Мариа Габриел: Верувам дека ќе се надминат политичките тензии околу роамингот

 Европската комесарка за дигиталното општество и економија зборува за нејзината претстојна посета на Северна Македонија, но и за политичките проблеми кои преостануваат околу имплементацијата на роамингот на западниот Балкан со земјите на ЕУ.

Европската комесарка за дигиталното општество и економија во интервју за МИА зборува за нејзината претстојна посета на Северна Македонија, но и за политичките проблеми кои преостануваат околу имплементацијата на роамингот на западниот Балкан со земјите на ЕУ, пред сѐ блокадите помеѓу Белград и Приштина. Таа верува дека ова ќе се реши и дека од јули 2019 ќе започне првото драстично намалување на цените на роамингот.

Кој е поводот за вашата посета идната недела во Македонија, со кого ќе се сретнете и кои се вашите пораки?

Пред сѐ ми е чест и задоволство што ќе бидеме првиот член на Европската Комисија кој ќе ја посети Северна Македонија, тоа е охрабрувачки знак дека пречките се надминуваат со политичка волја, и уште еднаш ја потврдува европската перспектива за земјата.

Во рамките на оваа посета, во центарот ќе биде дигиталната агенда за западниот Балкан која ја инициравме минатата година. Правам тура на регионот за да видиме до каде сме. Затоа што идејата не е само да имаме стратегија, туку пред сѐ да имаме акциски план кој беше усвоен лани во Софија, и сега да го констатираме напредокот и заедно да продолжиме да ги дефинираме нашите цели.

Ќе се сретнам со премиерот Заев, министерот Манчевски, ќе имаме прилика да видиме до каде сме со дигиталната агенда. Потоа ќе го посетиме идниот научно-технолошки парк, на земјата и се потребни вакви проекти, вакви центри на иновација. Особено што во дигиталната агенда тие "хабови" се интегрален дел. За нас ова е важно, не само за привлекување приватни и јавни инвестиции, туку и за да се задржат талентите, да им се даде можност на старт-апите во земјата и регионот да се развиваат, и преку финансирања да можат да создаваат производи и услуги.

Има повеќе точки во дигиталната агенда. Северна Македонија направи одличен дигитален самит лани, следниот ќе се одржи во Белград во април. Целта е јасна: да имаме регионален договор за роаминг на шесте земји, за да напредуваме и да се намалат цените. Сакам да ја поздравам Северна Македонија затоа што е многу активна во овој процес. На крајот, најголем бенефит ќе имаат граѓаните, компаниите, да можат да комуницираат и тие контакти да им бидат од корист во нивните проекти.

Сакам исто така да разговарам за желбата на Северна Македонија да создаде регионална академија за кибер-безбедност. Знаете дека е многу важна тема. Ќе биде ова прилика да видиме до каде сме и што уште ќе биде потребно за да може да се создаде.

Ќе инсистирам уште еднаш на инвестициската рамка за западен Балкан и триесетте милиони евра кои ги ставивме на располагање на регионот за дигитална инфраструктура. Знаеме сега дека повикот продолжува до 1 март, искористете ја приликата да направите студии за изводливост, да добиете техничка помош, за во иднина во рамките на ИПА 3 да имате повеќе средства.

Што се однесува до дигиталните компетенции, сакам да ја продлабочиме дискусијата, од една страна за да ја поздравиме земјата за нејзиното учество во европската недела на кодирање. Благодарение на дигиталната агенда успеавме да го вклучиме западниот Балкан во овој проект. Идната година очекувам уште поголема мобилизација затоа што сега амбицијата е 50 отсто од училиштата да бидат вклучени во оваа иницијатива. Оваа година ја постигнавме целта, над два милиони учесници се приклучија, што е огромна бројка. И задоволна сум да кажам дека пилот проектот за дигитална обука исто така го вклучи западниот Балкан. Тоа се стажеви, платени од ЕК, кои им даваат прилика на студентите, и не само ИТ специјалисти да прават стаж од неколку месеци во друга земја. И многу сум задоволна што успеавме да го вклучиме регионот во оваа иницијатива. Со комесарот Наврачич испративме писмо до секоја земја да укажеме на специфичностите на секоја од нив, затоа што некои се понапредни, но сега на нив е да направат добра кампања за да се дознае за ова. Сакам да кажам дека првиот одговор стигна од министерот Манчевски, кој заедно со универзитетите, приватниот сектор и владата креираа платформа каде максимално ја популаризираа иницијативата. Ова е одлична прилика затоа што студентите и фирмите се во директен контакт, а стажот го плаќа Европската Комисија.

