Весели: САД не бараат укинување на таксите кон Србија

Претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели денеска изјави дека САД не побарале од Косово да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија, туку се заложиле да се даде шанса на дијалогот меѓу двете земји.

„Писмото на претседателот Трамп и ставовите кои ги пренесува амбасадорот на САД Филип Коснет, ние ги сфаќаме многу сериозно. Има едно барање да му се даде импулс на Косово во процесот на дијалогот, но нема барање за укинување на таксата“, изјави Весели по денешната седница на Претседателтвото на Собранието на Косово.

Коментирајќи ја вчерашаната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Србија, косовскиот собраниски спикер изрази уверување дека „Русија оди во правец на признавање на Косово“.

„Ние сме со Америка, а нашиот сосед претендира да има добри односи со нашите партнери, меѓутоа ѝ ги отвора вратите на Русија. Русија се движи во правец на признавање на Косово и Косово годинава ќе биде примено во Обединетите нации“, изјави Весели.

Вељаноски замина од Кривичниот суд

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кој попладнево беше приведен за настаните од 27 април, замина од Кривичниот суд во Скопје.

По излегувањето од судот, Вељаноски кусо изјави дека не е еден од организаторите на настаните од 27 април.

– Десет години сум бил претседател на Собрание и јас да бидам организатор на настаните. Срамота, изјави кусо Вељаноски.

Доцна попладнево, Основното јавно обвинителство соопшти дека под истрага се пет лица кои се сомничат дека се организатори на настаните од 27 април. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста". 

Обвинителството гони пет лица како организатори за настаните од 27 април

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  вечерва преку соопштение информира дека под истрага се пет лица кои се сомничат дека се организатори на настаните од 27 април.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста".

Како што се наведува во соопштението, наодите од предистражната постапка укажале дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија" кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.

– Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите. Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, се вели во соопштението.

Од страна на надлежен јавен обвинител доставен е предлог за определување мерка притвор за осомничените.​

За вмешаност во настаните од 27 април попладнево беше приведен поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, а покрај него, како што објавија дел од медиумите, приведени се и поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристоски. 

Амбасадата на Јапонија ја прославува 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Република Северна Македонија

Со потпишување на грант-договори во вредност од над 430 илјди евра вечерва Амбасадата на Јапонија во Скопје ја прославува 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Република Северна Македонија.

Ова е најголемата годишна сума доделена од Грант-програмата за мали проекти, а корисници ќе бидат три јавни здравствени установи, три образовни институции и три јавни комунални претпријатија од шест региони во државата.

Во областа на здравството ќе бидат реновирани Општата болница во Кавадарци и Здравствениот дом во Македонски Брод, а ќе се набават и амбулантни возила за Здравствениот дом во Велес.

Во делот на образованието планирано е реновирање на градинката „Цветови" во општина Штип, реновирање на училиштето „Браќа Миладиновци" во Добрушево во општина Могила, како и средства за греење во подрачното улилиште „Гоце Делчев" во село Долни Дисан во општина Неготино.

Дел од средствата што ги доделува Јапонската амбасада ќе бидат искористени и за набавка на возила за комунални услуги за три јавни претпријатија во Валандово, Крива Паланка и Виница.

На церемонијата на потпишување присуствуваа амбасадорката на Јапонија Кеико Ханеда, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.

По потпишувањето на договорите организиран е прием на кој е најавено обраќање на јапонската амбасадорка и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Од 1996 година Јапонија преку Грант-програмата за мали проекти има инвестирано над 6,6 милиони евра со кои се реновирани и опремени повеќе од 66 училишта, 44 јавни здравствени установи и набавени се 27 специјализирани возила за јавните комуналните претпријатија и противпожарните служби. /MИА

притисни ентер