Претседателот Иванов се сретна со Ердоган

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, вчера попладне во Истанбул се сретна со турскиот претседателот на Република Турција г. Реџеп Таип Ердоган.

Како што соопшти прес-службата на претседателот, двајцата претседатели изразија задоволство од високото ниво на севкупните политички односи и содржајната билатерална соработка меѓу Македонија и Турција.

Во разговорите претседателот Иванов и претседателот Ердоган разменија мислења за актуелните политички случувања во двете земји, односно за престојните претседателски избори во Република Македонија и за локалните избори во Република Турција.

Македонскиот претседател изрази сочуство до турскиот претедател за неодамнешната несреќа во Истанбул, каде што при рушење на зграда животот го загубија повеќе лица.

На средбата двајцата претседатели разменија мислења и за тековните случувања и предизвици со кои се соочува регионот и Европа, се додава во соопштението. /МИА

Ципрас: Традиционалната новогодишна пита во грчкото МНР задоцни поради Договорот од Преспа

Со оправдано задоцнување, денеска беше пресечена и поделена традиционалната новогодишна пита.

Со оправдано задоцнување, како што истакна грчкиот премиер, токму поради обврските што произлегоа од "еден од најважните и историски договори", во Министерството за надворешни работи на Грција, денеска беше пресечена и поделена традиционалната новогодишна пита, јави дописничката на МИА од Атина.

На присутните во грчкото МНР им се обрати Алексис Ципрас, кој се заблагодари меѓу другото и за "придонесот за историскиот Договор од Преспа" и рече дека е оправдано што новогодишната пита се дели на крајот на февруари.

-Сепак никој нема поплаки бидејќи работата што ја направи Министерството за надворешни работи во изминатиот период и многу важниот придонес за улогата на татковината на меѓународно поле, го оправдува ова мало задоцнување, бидејќи не можевме да делиме пити во моментот кога беше во тек еден од најважните и историски договори кои ќе ја означат надворешната политика на земјата и веќе ја имаат надградено улогата на нашата надворешна политика, рече грчкиот премиер во кусото обраќање во грчкото МНР, пренесе МИА.

Во присуство на шефот на дипломатијата, Јоргос Катругалос, неговите заменици, Маркос Боларис и Теренс Куик, алтернативната министерка Сиа Анагностопулу, како и дипломати и вработените во Министерството за надворешни работи, но и новинарите, грчкиот премиерот Алексис Ципрас, ја пресече и подели новогодишната пита со паричка. Среќникот, кој ќе добие три слободни денови, беше советникот за надворешна политика на Ципрас, Евангелос Калпадакис. /МИА

На 15 март пресуда за случајот „27 април“

По точно шест месеци откако триесетина лица седнаа на обвинителна клупа за собраниските насилства од 27 април, судењето за најголемиот предмет заврши. 

Обвинетите на крај рекоа дека се подготвени да одговараат за тоа што го сториле но тврдат не се виновни за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста како што ги товари обвинителството за организиран криминал и корупција. Поголемиот дел од нив не даваа одбрана но по повеќе од еден час даваа завршни зборови. Рекоа претходно обвинетите ператеници им сугерирале да не даваат одбрана зошто ќе бидат амнестирани. На последните рочишта прстот го вперија во пратениците.

-Жал ми е за случувањата во Собранието но јас грижа на совест немам. Грижа на совест треба да имаат Крсто Мукоски и Сашо Василевски.

рече обвинетиот Вилијам Михајловски. Дел од нив пак се гневни за како што велат испазарената амнестија.

-Ќе одговарам за тоа што го сторив но тоа сигурно не е тероризам. Захарие Симовски доби амнестија а сите знаеме дека во Собранието носеше пиштол,изјавил Никола Митревски Кољо - Обвинет

Нивните адвокати очекуваа до последен момент обвинителката Вилма Рускоска да направи преквалификација на кривичните дела за кои ги обвини. Убедини се дека нивните клиенти се невини и очекуваат ослободителна пресуда.

Судијката Добрила Кацарска рече дека и потребно подолго време за да ги прегледа сите записници на кои се анализирани видео снимките од собраниските и телевизиските камери пред да ја изрече пресудата. Пред два дена таа рече дека во текот на водењето на постапката немала никакви притисоци ниту од партиски функционери.

За помалку од еден месец пресудата ќе ја слушнат само 17 од обвинетите меѓу кои и поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков, оперскиот пејач Игор Дурловски, вработени во собранието, агенти на УБК, откако со Законот за амнестија кој предизвика низа реакции во јавност беа ослободени 15 лица меѓу кои пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски,  Јохан Тарчуловски и Љубен Арнаудов, но и дел од водачите на протестите За заедничка Македонија.