Прво околу роамингот, бидејќи тоа е најконкретно нешто за јавноста, до каде сме со овој проект, има ли сега јасни временски рокови?

Има две работи кои одат паралелно. Првата е дека лани со операторите, за време на самитот во Софија, се договоривме за јасен патоказ. Од јули 2019 ќе почнеме со намалување на цените на мегабајти, цената ќе биде 0,70 евра од мегабајт. Моментално е 12,14 евра, што е повеќе од десет пати поскапо. Од јули 2020 ќе биде 0,45, а од јули 2021 0,20 евра. Ова е патоказот договорен со операторите, но операторите поставија како предуслов, за да се покаже дека пристапот е регионален и дека на сите ќе им користи, да се има регионален договор за роаминг. Затоа што веќе има еден договор за роаминг од 2014, но тој е склучен само помеѓу четири земји. Албанија и Косово не се вклучени. Ако сакаме да бидеме кохерентни и да работиме на регионален пристап, важно е партнерите да покажат дека имаат иста волја. Затоа почнавме работа за нов регионален договор за роаминг, идејата е да се потпише на 4 и 5 април на самитот во Белград. Огромна техничка работа се води. Европското биро на регулатори, од своја страна, врши мониторинг и помага да се координира. Сега сме во фаза на финализација на техничкиот дел. Се наоѓаме во тешка фаза во смисла на она што се случува во регионот. Но јас останувам уверена дека ќе можеме да потпишеме на самитот во април. Затоа сакам да и се заблагодарам на Северна Македонија, затоа што е многу активна и многу помага. Ако го склучиме овој регионален договор, намалувањето на цените ќе стапи на сила од јули 2019, помеѓу регионот и ЕУ. Условот е ЕУ да може да работи со целиот регион, намалувањето на цените да се однесува на целиот регион, но со сегашниот договор помеѓу четири земји само, тоа не соодветствува со нашите цели. Сакам да потсетам дека работата што се врши сега е интензивна. Во ЕУ требаше над десет години да се постигне. Овде сакаме за три, четири години да успееме.

Претпоставувам дека главниот проблем е во дијалогот помеѓу Белград и Приштина...

Да. Не би рекла дека е проблем, но дека поради таа политичка тензија, се забави техничката работа. Но, сакам да кажам дека сите се присутни на техничките состаноци, иако некои одлуки се суспендирани, сите се околу масата, и тоа е многу добар знак и имам доверба.

Со операторите нема покрупни проблеми?

Соработката е добра со операторите. На секоја посета се сретнувам со регулаторите за да зборувам за тие прашања. Има технички прашања и законски, но сме во добра рамка и можеме да дадеме јасни одговори и да и помогнеме на земјата со експертиза за, кога ќе дојде време, одлуката да биде соодветна.

Во однос на кибер-безбедноста, па и лажните вести, бидејќи сето тоа е поврзано, прво да ве прашам каква е вашата проценка за Македонија?

Забележуваме добар напредок со националната стратегија за кибер-безбедност 2018-2020, има и акциски план, значи за нас сега е важно да ја продлабочиме соработката за да има подобро усогласување со европското законодавство, ќе имаме сега прилика сега да видиме кои се потребни кога има кибер-инциденти, затоа што реакцијата мора да биде брза. Затоа ми е важен предлогот на министерот Манчевски за регионална академија за кибер-безбедност. Бидејќи кибер нападите и лажните вести не познаваат граници, и ако имаме добра соработка, си даваме себеси повеќе шанси да успееме.

Сметате ли дека обуката и образованието во Македонија во дигиталната област се доволно добри?

