Сите институции се подготвени во случај на нови врнежи од снег

Управувачки комитет за координација и управување во системот за управување со кризи на вчерашниот состанок заклучил дека сите институции се подготвени во случај на нови врнежи од снег.

Вчера, во просториите на Центарот за управување со кризи, се одржа 10-та седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи со кој претседава министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. На седницата беше анализирана состојбата со врнежите од снег, ниските временски температури и отсечени/завеани населени места во Република Македонија.

Членовите на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, секој во својот делокруг на надлежност, ги презентираа информациите со кои располагаат во однос на состојбата, со акцент на најкритичните точки кои имаат итна и неопходна потреба за теренска интервенција и констатираа дека службите на сите надлежни институции навремено, одговорно и професионално имаат пристапено при справување со состојбата поврзана со снежното време.

Согласно најавите од страна на УХМР за нови снежни врнежи во наредниот период, a со цел уште поголема ефикасност во справувањето, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи донесе неколку заклучоци:

Сите граѓани на Република Македонија коишто сметаат дека се загрозени, како и сите граѓани коишто имаат сознанија дека други граѓани може да бидат загрозени од снежното време и ниските временски температури, да се јават на бесплатниот телефонски број 195 во Центарот за управување со кризи, со цел нивно понатамошно навремено доставување на информациите и податоците до сите надлежни институции;

Да се активира Главниот штаб, истиот да биде во континуирано заседание и да се следат тековно состојбите предизвикани од снежното време и ниските временски температури во Република Македонија;

Главниот штаб имајќи ги предвид временските прилики, како и расположливата опрема (материјално – технички средства, механизација и слично), во соработка со сите надлежни институции (Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на Република Македонија) во текот на денешниот ден да направи прецизна процена на состојбите на терен, план за постапување и идентификација на итни потреби согласно теренската состојба, како и потреба и локации за доставување на хуманитарна помош, храна и лекови.

Полициските сили на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија да бидат подготвени за итни интервенции доколку е потребно;

Министерството за внатрешни работи, во соработка со ЈП „Македонија пат“ да го зголемат бројот на дежурни служби и сообраќајни контроли и патроли, особено на повисоките места, кои ќе ги предупредуваат возачите за задолжително поседување на зимска опрема, но и медицинска кутија за прва помош, а по потреба ќе информираат и за забрани за движење и пренасочување на тешки товарни возила;

Сите институции да бидат во постојана комуникација и координација, во функција на навремено преземање на превентивни мерки и активности и притоа сите информации и активности што се поврзани од снежното време и ниските временски температури во Република Македонија, навремено да бидат доставувани до Центарот за управување со кризи, со цел нивно понатамошно дистрибуирање и навремено постапување;

Возилата и механизацијата на ЈП „Македонија пат“ да бидат во постојан и континуиран ангажман, со цел одржување на возната состојба на патиштата и нормална проодност на истите;

Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Црвениот крст на Република Македонија, веднаш да ги преземе сите потребни активности за навремено и превентивно згрижување на сите бездомни лица, не само од територијата на Град Скопје, туку од целата територија на Република Македонија, како и навремено доставување на неопходни лекови или други медицински средства и слични неопходни потреби;

Министерството за здравство, во текот на денешниот ден, во сите служби за итна медицинска помош низ Република Македонија да подготви план за постапување, да определи број на екипи и протокол за функционирање и постапување во услови на постоење на снежно време и ниски временски температури во Република Македонија;

Министерството за здравство, во соработка со Агенцијата за лекови веднаш да направат анализа/проценка за евентуална потреба од достава на лекови до граѓаните кои имаат потреба од достава на лекови, а особено да се направи проценка преку системот на Управата за електронско здравство за тоа на кои лица кои примаат хронична терапија ќе им биде потребно достава на лекови, согласно подрачјето на живеење, особено во повисоките места;

Министерството за здравство веднаш да достави наредба до сите ургентни центри во Република Македонија, со цел нивна целосна подготвеност и мобилност (со материјал, опрема и кадар) во случај на зголемена потреба од давање на здравствени услуги за време на снежното време и ниските временски температури во Република Македонија;

Сите градоначалници веднаш да ги стават во користење сите расположливи ресурси (материјално – технички, кадровски, опрема, механизација и слично), а доколку имаат потреба од дополнителна помош од технички ресурси, во случај да не можат да се справат со снежното време преку своите расположливи ресурси/или при нивно целосно исцрпување, во тој случај да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување;

Сите градоначалници веднаш да ги мобилизираат кризните штабови во нивните општини и во нив да ги вклучат локалните претставници од Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи.

На седницата присуствуваа и членовите на Управувачкиот комитет, м-р Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, д-р Венко Филипче, министер за здравство, Мила Царовска, министер за труд и социјална политика и м-р Агрон Буџаку, директор на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена.

Покрај членовите, на седницата беа присутни и Андреј Жерновски, заменик на министерот за надворешни работи, Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Гајур Кадриу, директор на ЈП „Македонија пат – Скопје“, Зоран Велков од ЈП за државни патишта, претставници од Генералштабот на Армијата на Република Македонија, како и претставници од Центарот за управување со кризи и од Министерството за одбрана, се наведува во соопштението од Владата..

Драмски театар Скопје ја именува големата сцена „Ристо Стефановски“

Драмски театар Скопје ја именува големата сцена „Ристо Стефановски“, промовира и негова монографија.

Драмски театар - Скопје ја именува својата голема сцена во „Ристо Стефановски“, кој беше театролог, театарски работник, театарски историчар и долгогодишен директор на оваа културна установа (1957-1983). Беше промовирана и монгорафијата „Ристо Стефановски“.

