Најголем дел од повредените и загинатите се од Гостивар

Траги од крв , расфрлени искршени стакла , искорнати седишта, торби на патниците,делови од автобусот и пробиените банкини се остатоците кои утринава сведочеа за трагичната несреќа која се случи вчера кај селото Ласкарци, на автопатот Скопје – Тетово.

Мусафер Зибери е меѓу првите кои пристигнале на местото откако автобусот излетал од патот и им помагале на повредените. Тој пред камерата на Канал 5 сведочеше дека на повредените им давал прва помош и со своето возило ги пренесувал на клиниките.

Автобусот веќе е пренесен во една од Касарните во Скопје, а неговата исправност ќе биде вештачена од експертите на Машинскиот факултет. Дознаваме дека автобусот последно бил регистриран на трети јануари годинава . Покрај вештачењата,  обвинителството повеќе информации очекува и од исказот, крвта и урината на 49 годишниот возач кој веќе е пуштен на домашно лекување. Во првичниот разговор со обвинителите , Канал 5 дознава дека тој тврдел дека не се сеќава како се случила несреќата и кои би можеле да бидат причините за трагедијата.

Во стравичната несреќа која се случи вчера околу 17 часот вклучени беа екипите на брзата помош , противпожарната служба, МВР, но голем дел од мештаните кои се обидуваа да ги спасат и извлечат повредените.

И додека се чекаат резултатите од истрагата се појавија и првите теории на заговор. Пратеникот од владејачката коалиција Рубин Земон  се сомнева дека тешката несреќа е нарачана од странство. Тој на Фејсбук сподели дека неколку негови пријатели од странство не ја исклучуваат можноста за саботажа на автобусот поради влезот на земјава во НАТО.

притисни ентер