Знаете, тоа е предизвик за сите нас. Има сѐ поголемо освестување дека дигиталната област не е само прилика за нашите деца, млади и компании, туку дека носи ризици. Затоа толку инсистиравме на кампањата за безбеден интернет во ЕУ, неделата на кодирањето. Но, внимавајте, образовната политика во ЕУ е национална политика. ЕУ нема надлежности. Ние можеме да бидеме трибина за да го привлечеме вниманието кон важните аспекти и потоа да ја олесниме соработката. Тоа и го сторивме со акцискиот план за дигитално образование, објавено со комесарот за образование, Наврачич во јануари 2018. Таму рековме дека има европска рамка, со акцент врз информативните кампањи, потребата од поголема застапеност на жените, повеќе обука за наставниците. Се фокусираме на младите, но наставниците се големиот предизвик. Ако сакате да мотивирате млад човек да се обучува дигитално, треба да има впечаток дека тој што му предава ги владее исто толку добро и подобро тие технологии, и многу често ова не е случај. Констатирам дека има освестување и оваа посета ќе биде прилика да потсетам дека Северна Македонија може да ни се придружи во иницијативите, таа ни се придружи за неделата на кодирањето, би сакала да имаме повеќе амбасадори во иницијативата за "побезбеден интернет за ЕУ", повеќе учесници во ваквите информативни кампањи на сензибилизација.

Македонија има посебно проблем со лажните вести, има безброј интернет сајтови, тешко е да се регулираат, лажните вести многу лесно се шират. Кој е вашиот совет до владата, новинарите, општеството за справување со овој феномен, со оглед на тоа дека медиумската сфера е посебно чувствителна на било каков обид за цензура или контрола врз слободата на информирање? Како се решава овој проблем без да се загрозат медиумските слободи?

Она што јас би го кажала е дека ова е прашање кое мене ми е при срце и ќе имам прилика да кажам што правиме ние на таа тема, ова е прашање кое од целосно непостоечко на европската агенда стана едно од најважните. Ние изодевме голем пат. Тргнавме со експертска група која ни предложи заедничка дефиниција, и не го кажувам ова случајно, затоа што е тешко да се дефинира овој феномен. Ако не знаеме што регулираме, за што ќе произведуваме закон? Тоа беше важно. Потоа рековме дека не постои волшебно решение: не се само новинарите, факт-чекерите, платформите, граѓанското општество, треба да имаме повеќе симултани акции на повеќе нивоа. И тоа го направивме. Прво го презентиравме кодексот на добри пракси на интернет, што беше невидено во светот, каде заедно со платформите, новинарите, граѓанското општество се постигна договор за број ангажмани кои ќе ја намалат видливоста на лажните вести. Имаме јасно идентификувани точки: што е со транспарентноста на содржината на политичките реклами? Што е со лажните профили? Со ботовите? Што е на располагање на граѓаните за сами да можат да изберат? Како што рековте прашањето е деликатно и комплексно. Црвената линија е да се сочува слободата на изразување, правото на пристап до информации, не смее да име "министерство на вистината", не смее да има цензура. И почнуваат да се појавуваат првите резултати. До европските избори мониторингот ќе биде месечен. Секој месец ќе излегувам и ќе давам проценка за напредокот, мерките на располагање. Паралелно сакаме да креираме независна мрежа на европски факт-чекери, нешто што не постои. Во март за прв пат ќе организираме европска недела за медиумско образование, сметам дека ова е клучно. Медиумската писменост да има поголема видливост за добри пракси. Да им се објасни на младите кои се рефлексите што треба да се имаат за да сфатат дека лажните вести не се вистински вести. 75 отсто од младите меѓу 15 и 24 години денеска не се способни да направат разлика помеѓу лажни и вистински вести, ова е огромен предизвик. Би била многу среќна ако земјите од западниот Балкан можат да ни се придружат. И останува прашањето за повеќе поддршка за квалитетно информирање. Ова е секојдневен предизвик со многу алармантни последици. Проблемот со лажните вести е дека тие делуваат врз емоциите. Според наша студија, видовме дека луѓето се посебно чувствителни на теми како здравјето, вакцините, животната средина, работи кои нѐ допираат секојдневно. Секој напор е напор за нашите вредности. 83 отсто од европските граѓани сметаат дека дезинформацијата е закана за демократијата.

Впрочем, Македонија има сериозен проблем со дезинформациите за вакцините, моментално се соочува со епидемија на морбили која се должи во голем дел на лажните вести... како да се справи владата со овие феномени без притоа да наметне регулација на медиумите?