Ристо Стеафновски е роден на 5 декември 1928 година во Скопје, кој на 22 април 1957 година бил назначен за директор на Куклениот театар, подоцна преименуван во Младинско-детски театар и на крај преименуван во добро познатиот Драмски театар во Скопје, каде бил директор повеќе од 25 години.

Промоторката на монографијата „Ристо Стефановски“ Искра Гешовска потенцира дека Стефановски не е само втемелувач на Драмскиот театар, туку и на современиот македонски театар. Додаде дека тој е најпрогресивниот директор, со визија и со непрегорност, не само за театарот туку и генерално, за институционалната култура и за она што треба да значи и како треба да се развива стратешки една институција од сферата на културата.

Директорката на Драмски театар Викторија Рангелова Петровска информира дека Стефановски ја отвора вратата, го зацртува патот, ја создава основата, и низ годините ги води најголемите премрежиња, борби и победи на Драмски театар.

-Најистакнатите македонски театарски режисери, драмски автори, актери и останатите креативни чинители, ќе имаа понеизвесен пат во градењето на професионалната кариера доколку не добиваа отворени можности од страна на Стефановски. Оттука тој не работеше само за растењето на Драмски театар, туку делуваше во целокупниот културен растеж на државата. Неговата визија, умешност и сеопфатна посветеност, им овозможи на соработниците и вработените во Драмски, по секој постигнат успех да зрачат со неподнослива гордост и оправдана ароганција. Стефановски успеа вредносните критериуми да ги постави високо на скалата и никогаш не отстапи од нив. Тој имаше свој правилник за успех по кој мора да се делува, потенцира Рангелова Петровска.

Додаде дека и денес некои од нивните колеги од другите театари на шега го нарекуваат Драмски „домаќински театар“.

-И домаќинлукот му го должиме на Ристо, тој/тоа е седмото правило од прирачникот за успех, потенцира Рангелова Петровска.

Промоторката на монографијата „Ристо Стефановски“ Искра Гешовска информира дека Драмскиот театар - Скопје му оддава чест на Ристо Стефановски, кој е втемелувач, основач, поставувач на визионерските и стратешките насоки на понатамошниот негов развој.

-Со ова монографско издание за Ристо Стефановски, како и со именувањето на големата сцена на театарот се покажува дека не само што има јадра кои пркосат на оваа доминантна култура на заборавот, туку и дека постои јасно проникнување во втемелувањето на она што значи императивна вредносна вертикала, потенцира Гешовска.

Посочи дека монографското издание внимателно уредено од Александра Бошковска, е важен придонес кон аргументацијата за историското значење на Ристо Стефановски, не само за Драмскиот театар, туку за историјата на современиот театар. Во него се поместени делови од неговите дневнички записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и соработниците на Стефановски, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со целокупната дејност на Стефановски. Станува збор за концентриран, систематично сублимен преглед, или, како што рече, ако сакате резиме, на еден столб во македонската современа култура.

-Ракописот на оваа монографија, ни потврдува дека Ристо Стефановски, не само што е од оние ретките во нашата култура кои со љубов и врвно знаење работела во сферата на менаџирањето, развивањето и архивирањето на театарот, како една од најкомплексните институционални структури, туку, уште поважно, според фактите на историјата на македонскиот театар, како уникатно посветен директор и театролог тој дава непроценливо важен и единствен придонес за осовременувањето, еманципирањето на театарот и во организациска смисла и во репертоарна смисла, потенцира Гешовска.

Речиси три четвртини од Полјаците се против испраќање полски и НАТО војници во Украина

Речиси три четвртини од Полјаците (74,8 проценти) не сакаат полски или НАТО војници да бидат испратени во Украина.

Речиси три четвртини од Полјаците (74,8 проценти) не сакаат полски или НАТО војници да бидат испратени во Украина, додека само 10,2 проценти од нив го поддржуваат ова решение, покажа анкетата на Институтот за пазарни и социјални истражувања (ИБРИС), спроведено по барање на полскиот весник „Речпосполита“.

Според истражувањето, 15 отсто од испитаниците немаат мислење во врска со тоа.

„Иако Полјаците не сакаат да испратат војници во Украина, тие се согласуваат да започнат преговори со НАТО и Украина за проширување на воздушната одбрана на територијата во близина на границата и овозможување соборување на руски ракети или беспилотни летала кои летаат кон Полска“, се наведува во истражувањето спроведено на крајот на февруари.

Се додава дека дури 69,3 отсто од испитаниците го поддржале ваквото решение, 17,6 отсто биле против, а 13,1 отсто немале мислење.

Мицкоски: Не очекувам власта да престане со црната кампања, ние ќе водиме позитивна кампања

Не очекувам власта да престане со црната кампања, додека ние ќе водиме позитивна кампања со проекти и решенија на проблемите.

Црната кампања е карактерна особина на оваа влада. Не очекуваме дека ќе престане таа нивна црна кампања која изобилува со монтажи, со навреди, со многу измислици и клевети, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на Општина Гевгелија, запрашан од новинарите дали во пресрет на почеток на изборната кампања очекува фер кампања од власта.

Тој истакна дека, што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, нема да води црна кампања затоа што македонските граѓани знаат дека Македонија од осамостојувањето немала полоша влада, од оваа на СДСМ и ДУИ и затоа ќе води позитивна кампања со презентација на проекти и решенија за проблемите на граѓаните.

„Нашата цел е во оваа кампања да водиме позитивна кампања, односно да зборуваме за проекти и да зборуваме за решенија на проблемите на граѓаните, а не да се оптеретуваме со тоа, кој колку бил лош бидејќи сите граѓани знаат дека владата на СДСМ и ДУИ беше лоша. Односно, да бидам попрецизен, полоша влада од осамостојувањето на Македонија немало“, рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ:

притисни ентер