Власта за, опозицијата против одземање на имунитетот на Вељаноски

Собраниската Комисија за деловничко мандантни имунитетни прашања расправа за барањето за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељановски.

Собраниската Комисија за деловничко мандантни имунитетни прашања расправа за барањето за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељановски поднесено од Одделението за организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд, поради сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.

Во претпладневниот дел од расправата можеа да се чујат различни мислења на членовите на Комисијата.

Пратениците од опозицијата сметаат дека нема основ да му биде одземен мандатот на Вељаноски, како што рекоа, само врз основа на едно барање од судот непоткрепено со никакви други документи и оти станува збор за политички мотивиран процес.

Пратениците, пак, од владејачкото мнозинство посочија дека Комисијата мора да расправа по барањето на судот и да донесе одлука. Не е наше, рекоа тие, да го цениме обвинителниот акт, бидејќи тоа ќе го направи Судот. Сметаат дека настаните од 27 април мора целосно да се расчистат и оти само на таков начин ќе има правна држава.

Вељаноски кој е член на Комисијата на седницата го образложи својот став за барањето. Рече дека ни на крај памет не му паднало дека ќе има упад и инциденти во Собранието. Тој вели дека не е виновен за спречување на седницата за избор на претседател на Собранието од новото парламентарно мнозинство, што, како што потенцира, била една од точките врз кои се темелело обвинението што му било прочитано во Обвинителството.

Другите три точки, рече тој, се однесуваат на тоа дека му пратил порака на Никола Груевски дека Зоран Заев на прес-конференција најавил оти попладнето ќе избираат претседател на Собранието, декадобил порака дека после 17 часот ќе биде направен изборот, како и дека му дал преку ред збор на пратеникот Зекирија Ибраими. Според поранешниот претседател на Собранието, спорен е фактот што неговиот телефон бил на вештачење на крајот на ноември 2017 и оти по исказот што го дал во јануари 2018 му бил вратен. Тогаш, рече Вељноски, Обвинителството не нашло доказ за негова вина, туку тоа го прави една година подоцна.

На ова, реплицираше пратеникот Горан Мисовски кој рече дека Комисијата и пратениците кои членуваат во неа во ниту еден случај неможат да го ценат обвинителниот акт. Тоа, според Мисовски, може да го направи само судот.

Тој рече дека правна разврска на случајот „27 април" мора да има со цел такви настани никогаш да не се повторат. Тој извади камен кој рече оти сеуште го чува, а со кој бил гаѓан од учесниците на насилствата од 27 април.

Мисовски смета дека тоа што против Вељаноски не било покренато обвинение лани туку годинава може да е резултат на фактот што сведоците и дополнителните докази за овој случај довеле до друг тек на целиот процес. Затоа, рече, мора да се остави на судот да го цени обвинителниот акт и да одлучи дали ќе го прифати или евентуално осуди пратеникот Вељаноски.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски е на линија на неговиот колега Мисовски дека оваа Комисија неможе да го цени обвинителниот акт, туку дека само може да донесе одлука и да му дозволи на судот да го каже последниот збор.

Пратеникот Антонио Милошоски е уверен дека обвинението против Вељаноски што се случува сега, а не пред една година е политички мотивирано и обид власта да го покрие лошто владеење, бидејќи таа, како што рече, освен измени на Уставот и името ништо друго не направила. Станува збор, рече тој, за селективна правда и политички прогон на неистомислениците. Притворот, според Милошоски, веќе не се користи како мерка, туку почеток на казна.

Членовите на Комисијата од опозицијата сметаат дека судот може да си ја работи својата работа и доколку на Вељаноски не му биде одземен имунитетот и одреден притвор. За обезбедување присуство, рече Зоран Илиовски освен ефективен притвор има и други мерки.

Расправата во Комисијата на моменти е тензична, беше искористена и за препукувања за инцидентот што се случи во затворот „Скопје" во која беа инволвирани поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, и ќе продолжи по едночасовна пауза што ја даде претседателот Богоевски.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да го достави до претседателот на Парламентот. По добиенито извештај од  Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број пратеници. Актуелниот пратенички состав досега по барање на судот донесе одлуки за одземање на имунитетот на пратениците Никола Груевски, Љупчо Димовски, Крсто Муковски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.

Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Велјановски заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски завчера беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април.

Велјановски се повика на пратеничкиот имунитет додека на поранешните министри Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка трисетдневен притвор. /МИА

притисни ентер