Дали владата ќе прифати седумчасовно работно време?

Поделени размислувања кај граѓаните за тоа дали треба да се намали работниот ден.

Дел ја поздравуваат иницијативата на синдикатот УПОЗ кои вчера побараа пократок работен ден и дополнителни неработни денови.

Други пак сметаат дека нам ни треба поголема продуктивност.

Барањето од УПОЗ, до Владата се уште не пристигнало. Вицепремиерот Анѓушев вели дека иницијативата може да почека. Најпрво потребни се детални анализи.

-Треба да го видам барањето, мислам дека ни треба да се зголеми продуктивноста, а потоа да зборуваме за такви барања. – изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

УПОЗ ги правдаа барањата кои се пракса во повеќе европски земји, со тоа дека ќе помогнат за поголема ефективност на работниците, и ќе се отвораат нови работни места.

Според нив работникот е најпродуктивен до 14 часот.

Тие побараа и во годишниот календар на неработни денови, да се вметнат 2 јануари и 2 мај.

Инаку неодамна во Јапонија, властите во работниот ден, воведоа половина час пауза за дремка.

Според нив тоа ќе ја зголеми продуктивноста на работниците и фирмите нема да трпат големи загуби.

Во Шведска на пример, веќе 2 години работниот ден е 6-часовен.

Филаделфија избори плејофот

Екипата на Филаделфија ќе игра во плејофот на НБА-лигата. Сиксерси ноќеска во плејин средбата ги совладаа кошаркарите на Мајами Хит со 105:104.

Најпродуктивен играч за Филаделфија беше центарот Џоел Ембид. Имаше 23 поени, 15 скока и пет асистенции.

Клучен играч од клупата во домашниот тим беше Николас Батум, кој постигна 20 поени и пет скока.

Најефикасен во Мајами беше Тајлер Херо со 25 поени.

Филаделфија во првото коло од плејофот ќе се соочи со Њујорк никс.

Мајами ќе има уште една шанса да избори учество во разигрувањето за титулата. Противник во вториот дуел од плејин ќе им биде Чикаго кој ноќеска го победи тимот на Атланта.

Американски и израелски медиуми: Израелските власти разгледувале опции за одмазднички напад

Американски и израелски медиуми: Израелските власти разгледувале опции за одмазднички напад врз Иран, но се повлекле од планот.

Израел разгледуваше опции да изврши напад врз Иран како одмазда за нападот без преседан минатиот викенд, но потоа ги откажале плановите, јавија израелски и американски медиуми.

Иран лансираше повеќе од 300 беспилотни летала и проектили против Израел во текот на викендот во напад што предизвика мала штета бидејќи повеќето проектили беа пресретнати.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе одговори на нападот, што ги поттикна глобалните сили, вклучително и главниот сојузник САД, да повикаат на воздржаност за да се избегне каква било понатамошна ескалација или регионално прелевање од повеќемесечната војна во Газа.

Израелскиот јавен сервис Кан објави дека по разговорите со американскиот претседател Џо Бајден, Нетанјаху одлучил да не продолжи со однапред договорените планови за одмазднички напади врз Иран во случај на напад.

„Дипломатската чувствителност влезе во игра“, изјави за Кан висок израелски функционер кој сакаше да остане анонимен, додавајќи дека ќе има одговор, но дека ќе биде различен од првично планираното.

Цитирајќи три неименувани израелски извори, Еј-Би-Си Њуз објави: „Израел се подготвуваше и потоа ги прекина одмаздничките напади против Иран најмалку две ноќи минатата недела“.

Меѓу опсегот на можни реакции што ги разгледуваше израелскиот воен кабинет беа опциите за напад на ирански полномошници на друго место во регионот или за извршување кибер напад, изјавија изворите за Еј-Би-Си Њуз.

