СДСМ утре на ИО за предвремени парламентарни избори

Извршниот одбор на СДСМ утре вечер ќе ја донесе конечната одлука за барањето на опозицијата за предвремени избори, откриваат партиски извори за Канал 5.

 Каква одлука ќе донесе највисокото партиско тело останува неизвесно бидејќи, како што велат нашите извори, раководството е поделено во ставовите „за“ и „против“ вонредни избори.

На состанокот на „Бихаќка“ се очекува да и’ претходни средба меѓу коалиционите партнери Заев и Ахмети. Одржување на предвремени, заеднички претседателски кандидат, но други актуелни теми се очекува да бидат тема на разговор меѓу двајцата лидери.

Во СДСМ се уверени дека уште во првиот круг заедно со ДУИ ќе застанат зад еден кандидат, кој ќе биде прифатлив за двете страни.

Во меѓувреме, во централниот штаб на социјалдемократите пристигнуваат првите апликации за претседателските кандидат. Според неофицијални информации, неколкумина доставиле кандидатури. Меѓу нив е и поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов кој денеска утро ја доставил својата апликација до СДСМ и ги обелодени своите амбиции за претседателските кандидат.

Филипов вели влегува во трката за кандидат на СДСМ бидејќи своите ставови пред се’ за евроатлантската интеграција цени дека се поблиски до оние на владејачката партија.

Во СДСМ очекуваат до крајниот рок 19-ти февруари да пристигнат повеќе апликации. Се очекува имињата на високите владини функционери кои се споменуваат како можни кандидати да пристигнат како предлози од општинските одбори на партија.

Во ВМРО ДПМНЕ во полн ек е внатрепартиската кампања на евентуалните кандидати кои би влегле во изборна трка за наследник на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов. Деветмината претенденти се обидуваат да добијат глас повеќе од околу 530 делегати кои ќе одлучуваат на Конвенцијата в сабота во Струга.

Според информациите од партијата, се очекува дека најголем дел од гласовите ќе бидат поделени меѓу професорката Гордана Силјановска и пратеникот Влатко Ѓорчев.

Претседателот Иванов го осудува физичкото насилство што се случи во затворот „Скопје"

Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов најостро го осудува физичкото насилство што се случи во текот на вчерашниот ден во КПУ Затвор Скопје – Скопје.

„Безбедноста на сите притворени и затворени лица мора да биде загарантирана од затворската управа, за ваквите и слични случаи, не може и не смее да има никакво оправдување. Во казнено поправните установи во Република Македонија  мора  да  се  заштити  психофизичкиот  и  моралниот интегритет на лицата, да се почитува нивната личност и достоинство, како и нивното право на лична сигурност", се наведува во соопштението од кабинетот на Иванов.

Оттаму посочуваат дека согласно чл.10 од Уставот „Животот на човекот е неприкосновен", а согласно чл.11 „Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување".

Согласно Законот на кривична постапка, чл.176 ст.1, „При издржување на притворот не смее да се навредува личноста и достоинството на обвинетиот".

 „Во изминатиов период до Комисијата за помилување како и до Одделението за постапување по претставки и предлози во Кабинетот на претседателот на Република Македонија, беа доставени писма од граѓани кои изразуваа загриженост за безбедноста во затворите во Република Македонија. Затоа, очекуваме што побрзо расчистување на овој, како и на сите досегашни случаи, познати или непознати за јавноста. Бараме одговорност од сите надлежни институции", се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов. /МИА

Мира „дизел“ побара повлекување на сопругот и братот, но не и на синот

Сопругот се откажа од унапредувањето во Шумската полиција во Делчево, братот од позицијата во РЕК Битола, но синот не си оди од ЕЛЕМ.

 Пратеничката Мира Стојчевска конечно се огласи по бурните реакции во јавноста за вработувањата на нејзините најблиски. Се правда дека целосно се неточни наводите дека интервенирала за овие вработувања.

„Одговорно тврдам дека, откако сум пратеник, а и претходно ниту сум влијаела, ниту пак имам намера да интервенирам за вработување на член на моето семејство или некој близок роднина. Тоа е спротивно на моите принципи и етички критериуми. Верувам дека концептот едно општество за сите и општество кое нуди еднакви шанси за сите, ќе обезбеди развој и просперитет буквално за сите граѓани подеднакво, независно дали припаѓаат на одредена опција или не и независно дали се нечии роднини или не“, пишува пратеничката  Мира Стојчевска на социјалните мрежи.

Интересно е што Стојчевска во статусот не го споменува нејзиниот син. Од ЕЛЕМ велат дека денеска немаат дојави за нови повлекувања.

Опозицијата и натаму жестоко критикува и обелоденува за вработувања по партиска линија. Премиерот Заев најави дека ќе бара одговорност од сите функционери за кои Антикорупциска ќе докаже дека навистина има судир на интереси.

„Кога зборувам, зборувам за сите. Како што реков, оставам секој сам да си ја носи одлуката, своето чувство на одговорност, пред се етичката одговорност е многу важна. Затоа, пораката што ја испраќам е до сите.“, изјави премиерот Зоран Заев.

Сите 18 случаи кои ќе ги „чешлаат“ антикорупционерите ќе почнат да се разгледуваат кога институциите ќе ги достават потребните документи. Роковите течат, а тие имаат 30 дена да ги обзнанат резултатите.

Поради обвинувањата за непотизам, и пратениците Кирацовски, Костадинов и Мисовски потврдија дека нивните блиски си дале отказ од своите работни места.

Директорот на затворот „Шутка“ Ѓоко Котевски ќе поднесе оставка

Директорот на затворот во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски се повлекува од функцијата, по вчерашниот инцидент кога беа нападнати поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

 Оставката вели дека ќе ја поднесе во понеделник, за кога најави дека ќе биде завршена и внатрешната истрага. Котевски рече дека во вчерашниот инцидент се утврдени низа недоследности и неправилности во спроведувањето на редот од затворските службеници.

Неговата оставка доаѓа само неколку часа откако Премиерот Заев побара од него до понеделник да се повлече од функцијата, поради тоа што не си ја завршил работата и дозволил инциденти еден по друг во установата со која раководи.

Министерката за Правда Рената Тренеска Дескоска најави дека за случајот ќе има и истрага. Според неа, потребно е да се види дали и каде е направен пропуст, а дополнително да се утврди и одговорност.  

Судија од Кривичниот суд, денеска ги посетил Јанакиески и Ристовски во затворот. Во соопштението од судот стои дека ситуацијата денеска била мирна. Од таму бараат од надлежните институции да направат анализа и да предложат други казнено поправни установи во земјата кои имаат соодветни услови за притвореници кои сметаат дека не се безбедни во затворот,  да бидат префрлени во други  КПУ.

Со реакција за вчерашниот инцидент се огласија и од делегацијата на Европската Унија во земјава. Од таму велат дека најостро осудуваат било каква форма на насилство и нагласија дека очекуваат истрага и одговорност за инцидентот.

притисни ентер