Ѓорѓи Филипов се пријави за кандидат за претседател

Поранешниот амбасадор на Македонија Ѓорѓи Филипов во Берлин и Виена денеска ќе се пријави на отворениот повик на СДСМ за избор на претседателски кандидат.

Филипов ја сподели информацијата со допис о медиумите, а во текот на денот ќе одржи и прес-конференција по повод неговата номинација.

Пријавувањето на поранешниот амбасадор е прва кандидатура поднесена во СДСМ, која е официјално позната. Во текот на минатата недела, од партијата одговорија дека се уште никој не се пријавил на повикот.

СДСМ својот кандидат официјално треба да го потврди на конгрес на 3 март, а претходно се очекува и потврда дали ќе ја трчаат претседателската трка со консензуален кандидат заедно со ДУИ.

Владина делегација од понеделник на Генералното собрание на ОН во Њујорк

Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев од понеделник до сабота ќе престојува во Њујорк каде ќе учествува на 74. Генерално собрание на Обединетите нации.

Во состав на владината делегација, како што денеска соопшти владината прес- служба, ќе бидат и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Официјалното обраќање на премиерот Заев на Генералното Собрание на ОН е предвидено за сабота во претпладневната сесија.

Премиерот и министрите ќе учествуваат во работата на форумите во рамки на четирите самити кои годинава се посветени на климатските промени, на универзалниот пристап до квалитетни здравствени услуги, на целите за одржлив развој и на финансирање на развојот.

Во агендата на премиерот Заев е предвидена и официјална средба со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и присуство на приемот на покана од претседателот на САД Доналд Трамп и сопругата Меланија по повод одржувањето на 74-тото Генералното собрание на ОН.

Покрај ова, предвидени се и билатерални средби и учества на настани и дискусии во организација на шефови на држави или влади, како и во организација на тинк-тенк и други меѓународни организации и академски и медиумски институции.

Фрчкоска: Во вторник Јанева повторно ќе дава исказ пред Обвинителството

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е разрешена од функцијата и е во притвор како осомничена во случајот „Рекет", во вторник повторно ќе дава исказ во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Ова го најави нејзината адвокатка Ирена Данаилова-Фрчкоска во интервју за „360 степени" на ТВ Алсат.

– Повторно е повикана. Во вторник ќе дава исказ, рече Фрчкоска, одговарајќи на новинарско прашање.

Според Фрчкоска, било очекувано Јанева да биде разрешена од функцијата специјален јавен обвинител, но дикутабилна е одлуката на Советот за јавни обвинители за нејзино разрешување од функцијата јавен обвинител во Гевгелија.

– Сметам дека таа одлука на Советот за јавни обвинители е спорна и претпоставувам дека ќе биде предмет на некаква жалба, рече Фрчкоска.

Во однос на тоа дали требало да има присутен нотар при потпишувањето на дописите што Јанева ги испрати од затворот во Шутка, Фрчкоска вели дека нужност за присуство на нотар не постои, ниту пак законот го бара тоа.

– Секое притворено лице согласно член 178 од Закнот за кривична постапка има право да испраќа дописи до лица кои се наоѓаат надвор од притворот и на некој начин да врши некаква присмена коресподенција. Има ситуации кои притворени лица испраќаат молби или жалби некој да ги посети и тоа е сосема легитимно. И во овој случај е постапено на ист начин, нагласи Фрчкоска.

Во врска со реакциите кои уследија по неодамнешната изјава на премиерот Зоран Заев во која тој споменува дека разговарал со Фрчкоска, таа демантира дека станува збор за било каква координација на Јанева со премиерот преку неа.

Прашана дали има докази за инволвираност на Јанева во случајот „Рекет", Фрчкоска вели дека и биле презентирани селективни докази и оти од она што го видела не произлегува било каква инволвираност или индиции на постоење на основано сомнение дека Јанева го сторила делото за кое се сомничи.

За снимките во кои се слуша како Јанева комуницира со осомничени лице кое е предмет што го води СЈО, Фрчкоска вели дека тие разговори ги толкуваат во насока на изјавата на Јанева дека се работело за евентуална соработка како сведок во друга постапка.

Според Фрчкоска, ќе треба да се види дали овие снимки ќе може да бидат искористени како докази во кривичната постапка бидејќи тие не може да се поистоветат со снимките што ги користи СЈО во постапките.

– Не може да се поистоветат снимките што СЈО ги третираше како докази и овие снимки. Снимките од нелегалното прислушување беа озаконети со Закон за СЈО, а овие докази се третираат како докази кои се прибавени на незаконит начин и како такви треба да бидат издвоени од постапката, смета Фрчкоска. 

Царовска и Адеми на работен состанок со донаторската заедница за секторот – образование, вработување и социјална политика

Министерот за образование и наука Арбер Адеми и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска присуствуваа на работниот состанок со меѓународните донатори за секторот образование, вработување и социјална политика.

Изразувајќи благодарност до присутните од Донаторската заедница и до Делегацијата на ЕУ, Адеми напомена дека координативниот состанок има важноста и значењето во исполнувањето на стратешките цели и определби на националните политики кон интеграција на земјата во Европската Унија.

– Важно е да го продолжиме и зајакнеме партиципативниот процес и координацијата на активностите во рамките на Стручното образование и обука како и спроведување и следење на секторските политики со фокус на остварување на резултати, а со цел обезбедување на долгорочен ефект и усогласени реформи во секторот, рече Адеми.

Министерството за образование и наука, истакна министерот, изминатиот период работеше на носењето добри и корисни политики преку спроведување на сеопфатна анализа од страна на ОЕЦД, за која веќе имаме и извештај но и јасен показател во која насока ќе се движат реформите.

– При тоа се донесоа и повеќе значајни закони како: Законот за високо образование, Законот за основно образование и Законот за наставниците и стручните соработници во основно и средно, а во фаза сме и на креирање на работна група која ќе започне со разработка на пакет законите во делот на средното и средното стручно образование, потенцираше Адеми пред присутните.

Царовска истакна дека изминатиот период Министерството за труд и социјална политика работело на повеќе процеси и реформи. Дел од нив се завршени, дел продолжуваат да се спроведуваат.

-Со социјалната реформа работиме на намалување на детска сиромаштија. Процесот на деинституционализација успешно се спроведува. Досега бројот на деца во институции е намален за 75 проценти, а до крајот на годината очекуваме да нема деца во домовите, рече Царовска.

Потсети дека се отворила и програмата со Светска банка за развој на социјални услуги на локално ниво.

-Успешно се спроведува реформата за стабилизација на пензискиот фонд. Работиме на квалификување на младите лица за што се предвидени активни мерки во Оперативниот план. Ова се само дел од процесите и реформите на МТСП, рече Царовска. 

притисни ентер