На „Титаник" се изнесуваат материјални докази

Со одложување од еден час поради неприсуство на обвинетите Миле Јанакиески и Мунир Пепиќ кои подоцна беа сприведени од куќен притвор, во Кривичниот суд започна рочиштето за предметот „Титаник" на СЈО.

Обвинителката Лиле Стефанова денеска продолжи со изнесување на материјалните докази од онаму каде на минатото рочиште застана нејзиниот колега Бурим Рустеми.

Во материјалите меѓу другото беа прикажани службени белешки, партиски известувања, изјави од лица, потврди за одземени предмети, …

Во „Титаник" обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања. /МИА

Катругалос и Хаѕидакис за претседателските избори кај нас

Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос и потпретседателот на Нова демократија, Костис Хаѕидакис во радио дуел за „Реал фм", меѓу другото дискутираа за првиот и претстојниот втор круг од претседателските избори кај нас.

Катругалос изрази надеж дека ќе победат силите што се борат против нетолерантноста, Хаѕидакис претпоставува дека ќе победи Пендаровски.

-Сакам да верувам дека ќе победат силите кои сакаат да се стави крај на нетолерантноста, но, исто така, сакам да истакнам дека дури и кандидатката на ВМРО не го има оспорено спроведувањето на Договорот од Преспа, рече шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос.

Потпретседателот на Нова демократија објасни дека за Договорот од Преспа позицијата на партијата е веќе позната, а во однос на изборите истакна дека прашањето е дали ќе се постигне неопходниот консензус.

-Се чини дека веројатно е да се избере кандидатот на господинот Заев, поради тоа што, претпоставувам дека Албанците во вториот круг е пологично да гласаат за него, отколку за кандидатот на ВМРО, но секако прашањето е дали ќе се обезбеди потребниот консензус на изборите, 40 отсто, рече потпретседателот на Нова демократија, Костис Хаѕидакис за грчкото радио „Реал фм". /МИА.

Фејсбук отстранил 212 лажни профили од Косово и Македонија минатиот месец

Месечниот извештај на Фејсбук за борба против лажните вести во пресрет на ЕУ изборите открива дека 212 профили биле отстранети во март поради "координирано неавтентично однесување".

Од почетокот на оваа година, Гугл, Фејсбук и Твитер издаваат месечни извештаи во рамките на Кодексот на однесување кој го потпишаа со Европската Комисија, со цел борба против дезинформациите и спречување на надворешни и малициозни влијанија врз кампањата за изборите за Европскиот Парламент во мај.

Извештајот за март месец, достапен од денеска, открива дека се избришани 212 профили од Косово и Македонија кои работеле координирано.

-Отстранивме 212 Фејсбук страници, групи и налози поради координирано неавтентично однесување од Македонија и Косово. Лицата зад овие активности управуваа со лажни налози за да администрираат страници кои споделуваат општа содржина, ненасочена кон една земја специфично, како астрологија, познати личности и совети за убавина, стои во извештајот.

Покрај ова, имало и неколку профили кои се претставувале како политички организации од Австралија, Британија и САД и објавувале содржини поврзани со Исламот и верски теми како и политички и националистички содржини, информира социјалната мрежа.

Овие налози имале вкупно околу 685 илјади следбеници на Фејсбук или Инстаграм.

Според Фејсбук, координирано неавтентично однесување значи создавање на мрежа лажни профили и страници со цел да се измамат корисниците и да се манипулира со јавната дебата во стратешка цел, објаснува Фејсбук.

Европската Комисија денеска ги поздрави редовните извештаи на овие три компании и нивните обиди за повеќе транспарентност во пресрет на изборите, но смета дека се потребни дополнителни напори.

-Дополнителни технички подобрување и споделување на методологијата и податоците за лажните налози се потребни за да им се овозможи на надворешни експерти и истражувачи да спроведуваат независни проценки, смета еврокомесарката Марија Габриел.

ЕК сега ги чека извештаите за април и се надева дека ќе биде констатиран напредок./МИА

Штипјанец во заложништво држел жена и нејзините две малолетни деца

Дваесет и шест годишниот А.М од Штип заработи кривична пријава поради постоење  основи на сомнение дека сторил четири кривични дела, информираше денеска портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова. 

Тој во залошништво држел 24-годишна жена и нејзините две деца, истовремено извршил и обљуба врз неа, а нападнал и полициски службеник.

-Во временскот период од 11 април  до 22 април  пријавениот противправно ја држел оштетената Е.М. заедно со нејзините две малолетни деца во стан на улицата „Борис Крајгер" и во куќа на улица „Широк дол" во Штип, каде во повеќе наврати физички ја нападнал, а извршил и обљуба над оштетената. На 22 април околу 13.30 часот на ул „Широк Дол" во Штип, при вршење службени работи лишување од слобода на пријавениот, тој физички нападнал полициски службеник од Полициската станица Штип, вели  Панајотова.

Таа додава дека СВР-Штип до Основното јавно обвинителство има поднесено кривична пријава против А.М од Штип поради постоење основи на сомнение дека сторил четири кривични дела и тоа „противправно лишување од слобода", „силување" „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста" и „загрозување на сигурноста". /МИА

притисни ентер