Триста понуди на повикот за давање под закуп на земјоделско земјиште до три хектари

Близу 300 понуди за учество на јавниот повик за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до три хектари пристигнаа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Рокот за поднесување понуди за учество на јавниот повик заврши вчера.

Оттаму известуваат дека се работи за повик на кој за разлика од огласите за кои што МЗШВ ги објавува расположливите парцели, сега им се овозможило на земјоделците, доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку подготовка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик.

Од МЗШВ велат дека со оглед на тоа дека дел од понудите се праќани по пошта, се очекува да пристигнат уште понуди и конечната бројка ќе се знае во вторник следната недела. Потоа ќе следува евалуација на пристигнатите понуди и склучување на договорите со земјоделците.

Јавниот повик беше наменет за целокупното земјоделско земјиште во државата или за 34 региони. Целта на овој повик е да се стави во функција целото расположливо земјоделско земјиште, особено оние парцели што не се атрактивни и што се со понизок квалитет од четврта, петта, шеста, седма и осма класа, а кои што можат да се искористат за производство, се наведува во соопштението од МЗШВ.

Воедно, како што посочуваат од МЗШВ, огласите за давање на земјиште под закуп се основа за аплицирање за ИПАРД 2 програмата и ќе придонесат за зголемување на бројот на апликации за оваа програма.

Од МЗШВ информираат дека земјиштето за кое што ќе склучат договор треба да го искористат за подигање на долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзо растечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам.

„Си-Ен-Би-Си“: Успешно лансирана руска противсателитска ракета

Американските разузнавачи во декември минатата година потврдиле успешно тестиран нов руски противсателитски ракетен систем, дознава „Си-Ен-Би-Си“.

Телевизискиот канал се повикува на извори запознати со разузнавачкиот извештај за лансиран проектил на 23 декември 2018 година од мобилна лансирна платформа.

Се дознава дека ракетата за 17 минути прелетала околу три илјади километри и успешно ја погодила целта. Лансирањето било седмо такво тестирање на противсателитскиот систем „ПЛ-19 Нудол“, кој во 2018 година бил испитан два пати.

Еден од изворите изјавил дека ракетата е способна да уништи комуникациски и навигациски сателити кои се во ниската околуземна орбита. Така на пример, Меѓународната вселенска станица и телескопот „Хабл“ се наоѓаат во ниска околуземна орбита.

Американскиот претседател Доналд Трамп завчера ја претстави обновената стратегија за развој на американската противракетна одбрана која ги издвојува Русија, Кина, Иран и Северна Кореја како земји кои имаат ракетни арсенали способни да ги загрозат САД. Обновената стратегија открива дека САД развиваат систем за пресретнување на ракети во вселената, разместување на други бази за пресретнување на ракети на Алјаска и редица други мерки.

„Сакам да им укажам на сите оние кои во последните 15 години започнаа трка за вооружување, бараа придобивки на сметка на Русија и воведуваа незаконски санкции со цел да го запрат развојот на нашата земја: Нема да успеете да го запрете развојот на Русија“, изјави Путин во обраќање до нацијата во март минатата година.

ВМРО-ДПМНЕ со осуда за инцидентот што се случи врз новинарката Мирјана Мирчевска

ВМРО-ДПМНЕ остро го осудува инцидентот за време на денешната манифестација по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици, во кој беше повредена новинарката Мирјана Мирчевска, долгогодишно препознатливо медиумско лице.

ВМРО-ДПМНЕ остро го осудува инцидентот за време на денешната манифестација по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици, во кој беше повредена новинарката Мирјана Мирчевска, долгогодишно препознатливо медиумско лице.

Никој не смее да се служи со насилство, особено не на ваков ден, особено не против јавноста, против новинарите, оние кои се таму за да ја доближат оваа манифестација, оние кои го пренесуваат овој христијански чин преку медиумите.

Демократијата подразбира слободни медиуми и достапност до информации. Секое насилство против новинар е насилство против демократијата.

ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува и поттикнува медиумите уште повеќе да бидат присутни меѓу народот и уште поревносно да ја пренесуваат македонската традиција и културна посебност, да ја пренесуваат вистинската слика од и за Република Македонија.

МВР мора што побрзо да го расчисти случајот, а виновниците да бидат санкционирани.

Со почит,                  

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

СЕММ го осудува физичкиот напад врз новинарката на Канал 5 телевизија

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудува денешниот случај на физички напад врз новинарката на Канал 5 Телевизија Мирјана Мирчевска – Јовановиќ која известувала од манифестацијата за одбележување на Водици во Скопј

Инцидентот кој бил предизвикан кога новинарката била нападната од вработени во агенцијата за обезбедување „Никоб" ангажирана од МПЦ претставува напад врз безбедноста на новинарите при професионалното извршување на нивната работа. 

За СЕММ е целосно неприфатливо на каков и да е начин да се спречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од закани и притисоци.

Државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување.

притисни ентер