуваат од ДЗС, дека никаде во светот не е предвидено да се гасне пожар во ноќни услови, акцијата на нивните воздухоплови траела до зајдисонце.

-Бидејќи, авионите се исклучително скап ресурс и се користат само за непристапни високи предели, апелираме земските служби координирано да дејствуваат на терен, а од воздухопловите да се бара помош само кога има навистина потреба, наведуваат од ДЗС.

Дирекцијата за заштита и спасување воедно упатува апел и предупредување до сите кои работат или се движат на отворен простор да не палат огнови.

-Апелот посебно се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба и ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите. Апелот се однесува и за оние кои се движат и работат во шумите, на излетниците, но и на сите граѓани, зашто доволно е само мала искра за да се потпали околната нискостеблеста вегетација, стои во соопштението од ДЗС.

Пожарот избувна денеска околу 13 часот на местото Црн камен, на потегот Липково, Скопска Црна Гора и селото Матејче. /МИА

притисни ентер