„Минхенската конференција“ на премиерите Заев и Ципрас ќе им ја додели наградата ,, Евалд фон Клајст“

Историскиот договор кој го постигнаа Македонија и Грција треба да биде одличен пример за решавање на други спорови во светски рамки, истакна денеска премиерот Заев на обраќањето на Минхенската безбедносна конференција.

Тој додаде дека земјава се движи во вистинскиот правец и дека ратификацијата на Протоколот од НАТО и напорите кои се вложуваат за влез во Европската унија ќе дадат поттик за спроведување на Преспанскиот договор. Заев се надева дека во јуни земјава ќе го добие долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите со ЕУ.

„Дојдовме до решение кога сите мислевме дека е невозможно. Тоа е европско лидерство. Ципрас и јас научивме од европските лидери за трпение, разбирање за другите и желба за помирување која е темел на европските вредности. Знаевме дека за нас не постои друга алтернатива освен НАТО и ЕУ интеграција. Отворањето на пристапните преговори со ЕУ и поканата од НАТО ќе дадат поттик за спроведување на историскиот Договор со Грција.“, изјави Зоран Заев.

Заев и неговиот грчки колега Ципрас денеска се во фокусот на вниманието во Минхен. На свечена церемонија ќе им биде врачена наградата „Еван Фон Клајст“ за особен придонес кон мирот и безбедноста, на која домаќин е премиерот на Бараврија, Флориан Херман.

Инаку признание за двајцата премиери стигна и од германската канцеларка Меркел. Таа истакна дека само со храброст и упорност може да се најде вистинското решение за секој проблем. Рускиот шеф на дипломатијата Лавров, пак, од Минхен ги поби шпекулациите дека Русија е на каков било начин инволвирана во промената на името на земјава.

Претседателот на Владата во рамки на посетата во Минхен оствари повеќе средби со официјални претставници од регионот и Европа, како и со сенатори од Соединетите американски држави. Заев добил силна поддршка за перспективите и аспирациите кои земјава ги вложува да биде дел од најголемата безбедносна алијанса и Европската унија.

Трамп: Отворете фабрика во својата земја, затворете ги оние во Кина

Претседателот на САД Доналд Трамп го засили денеска притисокот врз автомобилската компанија „Џенерал моторс“ (GM), повикувајќи ја повторно да ја отвори својата фабрика во Охајо.

„Затворете една фабрика во Кина или Мексико, каде толку интензивно вложувавте во периодот пред Трамп и донесете ги новите работни места дома“ – напишал Трамп на Твитер во пораката упатена до „Џенерал Моторс“.

Во твитот објавен изминатиот викенд, Трамп напишал дека официјалните лица под итно треба да почнат преговори со синдикатот на Обединетите работници на автоиндустријата (UAW) со цел повторно да се отвори или продаде фабриката на „Џенерал Моторс“ во Лордстаун.

 

Пронајдена 16-годишната девојка од Кисела Вода што вчера се оддалечи од домот

Вечерва од страна на полициски службеници е пронајдена 16-годишната О.П., за која нејзината мајка Б.П. (47) вчера во 22.00 часот во Полициската станица Кисела Вода пријави дека се оддалечила од домот.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, во текот на вечерта, О.П. ќе биде предадена на нејзиното семејство. /МИА

Авиони на ДЗС го гаснеа пожарот на Скопска Црна Гора, исфрлени 35 тони вода

Пожарот што денеска избувна во реонот на Скопска Црна Гора и зафати ниска мешана шума, наложи дејствување на воздухоплови на Дирекцијата за заштита и спасување. 

Беше дејствувано вкупно седум пати со два авиона, при што беа исфрлени 35 тони вода. Авионите дејствуваа во рамки на можностите до самиот крај на денот, додека дозволуваа условите и беше направено се што е во нивна моќ, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување.

Со оглед на фактот, посочуваат од ДЗС, дека никаде во светот не е предвидено да се гасне пожар во ноќни услови, акцијата на нивните воздухоплови траела до зајдисонце.

-Бидејќи, авионите се исклучително скап ресурс и се користат само за непристапни високи предели, апелираме земските служби координирано да дејствуваат на терен, а од воздухопловите да се бара помош само кога има навистина потреба, наведуваат од ДЗС.

Дирекцијата за заштита и спасување воедно упатува апел и предупредување до сите кои работат или се движат на отворен простор да не палат огнови.

-Апелот посебно се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба и ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите. Апелот се однесува и за оние кои се движат и работат во шумите, на излетниците, но и на сите граѓани, зашто доволно е само мала искра за да се потпали околната нискостеблеста вегетација, стои во соопштението од ДЗС.

Пожарот избувна денеска околу 13 часот на местото Црн камен, на потегот Липково, Скопска Црна Гора и селото Матејче. /МИА

притисни ентер