Треба прво да се помине преку саморегулацијата. Истакнавме четири важни елементи: транспарентноста, диверзитетот на информациите, кредибилитетот и инклузивноста. Пред да се регулира мора да се имаат темелни информации. Што знаеме за механизмите на ширење? За моделите на финансирање? Немаме доволно податоци за сето тоа, и затоа сум среќна што за прв пат во нашата иницијатива платформите се согласија за ред услови за да им дадат пристап на истражувачите и факт-чекерите. Ова е нешто кое ни е потребно. И потоа да може да се интервенира со законски предлог онаму каде имаме податоци. Предизвикот е што зборуваме за дигиталната трансформација, дигиталната сфера длабоко го менува начинот на функционирање на традиционалните медиуми, начинот на кој се шират информациите и затоа мораме да зборуваме за тоа. Една работа за која малку се зборува се рекламите. Имаме низа сајтови кои произведуваат само лажни вести, но рекламите таму се сосема легални и затоа мора подетално да навлеземе во тој дијалог со огласувачите.

Може Македонија да се инспирира од тој кодекс, но може ли да стане дел од него?

За сега е само за ЕУ, но мислам дека би било логично во иднина да се прошири и прво би го прошириле кон западниот Балкан, како што правиме за многу други иницијативи, зборуваме за лажните вести, но ќе инсистирам и за регионот да се придружат во иницијативи за блокчејнот, за вештачката интелигенција, нешто што допрва ќе влијае врз ширењето на лажните вести, следниот чекор е "дип фејкот". Затоа се важни овие посети за мене, затоа што не само што зборуваме за тековните иницијативи, туку е прилика и да споменеме кои се проблемите на терен со кои ќе треба да направиме нешто за да се продлабочи соработката. /МИА

Полицајци добиле повик на гробишта- таму затекнале жена, која ги „замрзнала“ (ВИДЕО)

Гратчето Лулес, во аргентинската провинција Тукуман, го „потресе“ необичен настан кој е снимен пред неколку дена.

Полициската патрола добила дојава дека „непознато лице ноќе се шета во близина на гробиштата“, па решиле да проверат за што се работи. Видеото од интервенцијата се појави на мрежите и започна дебата за постоењето на паранормалниот свет.

Кога пристигнале на гробиштата, полицајците затекнале непозната жена со долга црна коса како бесцелно одела, облечена во „излитена“ облека.

„Таа не сакаше да комуницира со нашите полицајци. Испушташе чудни звуци и во еден момент клекна пред нив“, соопштија властите.

Жената продолжила да си зборува, а потоа почнала да вреска. Таа потоа тргнала во правец на локалниот каменолом, пишува Мендоза пост.

Медиумите објавија дека полицијата на крајот успеала да воспостави комуникација со жената која наводно рекла дека „го бара синот“.

Локалните власти остануваат цврсто затворени за информаци додека не заврши истрагата. Во исто време, локалните гробишта во Лулес се најдоа во центарот на вниманието на корисниците на социјалните мрежи.

Како што можете да замислите мислењата се поделени.

Додека некои веруваат дека се работи за дух, или некаков вид привидение, други се прашуваат од кога духовите имаат сенка и заклучуваат дека на жената ѝ е потребна медицинска или психијатриска помош.

Тамара починала додека 12 часа чекала доктор да ја прегледа во Итната помош во Британија

Тамара Дејвис (31) починала откако 12 часа била оставена во инвалидска количка во болницата во Сасекс во Велика Британија каде таа и нејзиното семејство биле сведоци на сцени „налик на војна“.

Семејството жената која починала откако поминала 12 часа на болничка количка рече дека одделението изгледало како „сцена од воена зона“. Тврдат дека 30 пациенти со видливи повреди лежеле на носилки и во ходниците.

„Таму беше апсолутен масакр. Беше како медицинска воена зона. Имаше 30 луѓе на колички кои чекаа соодветен третман и повеќе луѓе на подот и седиштата. Беше тотален хаос“, рече мајката на Тамара.

Вечерта на 10 декември 2022 година, Тамара Дејвис била однесена со автомобил во болницата во округот Сасекс откако се пожалила на тешкотии со дишењето.

На рочиштето на истражниот суд во Брајтон Сити беше кажано дека нејзиниот партнер, Рафаел Ифил, направил пет очајнички повици на 999 за да се обиде да добие брза помош. Кога тие не одговориле, тој го натерал својот брат да ја вози Тамара до болницата во округот Сасекс.

"Раф не можеше да добие брза помош. Помина два часа обидувајќи се да добие. Пет пати се јави и не ги доби", додала мајката.

Веднаш била испратена во област каде ѝ дале кислород пред да ја однесат до ходникот каде што чекала повеќе од 10 часа. Нејзината уништена помлада сестра Мија (25), која веднаш дошла во болница за да биде со неа, рече дека персоналот едноставно заборавил на нејзината сестра.

