СП: Македонија вечерва против европскиот шампион Шпанија

Европскиот ракометен шампион Шпанија е следниот предизвик за најдобрите македонски ракометари на Светскиот шампионат во Германија и Данска.

Минхен вечерва од 20 часот и 30 минути е домаќин на дерби средбата од 4 коло во групата Б, на Светското првенство меѓу Македонија –Шпанија.

Поразот од Хрватска е веќе заборавен , црвено жолтите сега размислуваат само на следниот противник силната Шпанија.

Според најавите од Минхен  по денот одмор нашиот состав воопшто не размислува на калкулации и чување на силите за решавачкиот дуел против Исланд во четврток.

Со идентичен состав како на претходните три средби  нашиот селектор Раул Гонзалес ќе се обиде да ги изненади своите сонародници, Шпанците.

Фуријата на дуелот со Јапонија покажа многу слабости, Јапонците беа во водство цели 40 –тина минути. Овие слабости се надеваме ќе ги искористат вечерва и нашите  ракометари кои ќе се обидат да го изненадат фаворизираниот противник.

Пред денешните средби во групата Б лидери на табалата со максимален ефект се селекциите на Шпанија и Хрватска , Македонија е на третата позиција со скор од две победи и пораз, потоа следуваат селекциите на Исланд,Јапонија и Бахреин.

Без разлика на епилогот од вечерашниот меч во Минхен, македонскиот национален тим утре против  секогаш незгодниот состав на Исланд го игра одлучувачкиот натпревар за пласман меѓу 12- те најдобри селекции на Светскиот шампионат.   

Втора победа на ШК АЛКАЛОИД на Европскиот Клупски Куп 2019

Во второто коло на Европскиот Клупски Куп во шах, АЛКАЛОИД извојува нова победа над екипата “Raika Rapid Feffernitz” од Австрија.

Текот на мечот покажа дека нема лесни противници, па така по три часа игра резултатот во мечот беше нерешен, со три реми на прва, втора и четврта табла: кај Андреикин, Шанкланд и Криворучко. Највозбудлива партија беше на Андреикин, каде што велемајсторот од АЛКАЛОИД жртвуваше фигура за напад, а противникот успеа да ги најде единствените потези и партијата заврши реми со вечен шах. Потоа, со сигурна игра и победа Владислав Ковалев донесе водство за АЛКАЛОИД. Следеа цели поени за Панчевски и Инаркиев до конечни 4,5 : 1,5 во мечот.

По одиграни две кола, 16 екипи (од вкупно 66 клуба кои учествуваат) имаат максимални 4 бода.  

Во третото коло,  ШК Алкалоид за противник ја има екипата “Mednyi Vsadnik” од Санкт Петербург, Русија – минатогодишниот шампион. Мечот секако ќе биде дерби на колото, и еден од најважните мечеви за АЛКАЛОИД на целиот турнир.

Млади фудбалери од повеќе од 40 националности се натпреваруваа на меѓународен турнир во Скопје

Меѓународен фудбалски турнир на кој учествуваа младинци од нашата земја како и од Полска, Австрија, Русија и Унгарија се одржа од седми до деветти ноември на теренот на академијата „Вардар" во Градскиот парк во Скопје.

Домаќин на овој интернационален настан беше меѓународното училиште „Нова", а тимот составен од средношколци од оваа образовна институција се пласираа на второто место. Натпреварите се дел од спортските активности кои се организираат во рамки на Асоцијацијата на училишта од Централна и Источна Европа (CEESA) чиј член е и „Нова". Покрај редовните турнири во фудбал, се одржуваат и натпревари по кошарка, крос кантри, трчање, одбојка, пливање, тенис и софтбол.

„Нова" со свои тимови учествува на овие фудбалските турнири за средношколци од октомври 2009 година и за овие десет години има освоено шест први и две трети места.

- За време на оддржување на овие турнири најчесто имаме ученици од повеќе од 40 националности со оглед дека учествуваат меѓународни образовни институции. Досегашното искуство е дека учениците кои како гости се задоволни од начинот на кој ги организираме овие турнири. Воодушевени се од гостопримството на нашите семејства кои ги отвораат своите домови за да ги сместат гостите за неколку ноќи и ја ценат дадената можност да го запознаат Скопје и да се дружат со своите врсници од „Нова". Токму комбинацијата од запознавање на нова култура, дружење со свои врсници од друго училиште и играњето на омилениот спорт е нешто што создава сеќавања кои долго траат – објаснува Александар Ристовски, координатор на спортската програма во „Нова".

Училиштата кои учествуваат на овие CEESA турнири се едни од најреномираните во Европа по повеќе параметри.

- Имаат импресивни училишни кампуси кои дозволуваат да се одвива едукативен процес соодветен за 21-виот век, со буџети на кои би позавиделе некои од нашите поголеми македонски компании. Дополнително ги имаат имплементирано најдобрите едукативни програми, исто како и „Нова", и регруритаат квалитетен кадар од целиот свет, којшто има долгогодишно искуство во меѓународното образование – објаснува Ристовски.

Тој посочува дека во „Нова" постои значителен интерес за програмата за фудбал која не е резервирана само за момчињата и секоја година повеќе од 30 средношколци (машки и девојчиња) се регистрираат како членови на фудбалските тимови. Тие тренираат заeдно вo текот на сезоната (од почеток на септември до средина на ноември) и на крајот на сезоната учествуваат на вакви меѓународни турнири.

Ѓоковиќ за еден час игра го победи младиот Беретини и му се приближи на Надал на тронот

Во Лондон почна завршниот АТП турнир на сезоната , а во првиот меч Новак Ѓоковиќ славеше против Италијанецот Матео Беретини до 6-2,6-1 за еден час игра.

Ѓоковиќ се бори со Рафа Надал за првото место на ранг-листата на АТП, при што Беретнини го имаше својот прв настап во финалето на АТП. Во оваа група вечерва играат Роџер Федерер и Доминик Тием, додека во другата група се Надал, Русинот Данил Медведев, Гркот Стефанос Циципас и Германецот Александар Зверев.

Надал има 640 бода предност пред Ѓоковиќ, а во финалето на АТП секоја победа во групата е вредна 200 бода, во полуфиналето 400, а триумфот во финалето носи 500 поени.

притисни ентер