На состанокот на владата во понеделникот, израелските власти размислуваа да им дадат дозвола на израелските одбранбени сили (ИДФ) за напад врз Иран, но „од оперативни причини“ одлучија да не продолжат со тоа, изјавија двајца неименувани израелски функционери за американскиот портал Аксиос.

Вооружените групи поддржани од Иран ширум регионот извршија напади откако изби војната меѓу Израел и Хамас во октомври.

Нападот на Техеран викендот, неговиот прв директен напад на израелска територија, дојде како одговор на смртоносниот напад врз конзуларниот анекс на Иран во Дамаск на 1 април, за кој нашироко беше обвинет Израел.

Вашингтон и Брисел ветија дека ќе ги зголемат санкциите против Иран, додека иранскиот претседател предупреди на „жесток и остар одговор“ на каква било одмазда. Како одговор на дипломатскиот притисок, вклучително и од главниот воен поддржувач Вашингтон, Нетанјаху во средата инсистираше на тоа дека Израел ќе донесе сопствени одлуки и „да го направи она што му треба за да се одбрани“.

Саем на книгата под слоганот „Приказна се чита“

Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје денеска ќе биде отворено 36. издание на Саемот на книга, кој во седумте саемски дена ќе понуди богата програма со повеќе од 30 промотивни настани и дружби со автори. 

Посетителите ќе можат да си одберат книги од разновидната понуда на домашни и странски автори од преку 60 издавачки куќи од земјава и регионот.

На официјалното отворање на Саемот на книга обраќање ќе има министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, а покрај претставниците на издавачките куќи на отворањето ќе присуствува и германската амбасадорка Петра Дрекслер.

Слоганот на манифестацијата е „Приказна се чита“, со цел да го доближи саемот до помладата популација, а покрај едукативно-културниот аспект, годинава се воведува и општествено одговорна компонента.

Со секоја купена редовна влезница ќе се донираат 15 денари за СОС детско село. Исто така, по повод 23 април - Светскиот ден на книгата, во СОС детско село и ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје - средно училиште за ученици со оштетен слух ќе бидат донирани по 100 книги и бесплатни годишни претплати од Boksy - изложувач на саемот, за година онлајн читање на книги.

Годинава во рамки на Саемот е востанопвување на Фелоушип програма, по примерот на сите поголеми светски саеми. Од Македонска асоцијација на издавачи (МАИ), информираа дека по отворениот повик, комисијата што ја формирале за оваа намена, избра пет учесници на Фелоушип-програмата: Флоранс Жири („Агенција „Флоранс Жири“, Франција), Петра Кавчич (издавачка куќа „Белетрина“, Словенија), Јанис Краниас (издавачка куќа „Ентипоис публикејшенс“, Грција), Ена Хасечиќ (издавачка куќа „Бајбук“, БИХ), Мирослава Уљаревиќ (издавачка куќа „Ободско слово“, Црна Гора).

Фелоушип-програмата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзината цел е да ги запознае издавачите и книжевните агенти со домашното издаваштво, со трендовите во современата македонска книжевност, со нашите најистакнати писатели и да им „открие“ дела што можат да ги внесат во својата издавачка програма.

Годинава се воведува и нов концепт на поставка на штандовите, за подобра видливост на сите изложувачи и издавачи, а помалите издавачи во однос на квадратурата ќе бидат визуелно подостапни до публиката.

Промоциите и дружбите со автори ќе се случуваат во промотивниот центар како главна бина, во текот на седумте саемски денови. Во рамки на саемот ќе биде доделена наградите од Асоцијацијата на издавачи.

Годинава фокусот ќе биде и на детската програма, во која е предвиден посебен дел со маскоти, што ќе се одржува во викенд деновите на Саемот.

Саемот на книга ќе биде отворен за посетители од 18 до 24 април, секој ден помеѓу 10:00 и 20:00 часот, освен на денот на затворањето кога ќе работи до 18:00 часот.

Покровител на Саем на книга традиционално е Министерството за култура на РСМ.

притисни ентер