„Требаше да се грижат за неа, но едноставно заборавија на неа и таа остана свиткана во количка во ходникот. Се чувствувавме беспомошни. Беше лудо. Тие ѝ дадоа антибиотици, но потоа не успеаја да ѝ дадат уште една доза, иако тоа го напишаа во нејзините белешки. Подоцна беше пречкртано, но нема објаснување зошто и нема иницијали до пречкртаниот запис. Се чинеше дека имало моменти кога сестра ми ја третирале како товар. Ниту една медицинска сестра, лекар или вратар не ја погледна“, рече Мија.

Состојбата на Тамара продолжила да се влошува и на крајот била примена на интензивна нега каде што била ставена на респиратор, но починала три дена подоцна на 13 декември поради сепса и нејзините органи постепено откажуваа.

Со скршено срце изјави дека Тамара „колабрирала“ во болница и починала по „одвратното“ лекување во болницата Сасекс. Велат дека нејзината смрт можела да биде спречена доколку добиела соодветна нега во Итната помош и дека не успеале да ја лекуваат во болница.

„Никогаш не сум почувствувала како ми се крши срцето како кога ми рекоа дека сестра ми нема да се опорави. Тоа беше како последователна мисла. Таа беше оставена, речиси заборавена. Третманот со сестра ми беше ужасен. Никој не дојде да провери. Никој не застана да праша дали имаме сè што ни е потребно или дали ѝ е удобно. Срцето ми се крши кога знам дека нејзината смрт можеше да се спречи ако ја добиеше грижата и вниманието што ѝ требаше.“

Смртта ќе биде предмет на целосна истрага откако Џоан Ендрјус, судски вештак за Западен Сасекс, Брајтон и Хов, рече дека има причина да се сомнева дека нејзината смрт е „неприродна“.

По краткото сослушување, семејството рече дека сака објаснување зошто лекарите „не“ и пружиле соодветна грижа.

"Сакам одговори. Апсолутно е одвратно што не успеаја да се грижат за неа како што треба. Поразително е да се знае дека ако ја завршеа својата работа, таа ќе беше тука", рекла мајката.

„Разговаравме директно со семејството на Тамара за да изразиме сочувство“, рече д-р Енди Хипс, главен оперативен директор во Универзитетските болници Сасекс NHS Foundation Trust.

„Не можам јавно да зборувам за грижата за Тамара, но генерално кажано, нема сомнеж дека нашиот персонал понекогаш мора да работи под голем притисок, во тешки околности, но тие секогаш ќе дадат сѐ од себе за да обезбедат грижа, сочувство и достоинство на своите пациенти. “ додаде докторот.

Истрагата ќе продолжи и прелиминарниот датум со последните информации е 28 јуни.

Леонардо ДиКаприо со девојка, која носи прстен на левата рака- ќе се смири ли вечниот ерген?

Познато е дека Леонардо ди Каприо ја прекинува врската штом неговата партнерка наполни 25 години, но се чини дека 25-годишната Италијанка Виторија Черети успеа да му го улови срцето.

Познато е дека Леонардо ди Каприо ја прекинува врската штом неговата партнерка наполни 25 години, но се чини дека 25-годишната Италијанка Виторија Черети успеа да му го улови срцето, а поради новите фотографии фановите се убедени дека холивудскиот ерген би можел наскоро застанете пред олтар.

Актерот и манекенката беа фотографирани на средба во Беверли Хилс, каде што се почестија со бурито во киоск за брза храна на улица.

Вниманието го украде новиот прстен на левата рака, по што веднаш почнаа да кружат гласини за свршувачката на парот кои се заедно девет месеци.

Инаку, Виторија е успешна манекенка. Таа носеше ревии за брендовите Chloé, Paco Rabanne, Alexander McQueen, Ralph Lauren, Alexander Wang, Versace, Roberto Cavalli, Dolce & Gabbana, Armani, Prada, Marc Jacobs, Michael Kors, Bottega Veneta, Tom Ford, Tommy Hilfiger...

Во 2020 година, таа се омажила за Матео Милери, италијански диџеј. Не е познато дека парот се развел, а манекенката се уште има заеднички фотографии со сопругот на Инстаграм, па многумина се прашуваат дали Ди Каприо е причината поради која нивниот брак завршил.

притисни ентер