Членките на НАТО го ратификуваат пристапниот Протокол, пред Владата кренато знамето на Алијансата

Процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО од страна на националните парламенти на земјите-членки на Алијансата веќе почна да добива свој,дури би рекле, забрзан тек.

По ратификацијата во грчкиот Парламент во петокот, Словенија вчера беше втората држава која го ратификуваше Протоколот за НАТО. Најавено е дека во четврток тоа ќе го стори и албанскиот Парламент, а веќе следната недела според бугарската министерка за надворешни работи се очекува тоа да го стори и Бугарија. Најави има дека и Црна Гора наскоро ќе им се приклучи на државите кои ќе го ратификуваат Пристапниот протокол.

Очекувањата се дека процесот на ратификација треба да заврши за една година поточно до крајот на оваа или почетокот на идната година.

Ратификацијата следи откако на 6 февруари во Брисел, во присуство на министерот за надворешни работи Никола Димитров, беше потпишан Протоколот од страна на амбасадорите на земјите-членки на Алијансата.

И додека во парламентите на земјите-членки на Алијансата тече процесот на ратификација, во Македонија вчера беше кренато знамето на НАТО пред зградата на македонската Влада.

Во обраќањето пред присутните, премиерот Зоран Заев рече дека државата е на вистинскиот пат кон прогрес и непречен развој и оти со својата мирољубива политика ќе докажеме дека членството во НАТО е најдоброто решение за стабилноста на државата и за стабилноста на регионот.

– Успеавме од споредниот балкански колосек на кој чекавме со децении, да се вративме на главниот автопат кон Европа. Во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојувањето на државата во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина, истакна Заев.

Порача дека без оглед што станува збор за настан од историско значање, сепак, треба да се гази цврсто на земја и оти треба да ги забрзаме историските процеси и да се посветиме на членството во Европската унија.

– Тоа значи да ги средиме односите во нашиот дом, во нашето семејство, во нашата татковина, да функционираме како систем и како општество. Правда и нула толеранција за корупцијата. Во институциите нема место за оние кои со своето работење ја изневеруваат довербата за лични интереси и привилегии, корумпираните ќе се соочат со одговорност. Поткуп, личните интереси и привилегии нема да бидат начин на кој се води бизнисот во нашата земја. Секој мора да ги следи правилата, нагласи Заев.

Патот кон НАТО се отвори откако Македонија и Грција го решија повеќедеценискиот спор околу името. Согласно Договорот од Преспа, Македонија треба да го промени името во „Северна Република Македонија". /МИА

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

Сообраќајот тековно и без застои

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

притисни ентер